• понеделник, 23 декември 2024

Мојсова-Чепишевска: Делото на сесловенските просветители нè обврзува – и ние секогаш да се бориме за македонските писмо, јазик и книжевност

Мојсова-Чепишевска: Делото на сесловенските просветители нè обврзува – и ние секогаш да се бориме за македонските писмо, јазик и книжевност

Скопје, 24 мај 2024 (МИА) - Нека ни е честит Денот на сесловенските просветители! И да не заборавиме на сето она на што нивното дело нè обврзува, особено нас во чијашто традиција е многу присутен култот кон нив. Светите браќа Кирил и Методиј не се случајно избрани. И не е случајно што тие за свој изворник ги избрале говорите од Солунско! Тие биле избраните и со знаење и со дипломатија да се изборат за наше, словенско писмо и на Словените да им се овозможи слободна официјална употреба на својот, мајчин јазик. И ние, денес, треба секогаш да се бориме за нашето македонско писмо, за нашиот македонски јазик и за велелепната книжевност што се создава со него. Зашто како што порача св. Кирил – сонцето подеднакво свети за сите!

Ова го порача универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, во „Македонија наутро“ на јавниот сервис.

Таа се осврна и на состојбите во македонистиката, при што истакна дека од 1946 година, Филолошкот факултет „Блаже Конески“ е бастионот на развивањето и грижата за македонскиот јазик. Како што посочи, и денес имаме студенти што ја гарантираат иднината на македонистиката.

Мојсова-Чепишевска се осврна и на 75-годишнината на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и на она што е потребно за натамошниот развој.

– Неслучајно е што имињата на сесловенските просветители се во темелите на нашиот Универзитет. Но името на Универзитетот многу обврзува и треба често да си го поставуваме прашањето на Крсте Мисирков: „Што направивме и што треба да направиме за однапред?“ Не само со бројки и статистики, туку со квалитетот на нашето работење, со посветеност да се вложи во знаењето на најдобрите, истакна таа.

Таа ги напомена и потребите од вложувања во информатиката, модернизацијата во наставата итн., но сепак, задржувајќи се на квалитетот на работењето и на кадарот што произлегува од студентките клупи.

– Не е важно дали се 5000 студенти само како бројка, туку важно е дека се вистинските 500 студенти што навистина го сакаат она што го студираат, во нив да се вложи максимумот и потоа тие да можат професионално да се вложат во нашето општество, илустративно посочи Мојсова-Чепишевска.

Во тој контекст и напомена колкава е важноста што на Катедрата за македонска книжевност и култура студираат токму оние што навистина ја сакаат книжевната македонистика и што може токму ним во наставата да им се посвети целосно внимание и да им се пренесат знаењата.

Одговарајќи на прашањата и за интересот за македонистиката во странство, меѓу другото посочи дека посветеноста на странските македонисти се темели и на нивниот интерес за нашата приврзаност кон сесловенските просветители и нивните ученици.

– Сите треба да се заложиме и да си го почитуваме македонскиот јазик, порача Мојсова-Чепишевска. нд/

 

 

 

Остани поврзан