• среда, 16 септември 2026

Моди повторно го повика Путин да ја прекине војната во Украина, пред самитот на БРИКС во Њу Делхи

Моди повторно  го повика Путин да ја прекине војната во Украина, пред самитот на БРИКС во Њу Делхи

Њу Делхи, 11 септември 2026 (МИА) - Индискиот премиер Нарендра Моди денеска го повика рускиот претседател Владимир Путин на преговори за прекин на војната во Украина, на нивната заедничка средба во Њу Делхи пред самитот на БРИКС.

Дијалогот и дипломатијата се вистинскиот начин за решавање на конфликтот, му рекол Моди на Путин, се наведува во соопштението од индиското Министерство за надворешни работи.

Индија е подготвена да ги поддржи мировните напори, рече Моди.

Билатералните разговори се одржаа пред дводневниот самит на групата БРИКС, кој започнува утре.

Војната во Украина е на дневен ред на самитот, при што формулацијата на индиското Министерство за надворешни работи се однесува на конфликтите „во регионот на Црното Море“.

Индија е голем купувач на руска нафта и жито. Беше погодена од тешкотиите во поморскиот сообраќај на Црното Море предизвикани од руските и украинските напади, а индиските морнари станаа жртви на напади со беспилотни летала.

Њу Делхи, кој одржува блиски врски и со своите западни партнери и со Москва, зазеде во голема мера прагматичен став кон конфликтот откако започна руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Но, Моди ја заостри својата реторика на состанокот во Киргистан кон крајот на август, повикувајќи го Путин пред камера да ги прекине борбите.

Треба да го поминеме патот од бесконечна војна до нејзиниот крај, рече Моди, а Путин одговори дека Русија е на тој пат.

Не е познато колку бил директен Моди на овој состанок во Њу Делхи.

Во индиската изјава се наведува дека Моди и Путин се согласиле да го зајакнат посебното стратешко партнерство меѓу двете земји.

БРИКС е акроним формиран од почетните букви на имињата на првите пет членки: Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка.

Организацијата е создадена како противтежа на Западот и оттогаш се прошири со Иран, Египет, Етиопија, Обединетите Арапски Емирати и Индонезија.

Фокусот на самитот во Њу Делхи ќе биде на трговијата, технологијата и регионалните конфликти.

Кинескиот претседател Шји Џјинпинг е меѓу лидерите што учествуваат на состанокот.сд/

Фото:ДПА