• вторник, 19 ноември 2024

Мултимедијална промоција во Тетово на романот „Водена приказна“ од авторот Александар Кукулев од Велес

Мултимедијална промоција во Тетово на романот „Водена приказна“ од авторот Александар Кукулев од Велес

Тетово, 29 март 2024 (МИА) - Во Тетово вечерва се одржа промоција на романот „Водена приказна“ од авторот Александар Кукулев од Велес, што е издаден во 2022 година.

За содржината на романот, промотивниот дел го почна професорката по македонски јазик Ружа Ѓорѓеска, која истакна дека читањето на оваа книга создава бура на емоции, револт и тага за трагична судбина на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, особено во градот Воден и околните села.

- Станува збор за приказна која во себе ја содржи секоја прокоба на македонскиот народ и која ни кажува дека македонската голгота не престанала. Сегашноста и минатото се испреплетени меѓу себе што Сашко успеал во еден убав книжевен наратив да ни го долови преку „Водената приказна“. Книгата е симбол на страдањата на целиот македонскиот народ во Ендопско маало во Воден каде живееле Македонци кои преживувале страшни ѕверства коишто не може да ги замисли човечкиот разум. Секоја раскажана приказна на луѓето од Ендопското маало е приказна сама за себе, меѓутоа е една е горчливата вистина којашто боли до сржта на душата, боли за Марија, за Ѕвездана или за луѓето од Русилово кои биле убиени со напалм бомби, истакна Ружа Ѓорѓевска.

Промоцијата ја продолжи историчарот и публицист Бранислав Светозаревиќ - Покорни. Тој посочи дека приказната е водена од авторот со проникливо око и сетило при што на мајсторски начин пренесува две вистинити тажни приказни на Македонците.

- Првата водена приказна не враќа во Граѓанската војна во Грција која се истурила врз невините Македонци по Втората светска војна и втората водена приказна не соочува со современите последици од таа војна врз преживеаните Македонци од пеколот кој им го приредиле монархо-фашистичките грчки воени сили со помош на британските пилоти, кои првпат во историјата, токму врз Македонците ги истуриле пеколните напалм бомби, истакна Светозаревиќ.

Читателот во оваа книга може многу да научи за македонскиот пиреј, но да се соочи и со тешката судбина, која му нанесе длабоки рани на живото македонско тело како вулкански кратери, посочи промоторот.

- Но, еден кратер, е најболен, создаден од туѓите пропаганди кои ги поделиле Македонците, како проколнати меѓу себе да се бијат и убиваат. Македонецот да биде најголем непријател на Македонецот. И кога за тоа прашање Александар ќе го праша комунистот Мичо: Никогаш не сум те прашал, господин Мичо, жалиш ли што Граѓанската војна тука заврши така како што заврши? Мичо ќе ја одговори клучната реченица, којашто до ден денес има пресудно значење за сите нас: „Не ми е жал, само порано разбравме дека ние Македонците не научивме да се сакаме еден со друг.“ Мичо продолжува да вади податоци од архивата на неговите спомени: „Во големата војна, ние не се боревме само против грчките монархофашисти, се боревме против Македонците што отидоа да се борат на страна на Грците, против Македонците што се бореа на страна на Бугарите, се боревме против влашкиот легион, се боревме против комитаџиите, кои пак, беа Македонци. Отсекогаш бевме раскарани, и се боревме сами со себе. Така е отсекогаш, така и денес, посочи Светозаревиќ.

Авторот Кукулев прочита дел од книгата која ги опишува страдањата на гладните деца во Воден, а потсети и на вистиниот настан кој му бил прераскажан, дека еден од британските пилоти кој исфрлил напалм во селото Русилово, во 1989 година како старец дошол да се извини.

-„Водена приказна“ е една приказна која е напишана со многу чувства, со многу емоции со многу љубов. Беше прашањето дали треба да биде толку ригорозен јазикот на кој е напишана. Дали работите кои се случувале треба да се наречат така, дали настаните треба да се опишат со сета своја суровост со кои изобилуваат. Одлучив дека работите ќе бидат раскажани како што се случувале, без разлика му се допаѓале на некого или не, истакна авторот.

Во мултимедијалното претставување на приказната од книгата, присутните имаат можност да слушнат делови од романот, како и песни од Македонците од Егејскиот дел на Македонија.

Александар Кукулев е роден во 1971 година, а „Водена приказна“ негов трет роман. Работел 18 години како новинар. ас/мд/

фото: МИА 

Остани поврзан