• среда, 29 јануари 2025

„Молкот на разумот“ на Кумјана Новакова во лондонскиот музеј „Тејт Модерн“

„Молкот на разумот“ на Кумјана Новакова во лондонскиот музеј „Тејт Модерн“

Скопје, 29 јануари 2025 (МИА) - Во лондонскиот музеј „Тејт Модерн“ денеска ќе биде прикажан филмот „Молкот на разумот“ на Кумјана Новакова проследен со разговор со авторката. Ова е трет значаен светски Музеј каде се прикажува „Молкот на разумот“, по Музејот на модерна уметност во Њујорк – МоМА (февруари, 2024) и центарот „Помпиду“ во Париз (март, 2024) каде филмот ја имаше својата француска премиера во рамки на филмскиот фестивал „Синема ду реел“.

Денешната проекцијата на „Молкот на разумот“ во престижниот „Тејт Модерн“ во Лондон е британска премиера на филмот.

- „Молкот на разумот“ ги апстрахира претставите на насилство истовремено засилувајќи ги гласовите на оние кои не можеше да бидат замолчени. Се отвора како експериментална архива, претставувајќи смел приказ на незамисливото, стои во авторскиот текст на Музејот „Тејт Модерн“ со кој се најавува филмот.

По проекцијата на филмот во „Тејт Модерн“, утре следува и проекција на филмот во Кингс Колеџ во Лондон, како дел од активностите на „Тејт Модерн“ за развој на публиката на Музејот. По проекцијата на Кингс Колеџ ќе следува панел разговор со авторката на филмот и некои од најзначајните професорки и истражувачки на универзитетот, како Рејчел Кер, Дениса Костовицова и Сесил Бурне-Фарел.

„Молкот на разумот“ на Кумјана Новакова освои повеќе од 20 меѓународни награди, меѓу кои наградите за најдобра режија на ИДФА во Амстердам, наградата за најдобар меѓународен филм на Синема реел во Париз, Гран при на Пунте де виста во Шпанија, најдобар средно-метражен филм на ХотДокс во Канада, како и регионални награди во сите земји на поранешна Југославија: наградата за најхрабар филм на Авторскиот филмски фестивал во Белград, срцето на Сараево за човекови права, Најдобар филм за човекови права на ДокуФест, Призрен, посебно признание на жирито на МакеДокс во Скопје.

Филмот е прикажан на сите светски континенти, на повеќе од 50 меѓународни фестивали, музеи и културни и уметнички иницијативи.

„Молкот на разумот“ е поддржан со уметнички грант од страна на БИРН, а е во македонско-босанска копродукција. Гостувањето на Кумјана Новакова во Лондон е целосно подржано од „Тејт Модерн“ во Лондон. мд/са/

Фото: Кумјана Новакова

Остани поврзан