• четврток, 21 ноември 2024

Мицотакис: Сакаме да имаме добри односи со Турција

Мицотакис: Сакаме да имаме добри односи со Турција

Атина, 2 ноември 2024 (МИА) – Ако конечно се согласиме дека не се согласуваме, дека не можеме да го решиме прашањето за Ексклузивната економка зона и континенталниот гребен, бидејќи имаме многу различни позиции, тоа не значи дека треба да бидеме на работ на војна со Турција, посочи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за телевизијата „Скај“ и истакна дека сака да имаат добри односи со Турција, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефот на турската дипломатија Хакан Фидан в петок ќе биде во Атина на средба со министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис, а Мицотакис посочи дека односите меѓу двата народа се добри, како пример ја спомена посетата на туристи од Турција на островите од Егејското море по воведената експресна туристичка виза за турските државјани.

- Паралелно, немаме прекршувања во Егејското Море. Имаме соработка, која може да стане подобра во бегалското прашање. Ова не се позитивни работи? Имаше некоја отстапка од националните линии за да се постигне овој подобар однос со Турција? Јас сакам да имам добри односи со Турција, истакна Мицотакис.

Дополнително рече дека постојат многу земји кои сè уште имаат гранични спорови, како што се Канада и САД, но „не се на работ на војна, ниту пак некој се повлекува од своите позиции“.

- Грција денес е силна, и геополитички и одбранбено и економски. И ние имаме обврска, со самодоверба, а не од позиција на слабост, да разговараме со нашите соседи, истакна грчкиот премиер и објасни дека преферираат „мирни води“ во односите со Анкара, но и да разговараат и да ја истражат можноста „главно да ја убедиме Турција дека турскиот ревизионизам на крајот не може да доведе до решение“.

За претседателските избори во САД грчкиот премиер рече дека нема да коментира околу прогнозите за исходот, но истакна дека се подготвени „за сите евентуални можности“ и нагласи дека во Конгресот, и во Претставничкиот дом и во Сенатот, имаат многу силни контакти со многу избрани претставници и сенатори од двете партии.

- Ставот дека Грција е столб на стабилност, стратешки партнер на Соединетите Американски Држави - на овој однос, со наша мала помош сега се додава и Кипар - е став на сенаторите и пратениците и од двете партии. И сакам да потсетам дека кога имав голема чест да зборувам во Конгресот, ми аплаудираа и двете страни на Конгресот. Значи, ќе се адаптираме и ќе работиме со кој и да биде избран, токму затоа што стратешкото јадро на односите САД-Грција нема да биде оспорено ниту од Трамп, ниту од Харис, посочи Мицотакис.

Во интервјуто се осврна и на германските репарации од Втората светска војна и окупацискиот заем, особено по посетата на Грција на претседателот на Германија, кој истакна дека конкретното прашање за нив е затворено.

Мицотакис рече дека може да разговараат со Германците како стратешки партнери и да кажат дека тоа е нешто што го бараат од нив и сакаат конечно да се најде решение. ср/паг/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан