• петок, 22 ноември 2024

Мишел: За подобра иднина мора да се бориме против климатските промени и оние кои започнуваат војни 

Мишел: За подобра иднина мора да се бориме против климатските промени и оние кои започнуваат војни 

Брисел, 9 септември 2023 (МИА) - Ако сакаме подобра иднина за следните генерации, мора да се бориме за мир со природата и против климатските промени, но и против оние кои целосно неодговорно започнуваат војни, влијаејќи врз безбедноста на европскиот континент и на целиот свет и загрозувајќи ја енергетската сигурност, порача претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во обраќањето на отворањето на Самитот на Г20 во Њу Делхи. 

- Ковид кризата го стави човештвото на тест, откривајќи ги сите слабости и ранливост, а веќе извесно време војна што постојана членка на Советот за безбедност ја започна против Украина го става на тест светот заснован на правила утврдени со Повелбата на Обединетите нации, која ги смета суверенитетот и територијалниот интегритет за принципи кои гарантираат мир, безбедност и стабилност, рече Мишел. 

Тој ги поздрави напорите на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и на Турција за обнова на Црноморскиот договор за житото, со што, како што нагласи, ќе се овозможи Црното Море да остане крстопат за транзит и извоз на прехранбени производи, потсетувајќи дека благодарение на оваа спогодба од украинските пристаништа беа испорача повеќе од 30 милиони тони храна, главно за сиромашните земји. 

- И каков цинизам, господине руски претставник, не само што решивте да се повлечете од овој договор за Црното Море, туку во исто време ги напаѓате и пристанишните инфраструктури. Ги блокирате приодите кои овозможуваат пристап до Црното Море, па дури и до Дунав. И за да биде навредата поголема, Русија им нуди еден милион тони жито на африканските земји како пародија на великодушноста. Каков цинизам и презир кон африканските земји, истакна Мишел. 

Според него, наспроти ваквиот „апсолутно ужасен цинизам“ на Москва, има и такви кои навистина се борат да им помогнат на најкревките и најранливите популации, нагласувајќи дека ЕУ преку алтернативни рути овозможи извоз на 40 милиони тони жито од Украина. 

Мишел истакна дека дополнително и климатските промени имаат секојдневно влијание во целиот свет, со чие справување светот може да смета на ЕУ. 

- Климатските промени и борбата против сиромаштијата се два предизвици со кои мораме да се справиме заедно и напоредно. Знаеме дека се потребни повеќе ресурси и повеќе финансии. ЕУ целосно ги поддржува иницијативите изнесени од Антонио Гутереш за реформа на мултилатералните развојни банки - поголема инклузивност, вклученост на приватниот сектор, поголем финансиски капацитет и поголема инклузивност, порача Мишел во обраќањето. 

Вчера, во пресрет на Самитот, Мишел на  прес-конференција во Њу Делхи порача дека климатските промени не поштедуваат никого и глобалното затоплување ќе го погоди секого, па затоа е потребна глобална акција за постигнување климатска неутралност до 2050 година. сп/ссм/

Фото: ЕУ

Остани поврзан