• петок, 22 ноември 2024

Мојсоска за МИА: Секое национално признание годи и ве прави горди!

Мојсоска за МИА: Секое национално признание годи и ве прави горди!
Битола, 16 јануари 2022 (МИА) - Универзитетскиот професор д-р Наташа Мојсоска е добитник на годинешната награда „Проф. д-р Станимир Јовановски“ која за 2021 година ја додели националната Комора на овластени архитекти и овластени инженери. Високото признание на д-р Мојсоска, раководител на електротехничкиот отсек при Техничкиот факултет во Битола, е за нејзиниот континуиран и исклучителен придонес во развојот на инженерската струка од одделението за електротехника на Комората на овластени архитекти и овластени инженери. Колкав период од вашиот ангажман и придонес во електротехниката анализирала Комората за овластени архитекти и овластени инженери за да одлучат да ве наградат? - Моето 24 годишно работно искуство е исполнето со различни ангажмани, како на полето на апликативната дејност во однос на проектирањето, ревизијата и надзорот на градби од фазата електротехника, така и во наставната, наставно-научната и истражувачката дејност. Можеби мал удел има членувањето во разни комисии за акредитација, за самоевалуација, за оценување на трудови, работни групи за изготвување на елаборати, рецензензирање на научно-истражувачки проекти и три меѓународни проекти во кои сум дел од тимот. Исто така, имам објавено голем број научни, стручни и истражувачки трудови во еминентни журнали и домашни списанија, презентирани на конференции, симпозиуми и советувања. Претпоставувам дека и тоа беше еден од факторите за да бидам кандидирана за наградата, но сметам дека многу поголема тежина членовите на одборот им дале на проектите кои ги имам сработено за време на мојата кариера, пред се како инженер во одделението за електротехника за да донесат одлука за наградата која за мене е исклучително признание. Секое национално признание годи, првенствено ве прави горди, но и обврзува за понатамошна квалитетна и успешна работа. Зошто наградата се вика „Проф. д-р Станимир Јовановски“? - Името на истакнатиот професор Станимир Јовановски (1926-2011) е вградено и во македонската енциклопедија, исклучителна личност од академската заедница кој својата стручност ја оформил во Институтот „Молотов“ во Москва, Електротехничкиот факултет во Белград, престојувал и работел во Франција и САД, докторирал во Загреб, а како професор работеше на Електротехничкиот факултет во Скопје. Во 1969 година професорот Јовановски ја добил и државната награда „11 Октомври“, признание кое сигурно влијаело Комората во 2013 година да востанови награда со неговото име. Она што би сакала да го потенцирам е и тоа, дека лично го познавав професорот, ми предаваше на постдипломските студии, така да добивањето на наградата со негово име навистина за мене е нешто драгоцено. Кои конретни проекти би ги истакнала, а се во функција на националната награда што ја добивте? - Имам изработено преку 160 проекти, ревидент сум била на над 240 проекти, а како надзор сум учествувала при 24 објекти. Дел од објектите кои ги имам проектирано и се во функција се Гимназијата Јосип Броз Тито во Битола, проект кој ми е посебно драг, сега од второто полугодие учениците ќе слушаат настава во комплетно реновиран објект, реновирањето и адаптација на ЈЗУ Клиничка болница, Битола, Центар за управување со кризи-Скопје, Факултет за информатичко компјутерски технологии ФИКТ-Битола, потоа Меморијалниот музеј на Француските гробишта во Битола, Лабораторијата за матични клетки во Битола, реконструкција на Општинската зграда во Новаци и многу други станбени и деловни комплекси. Исто така вршев ревизија на техничката документација за повеќе објекти од кои би ги спомнала КАМ МОЛ-Скопје, Фотонапонски централи во Попова Кула, во с. Лисолај, ЗОО-Битола, Тумбе Кафе, реконструкција на затворот во Битола, како и лабараторија за детекција на вирусот SARS CoV 2 (COVID 19) исто така во Битола. Во моето портфолио се и надзорот на повеќе објекти како што се биогасните централи од 3МW во с. Породин и с. Логоварди, КАМ Мол центарот во Битола, Веро-џамбо Битола, реконструкција на Куќата на Татарчеви во Ресен, хемиска и биолошка лабараторија во Битола, реконструкцијата на Спортската сала „Боро Чурлевски во Битола и други. Дали во вашата професија „се гледа“ на родова еднаковост? - За електроенегетичар/ка нема родова еднаквост (се насмевнува). Или те бидува, или не те бидува. Факт е дака во нашата струка има многу жени професорки на факултетите, меѓутоа на објекти поретко може да се видат елетроинженерките. Јас подеднакво се вложувам и учествувам и кога сум на факултет со колегите студенти, но и на било кој објект заедно со инженерите од различни стручни профили, бидејќи на објектите усогласувањето помеѓу сите фази мора да биде координирано, се со цел изградбата да биде во ред. Во рамки на факултетот сум едуцирала стотици студенти и притоа секогаш се трудам на моите идни колеги да им посочам за тоа колку технологијата е битна во проектирањето, како и посветеноста, точноста и примената на стандардите и нормите бидејќи тие сепостојат за да се почитуваат. Среќна сум кога ќе видам или чујам дека некој наш студент почнал да работи и пред да дипломира, практикувајќи ги своите знаења добиени на нашиот Технички факултет, односно електротехничкиот отсек. Каде ја споделувате вашата експертиза, знаења и академско искуство? - Освен што ја имам таа привилегија да сум професор на факултет и дирекно да им го предадам знаењето и искуството на моите студенти и со позитивните и со негативните примери од праксата, разменувањето искуства е во рамки на стручни собири, конференции, тркалезни маси и собири со стручната фела. Член сум на стручни здруженија и организации како што се Здружението на енергетичари на Македонија ЗЕМАК, Македонскиот комитет за големи електрични системи МАКО ЦИГРЕ, Комората на овластени архитекти и овластени инженери КОИА и Македонското научно друштво Битола-МНД од каде во рамки на јубилејот на Друштвото, 60 години МНД-Битола добив благодарница и Кристална коцка за особен придонес во развојот на МНД-Битола. Патем, со задоволство членувам во ИНЕР ВИЛ клубот, кој е непрофитабилна хуманитарна организација која повеќе пати во годината прави проекти од сопствени средства на членките и донира за луѓе од најранливите категории, за време на пандемијата дониравме скафандери и друга опрема во болницата, како и повеќе донации за поедицни и институции кои ме прават среќна и задоволна, рече универзитетскиот професор д-р Наташа Мојсоска, добитник на годишната награда „Проф. д-р Станимир Јовановски“ што ја доделува националната Комора на овластени архитекти и овластени инженери. Марјан Танушевски

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан