• петок, 22 ноември 2024

Молдавија се приклучува кон Механизмот на ЕУ за цивилна заштита

Молдавија се приклучува кон Механизмот на ЕУ за цивилна заштита

Брисел, 29 септември 2023 (МИА) – Европскиот комесар за управување со кризи Јанез Ленарчич и молдавскиот министер за внатрешни работи Адријан Ефрос денеска во Кишињев потпишаа Договор за приклучување на Молдавија кон Механизмот на ЕУ за цивилна заштита. 

- Горд сум што и посакувам добредојде на Молдавија во семејството на европските спасители: Механизмот на ЕУ за цивилна заштита, изјави Ленарчич по потпишувањето на Договорот, 

Тој нагласи дека Молдавија се покажала како доверлив партнер на ЕУ, во услови кога „бруталниот напад на Русија врз Украина резултираше со бегство на илјадници Украинци од војната“.  

- Сакам да им се заблагодарам на молдавските власти за цивилна заштита за нивната напорна работа. Со приклучувањето на Молдавија кон Механизмот на ЕУ за цивилна заштита, можеме значително да ја подобриме нашата подготвеност за итни случаи и да изградиме поотпорен систем за управување со ризици од катастрофи во Европа. Заедно сме посилни, додаде Ленарчич. 

Времената примената на Договорот ќе започне откако ќе биде ратификуван од страна на Молдавија, а целосно треба да стапи во сила на 1 јануари 2024 година. 

Механизмот ќе и овозможи на Молдавија полесно справување со предизвиците предизвикани од бегалците од Украина. Преку овој Механизам ЕУ во текот на годинава на Молдавија и достави 36 електрични генератори што беа распоредени во 30 болници, како и 48 милиони евра хуманитарна помош исплатени од почетокот на руската инвазија врз Украина. - Како полноправна членка на Механизмот на ЕУ за цивилна заштита, Молдавија не само што ќе може да добие непосредна поддршка, туку ќе може и да испраќа помош до земји погодени од вештачки или природни катастрофи, што ќе доведе до посилен и подобро координиран одговор на кризите во Европа и во остатокот од светот, посочи Европската комисија. сп/ссм/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан