Мицотакис – Донахју: Грчката еконмија бележи напредок
- Грчката економија, прашањата од европски интерес, како и позцијата на Европа за трговијата и царините од САД, биле темите за кои разговарале грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и претседателот на Еврогрупата Паскал Донахју, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 16 април 2025 (МИА) – Грчката економија, прашањата од европски интерес, како и позицијата на Европа за трговијата и царините од САД, биле темите за кои разговарале грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и претседателот на Еврогрупата Паскал Донахју, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што информираа од кабинетот на грчкиот премиер, на средбата било нагласено дека „по пандемијата, Грција систематски постигнува стапки на раст кои далеку го надминуваат европскиот просек“, дека е намалена невработеноста, но и дека е подобрен соодносот на долгот кон БДП, а била истакната и посветеноста на земјата за фискална стабилност и резултатите во напорите за борба против даночното затајување.
Мицотакис, според истите информации, го повторил неговиот предлог за заемно корисен договор на ЕУ со САД, со кој ќе се одржат длабоки трговски и инвестициски врски.
На почетокот на средбата, грчкиот премиер истакна дека економија на Грција бележи континуиран напредок во последните години, стапката на раст дека е значително повисока од просекот во еврозоната, а инфлацијата продолжува постепено да се намалува.
- Многу сум задоволен од нашите постигнувања во однос на инвестициите и извозот, нешто што значи дека буквално ја менуваме структурата на грчката економија, фокусирајќи се повеќе на прашањата за конкурентноста и решавајќи ги структурните проблеми што ни ги остави кризата. И, секако, нашата вкупна фискална позиција е исклучително позитивна. Продолжуваме позитивно да се изненадуваме себеси и нашите партнери, надминувајќи ги целите што ги поставивме, посочи Мицотакис.
Претседателот на Еврогрупата нагласи дека го препознава „исклучителниот успех на грчката економија и достигнувањата на грчкиот народ“.
- Кога пред неколку години почнав да учествувам во Еврогрупата, Грција во еден временски период за жал беше поистоветена со економската криза. Сега се препознава како економија и земја која има направено толку успешно закрепнување од големите тешкотии на финансиската криза. Сега веќе е земја која, на многу од важните економски показатели, има резултати над просекот во еврозоната. Многумина од нас гледаат со голема гордост и ги препознаваат успешните политики што беа спроведени како од Грција, верувам, така и од еврозоната и Европската унија, рече Донахју. ср/паг/
Фото: Кабинет на грчкиот премиер