• недела, 22 декември 2024

Модерните технологии и претприемачки вештини во земјоделството претставени на ФЗНХ во Скопје

Модерните технологии и претприемачки вештини во земјоделството претставени на ФЗНХ во Скопје

Скопје, 22 март 2024 (МИА) - „Вештини за претприемништво и користење на модерни технологии во земјоделството“ се одржа денеска на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, во организација на Македонската развојна фондација за претпријатија.

Како што информира организаторот, пред повеќе студенти, професори, чинители од секторот земјоделство беа презентирани теми за важноста на користењето на модерните технологии и претприемачки вештини во земјоделството.

- Целта на настанот беше демонстрација како модерните технологии во комбинација со претприемачки вештини можат да придонесат кон создавање на економска вредност во секторот земјоделство. На настанот беа споделени добри практики на примена на модерната технологија од Македонија, Германија, Австрија, Словенија и Грција. Беа опфатени системи за автоматско управување на земјоделската механизација и услуги во делот на прецизното земјоделство, се вели во соопштението.

Претставниците од Македонската развојна фондација за претпријатија преку примери ја потенцираа важноста на користење на дигиталната технологија во земјоделството, вклучувајќи го користењето сензори во растителното и животинското производство, користење на земјоделски дронови, автономни машини и адаптирани системи за автоматско управување на земјоделската механизација.

- Предизвиците на недостиг на работна сила, климатските промени и нерационалното користење на ресурсите можат да се надминат во одредени делови со користењето на современа и модерна механизација. Употребата на системите за прецизно земјоделство можат да донесат и 90 отсто намалување на влезните ресурси во процесот на примарно производство, стои во соопштението.

Пред присутните биле претставени и можностите за финансирање на дигиталната трансформација преку набавка на модерна технологија во земјоделството и финансиската поддршка во форма на грантови која ја нуди Македонската развојна фондација за претпријатија. Била промовирана и програмата „AgriSkills“ и платформата за обука „AgriSkills 4.0“ наменета за чинителите од секторот земјоделство, кои сакаат да се запознаат и обучат со потребните вештини за дигитална трансформација во земјоделството.

Настанот „Вештини за претприемништво и користење на модерни технологии во земјоделството“ е дел од програмата „AgriSkills“ финансирана од Европската Унија, преку програмата „Еразмус +“. Зад програмата „AgriSkills” стои стратешко партнерство од пет европски организации од Северна Македонија, Германија, Австрија, Словенија и Грција. мд/сст/

Фото: Македонска развојна фондација за претпријатија

 

Остани поврзан