• петок, 05 декември 2025

Мицотакис на Самитот на ЕУ ќе ја нагласи потребата европската одбрана да обезбедува заштита за сите земји-членки

Мицотакис на Самитот на ЕУ ќе ја нагласи потребата европската одбрана да обезбедува заштита за сите земји-членки

Атина, 23 октомври 2025 (МИА) – Важноста на пристапот „360 степени“ за европската одбрана така што секоја нова европска одбранбена можност да ги заштитува сите земји-членки, односно не само оние што се наоѓаат на источните граници на ЕУ, туку и оние што се наоѓаат на надворешните граници на Унијата и се соочуваат со закани од југ, се очекува да ја нагласи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на Самитот на ЕУ во Брисел, информираа од неговиот кабинет, јави дописничката на МИА од Атина.

За време на учеството на Самитот, Мицотакис се очекува да ги повтори грчките позиции за европската одбрана, конкурентноста, како и зелената транзиција.

Во одбраната и безбедноста, како што информираа од кабинетот на грчкиот премиер, на Самитот ќе се дискутираат следните чекори во имплементацијата на Патоказот за одбранбена подготвеност на ЕУ 2030, што беше презентиран минатата недела, а во оваа насока Мицотакис ќе ја нагласи важноста на пристапот „360 степени“.

За европската конкурентност и двојната транзиција, зелена и дигитална грчкиот премиер ќе повтори дека е потребно да се создаде заеднички европски енергетски пазар и поголема интеграција на пазарите преку интерконкеции и мрежи, за да не се зголемат цените на енергијата во југоисточна Европа.

Грчкиот премиер синоќа учествуваше на неформалната вечера на европските лидери со египетскиот претседател Абдел Фатах Ал Сиси, по повод првиот самит ЕУ-Египет. ср/сд/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан