• сабота, 21 декември 2024

Мицотакис оптимист дека Нова демократија на евроизборите ќе го повтори успехот од пред пет години

Мицотакис оптимист дека Нова демократија на евроизборите ќе го повтори успехот од пред пет години

Атина, 2 јуни 2024 (МИА) – Оптимизам дека на евроизборите следната недела, Нова демократија ќе го повтори успехот од претходните европски избори кога освои 33 отсто од гласовите, изрази грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на денешната прес-конференција во пресрет на гласањето на 9 јуни, јави дописничката на МИА од Атина.

-Сакам, вечерта на евроизборите да нема никаков сомнеж дека Нова демократија останува доминантна политичка сила, дека во Европскиот Парламент ќе биде претставена со најголемиот можен број пратеници и дека ќе продолжи да го има овој силен политички легитимитет за да ја спроведе програмата за која беше избрана. И сигурен сум дека граѓаните ќе ни го дадат овој нов силен мандат и ќе ни овозможат да постигнеме уште една значајна изборна победа, истакна Мицотакис.

Грчкиот премиер во изминатиот период како цел за евроизборите ги постави освоените 33 проценти пред пет години, а денеска рече дека може да се постигне тоа, а „зошто и да не и да се надмине“.

-Споредуваме евроизбори со евроизбори. Во 2019 година добивме 33 отсто и еден месец подоцна добивме 40 проценти. Евроизборите се избори со поопуштено гласање, каде што најчесто силните партии, поголемите партии не поминуваат толку добро како на националните избори, објасни Мицотакис.

Сепак рече дека европските избори имаат и важна национална димензија, а сега се први по парламентарните избори во јуни минатата година.

На денешната 90-минутна прес-конференција на островот Крит, во пресрет на европските избори на 9 јуни, Мицотакис одговори на низа прашања од новинарите поврзани како со внатрешната, така и со надворешната политика на земјата, меѓу кои и кко што претходно објави МИА, и за односите со нашата земја и почитувањето на Договорот од Преспа. ср/

Остани поврзан