• сабота, 23 ноември 2024

МОН: Изборот на наставници во МИГ е согласно критериуми за стручни лица, недозволиво е учениците да се поттикнуваат на бојкот

МОН: Изборот на наставници во МИГ е согласно критериуми за стручни лица, недозволиво е учениците да се поттикнуваат на бојкот

Скопје, 9 февруари 2022 (МИА) - Изборот на наставници во Математичко-информатичката гимназија (МИГ) е извршен согласно критериуми за избор на стручни лица и само еден од наставниците кои досега беа ангажирани во училиштето како стручни соработници не е избран повторно преку новиот оглас, велат од Министерството за образование и наука за МИА во врска со бојкотот од ученици во оваа гимназија откако училиштето објави оглас за ангажирање наставници по неколку стручни предмети.

 МОН укажува дека согласно Законот за Математичко-информатичка гимназија, за ангажирање наставен кадар, односно надворешни стручни лица, по добивање на согласности од МОН, односно од Министерството за финансии, училиштето објавува јавен оглас.

 -По завршување на рокот од последниот објавен оглас, разгледани се сите документи на кандидатите кои навремено доставиле комплетна документација. Изборот е извршен согласно критериуми за избор на стручни лица, согласно Критериуми за ангажирање на истакнати стручни лица по договор на дело. Само еден од наставниците кои досега беа ангажирани во училиштето како стручни соработници, не е избран повторно преку новиот оглас, наведува МОН.

 Со изборот на наставниците по огласот што го објави Математичко-информатичката гимназија не се задоволни ученици кои излегоа на бојкот бидејќи се сомневаат  во  нивната стручност. Го бараат квалитетот кој, како што велат, им е гарантиран со закон и сметаат дека со новоизбраните професори нема да го добијат.

 Од МОН за МИА во врска со бојкотот одговорија дека е  „апсолутно недозволиво поради таа причина да се поттикнуваат ученици на протест и бојкот на наставата“.

-Тоа се случи во текот на вчерашниот ден, кога дел од учениците, односно една паралелка во попладневната смена, не дојде на настава. Тоа не оди во прилог и не може да ги задоволи најдобрите интереси на учениците, чие место е во училишните клупи, велат од МОН.

 Организацијата на наставата, посочи МОН, е надлежност на самото училиште, односно на директорот. 

 -Пропуштените часови кои ги реализираат стручните лица ќе се надоместат во текот на второто полугодие во договор помеѓу професорите и учениците, со што ќе се остварат сите цели предвидени во наставните програми по кои работи ова училиште, додава Министерството за образование и наука.

 Поради зафатеност со состанок, како што рече, директорката на МИГ Јулија Гајдаџиева не одговори на барањето да ни ја појасни постапката за избор на наставниците и дали и денеска продолжил бојкотот наставата во училиштето.

Од 23 јануари, кога почна второто полугодие, учениците во МИГ немаа настава по осум стручни предмети затоа што наставниците што им ги предаваат не ги држале часовите поради истечените договори на 31 декември.

 Министерот за образование и наука Јетон Шаќири на прес-конференција минатиот вторник рече дека очекува наставата да продолжи за три дена (до крајот на минатата работна недела) откако ќе се добијат согласности од Министерството за финансии за продолжување на договорите на дело на професорите.

-Во гимназијата имаат настава, но не по сите предмети. Денес се испратени последни дописи до Министерството за финансии. Има нови правила на Законот на извршување на буџет и по нив е постапено. Со Законот има промена на постапките помеѓу институциите и тоа ќе се решава денеска или утре. Очекувам позитивно мислење од Финансии...Ако се осум стручни професори и ако е само една недела по два часа што не држеле настава, ќе се надомести во периодот кога ќе добијат согласност. Според моите информации, и претходната учебна година, кога второто полугодие почна на 1 февруари, исто така договорите на тие вработени беа продолжени од 15 февруари. Истата ситуација беше и лани, но иако немале договори, ја продолжиле наставата, рече Шаќири.

 Станува збор за професори кои не се во редовен работен однос и договорите на дело им се продолжуваат со почеток на календарската, а не на учебната година. Шаќири тогаш кажа дека МОН ќе се обиде да обезбеди вработување на неопределено време за овие наставници, додавајќи дека, сепак, тоа е нова гимназија.

Математичко- информатичката гимназија е државно средно училиште кое по неколку години планирање почна да работи во учебната 2020/2021 година. Не е класично со многу паралелки, туку специјализирано училиште кое во првата генерација прими 34 ученици распоредени во три паралелки – две на македонски и една на албански наставен јазик. хс/аа/

 

 

Тагови

Остани поврзан