Мицотакис: Строга имплементација на мерките за биолошка безбедност за сипаниците кај овците и козите, вакцинацијата не е решение
- Клучната важност на следните три месеци, како и потребата од целосна и строга примена на мерките за биолошка безбедност, со цел да се искористи намалувањето на бројот на случаи евидентирани во зимскиот период, биле истакнати на состанокот што го свика грчкиот премиерот Киријакос Мицотакис за мерките за справување со сипаниците кај овците и козите, а паралелно посочил дека не се разговара за вакцинација на животните, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 27 јануари 2026 (МИА) - Клучната важност на следните три месеци, како и потребата од целосна и строга примена на мерките за биолошка безбедност, со цел да се искористи намалувањето на бројот на случаи евидентирани во зимскиот период, биле истакнати на состанокот што го свика грчкиот премиерот Киријакос Мицотакис за мерките за справување со сипаниците кај овците и козите, а паралелно посочил дека не се разговара за вакцинација на животните - јави дописничката на МИА од Атина.
Од кабинетот на грчкиот премиер информираа централен приоритет е присуството на поголем број ветеринари на терен, при што веќе се поведени активности за зајакнување на ветеринарните служби со воени ветеринари, овластени приватни ветеринари и привремен персонал, како и за користење дополнителни лаборатории.
Дополнително, било истакнато дека, според заклучоците на Националната научна комисија за управување и контрола на сипаниците, строгата примена на научно поткрепени мерки за биолошка безбедност претставува неопходен предуслов за искоренување на конкретната болест кај животните, а евентуалната масовна вакцинација би ја влошила состојбата во услови на недоволна биолошка безбедност бидејќи носи ризик од понатамошно ширење наместо ограничување на болеста.
На почетокот на состанокот Мицотакис посочи дека постои координирана стратегија за да се стигне до крајната цел, а тоа е искоренување на сипаниците кај козите и овците, но за владата приоритет е целосно имплементирање на мерките за биолошка безбедност.
- Сакам да бидам сосема јасен: за нас постои само една стратегија, воопшто не дискутираме за прашањата за вакцинација, тоа ни го препорачуваат експертите. Секогаш ја слушаме науката. Знаете, на оваа маса имам одржано многу состаноци, дневни, кога бевме повикани да управуваме со големата криза поврзана со ковидот. Секогаш се водевме според она што ни го кажува науката, што значи дека за нас примената на мерките за биолошка безбедност се единствено решение. Многупати објаснивме зошто вакцинацијата не е препорачано решение бидејќи не можеме да откриеме и да разликуваме дали едно животно е болно или вакцинирано - објасни Мицотакис.
Додаде дека ќе побара од надлежниот министер строго да се постапува кога станува збор за незаконски вакцинирања и незаконски вакцини бидејќи „постои законска рамка и очигледно полицијата ќе изврши соодветни проверки и за нивниот увоз и за нивната дистрибуција“.
Од кабинетот на Мицотакис посочија дека за поддршка на сточарите веќе се исплаќаат обесштетувања за загуба на приходи, а воедно се подготвува програма за субвенции за обновување на сточниот фонд.
Според податоците од Министерството за земјоделство на Грција, објавени пред неколку дена, од август 2024 година до 18 јануари годинава биле усмртени вкупно 472.928 овци и кози како дел од мерките за борба против сипаниците, а регистрирани се 2.061 случај на 2.559 фарми во цела Грција. ср/јт/
Фото: Кабинет на грчкиот премиер