• понеделник, 23 декември 2024

Мојсова-Чепишевска во Вроцлав: Преку современата македонска книжевност и Скопје се приклонува на плејадата современи книжевни метрополи

Мојсова-Чепишевска во Вроцлав: Преку современата македонска книжевност и Скопје се приклонува на плејадата современи книжевни метрополи

Скопје, 27 октомври 2023 (МИА) - На плејадата современи книжевни метрополи, со творештвото посветено на него од македонските писатели и тоа и она што зборува со носталгичен тон, и она што се претвора во бунт, се приклонува и нашето Скопје. Тој книжевен град, истовремено, колку што станува наш, денес, толку станува и туѓ, светски, нечиј и сечиј град, истакна професорката Весна Мојсова-Чепишевска, во својот реферат на втората пленарна сесија на меѓународната научна конференција „Вроцлавски македонистички средби: јазик, литература и култура“.

Конференцијата е во организација на Универзитетот во Вроцлав, по повод јубилејот 30 години македонско-полски дипломатски односи.

Таа потенцираше дека стиховите на македонските поети ја дополнуваат книжевната карта на Скопје или „кажано со зборовите на Влада Урошевиќ тие се стихови во кои живее двојникот на Скопје, но и вербата во убавото и хуманото“.

-Во свечената Леополдинска аула, во која пред точно половина век Блаже Конески бил прогласен за почесен доктор нa науки на Вроцлавскиот универзитет, стиховите на македонските поети за Скопје одекнаа преку исчитувањето на Мојсова-Чепишевска на „малата“ антологија во книгата „Варшава го ицртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска, која годинава беше објавена и во превод на македонски јазик. Конески е најзастапениот автор во оваа книга, и тоа не само како поет. Во книгата на Нетман-Мултановска, уште многу рано се воведува името на Блаже Конески, користејќи го неговиот есеј „Во земјотресот“ поместен во книгата „Дневник по многу години“, како исклучително за неа значаен извор, иако самиот Конески не бил во Скопје за време на земјотресот, додава Мојсова-Чепишевска.

Но, како што додава, тој ја истакнува неговата клучна улога во исправната одлука да влијае и да не дозволи да дојде до дислоцирање на Скопскиот универзитет. 

Клучно, во својот реферат, универзитетската професорка го отвара прашањето како во својата исклучителна документаристичка проза за градот феникс, Кинга Нетман-Мултановска успева да создаде и исцрта и една книжевнотопографската карта на Скопје.

- Таа тоа го прави многу внимателно, доста суптилно. Го исцртува преку избраните стихови на 23 автори  од различни генерации, дури и со автори кои творат во Кралството Југославија, како оние стихови на Кочо Рацин и на Коле Неделковски пишувани и објавени на македонски или на Ацо Караманов пишувани на тогашниот српскохрватски, со автори кои го покажуваат поархаичниот слој на веќе стандардиозираниот јазик, како Лазо Каровски, Гого Ивановски, до најмладите, како Биљана Стојановска и Ѓоко Здравески, со вкупно 39 избрани фрагменти од одредени песни на тие дваесет и тројца, вели професорката.

Анализирајќи ја „малата“ антологија, Мојсова-Чепишевска истакна дека Кинга Нетман-Мултановска има неверојатен усет кога да го вметне „украсот“, како и тоа кој „тип украс“ да избере. И, секако, како да го вметне.

Преку книгата „Варшава го исцртува Скопје“ на Нетман-Мултановска, во рефератот, Мојсова-Чепишевска загатна и други, културолошки прашања, вклучително и за архитектонскиот, градежен судир на истокот и западот, преку концептот за новиот град изникнат од урнатините, оној на Кензо Танге и неговиот ангажман во обновата на Хирошима кој му пркоси на Адолф Циборовски и неговиот влог во изградбата на тотално уништената Варшава.

И како што вели Нетман-Мултановска „денеска никој веќе не размислува кој го направил Јапонецот прв градежник на градот“, ама неправдата треба да се исправи дека вистинската легенда на модерното Скопје не е Кензо Танге, туку токму Адолф Циборовски.

Меѓународната научна конференција „Вроцлавски македонистички средби: јазик, литература и култура“, Универзитетот во Вроцлав ја организира во соработка со македонскиот амбасадор во Полска, Илија Палтиров, и полскиот амбасадор во Македонија, Кшиштоф Гжелчик. Конференцијата продолжува и денес, а Мојсова-Чепишевска и ќе претседава со една од сесиите.бт/са/

Остани поврзан