Мојсовска: Секоја поддршка во земјоделството е добредојдена, но кога таа е навремена е многу поефикасна за следното производство
- Секоја поддршка во земјоделството е добредојдена, но кога таа е навремена, е многу поефикасна за следното производство, рече денеска во изјава за МИА, Васе Мојсовска, земјоделка, претседателка на Националната федерација на фармери, осврнувајќи се на резултатите од годинава што изминува и очекувањата во наредниот период.
Неготино, 31 декември 2024 (МИА) - Секоја поддршка во земјоделството е добредојдена, но кога таа е навремена, е многу поефикасна за следното производство, рече денеска во изјава за МИА, Васе Мојсовска, земјоделка, претседателка на Националната федерација на фармери, осврнувајќи се на резултатите од годинава што изминува и очекувањата во наредниот период.
- Помина уште една година исполнета со многу предизвици и проблеми за нас земјоделците, ќе ја помниме по големата суша што владееше и која предизвика огромни проблеми во производството на земјоделските производи и значително го намали производството кај многу земјоделски култури. Во некои делови на Македонија од мај до ноември немаше ни капка дожд, а проблемите со водоснабдувањето во тиквешкиот, овчеполскиот и други региони, дополнително придонесоа за квантитетот и за квалитетот на земјоделските производи, истакна Мојсовска.
Таа нагласи дека малите приноси во земјоделството не се само финансиска штета за земјоделците, туку и за државата. Притоа потсети дека земјоделството веќе 15 години по ред се соочува со проблемите од климатските промени.
- Секоја година како држава имаме огромни финансиски загуби од обилните дождови, градот, раниот и доцниот мраз, поплави, суши и слично. Земјоделците, финансиски не се моќни сами да се заштитат од климатските промени и од штетите и загубите од нив, тука треба да се помогне со поголеми поддршки, јас би рекла и 100 проценти поддршка за заштита. Инвестиции во заштитни мрежи, анти фрост системи, системи кап по кап, нови и функционални системи за наводнување, заштитни фолии и инвестиции во сорти отпорни на климатските промени, подвлече таа.
Мојсовска истакна дека клучна улога во целото земјоделско производство имаат директните поддршки, субвенциите и поддршките од националната програма и од ИПАРД. Затоа, додаде, е многу битно, тие поддршки да се добиваат навреме, кога се потребни во инвестирање за производството.
- Исплатата што се изврши пред некој ден на основните субвенции за сите култури за 2024 година, позитивно ќе влијаат во инвестирањето на производството на земјоделските култури за следната година. Со тие поддршки земјоделците ќе можат навреме да си набават ѓубриво, семенски и саден материјал, да си ги изораат, подготват нивите за следната производна сезона. Ние земјоделеците кои единствено се занимаваме со земјоделство, овие поддршки кога се добијат на време, многу ни се битни во инвестирањето за да го продолжиме земјоделското производство. Затоа апелираме оваа пракса да продолжи во иднина и сите субвенции да се добиваат во времето кога им се потребни на земјоделците, тоа е наше барање долги години и еве почнува да се реализира, нагласи Мојсовска.
Таа додаде дека земјоделците регистрирани како мали оператори на храна, кои своите земјоделски производи ги преработуваат во производи со додадена вредност и полека можат да станат дел од конзервната индустрија, имаат потреба од поддршка во опрема и нова технологија за да си ја олеснат работата а и да прават количини. Притоа нагласи дека токму овие мали оператори на храна кои сега продаваат од куќен праг во руралните средини, можат да ја раздвижат руралната економија и да инвестираат во руралните средини, па да преминат во мали фабрики, што ќе вработат рурално население, ќе имаат можност да откупуваат од локалните земјоделци и да се направат нови брендови, од преработките на земјоделски производи. Затоа, подвлече дека е многу важно, да продолжат и да се зголемат грантовите токму за овие земјоделци, мали оператори на храна и земјоделци кои се регистрирани како семејни винарии.
Мојсовска рече дека тука секако може да се помогне во овој дел и за инвестиции за енергетска ефикасност на земјоделските стопанства. Да се намалат трошоците за електрична енергија и инвестиции во рационално користење на водените ресурси.
-Инвестициите во системите за наводнување и реконструкција и функционалност на постоечките системи за наводнување, се клучни во земјоделското производство и затоа овде треба многу заложби. Земјоделството кај нас има многу потенцијал, но треба да се најдат вистинските патишта по кои ќе се движиме. А, тоа е, што сакаме да произведуваме во иднина, што треба да произведуваме, за што имаме услови, кои производи ни носат пари во државниот буџет, како ќе ги поддржиме производителите, кои пазари ќе ги таргетираме, како ќе се заштитиме од климатските промени, како ќе ги мотивираме младите да останат во селата и да работат земјоделство, дали ќе им обезбедиме еднакви услови за живот на младите во руралните средини како на младите во урбаните средини.
За да се одговорат овие прашања и цели, подвлече таа, треба посветено сите да работат во ланецот земјоделство.
- Сите алки треба да се вклучени, а тоа се земјоделците, откупувачите, државните институции, науката и локалните самоуправи. Мислам дека само сите треба да имаме општествена одговорност а и партнерски однос со сите чинители, за да имаме успех и да имаме зголемено земјоделско производство и да не бидеме зависни од увоз на храна.
Штета е да увезуваме храна а да имаме услови за производство, изјави Мојсовска, честитајќи ги на сите празниците и посакувајќи здравје, среќа, мир и слога во семејствата, а на земјоделците и многу род во земјоделските стопанства и фарми. свд/
Фото: Васе Мојсовска