• недела, 22 декември 2024

Мицотакис: Грција и Европа можат да работат заедно за справување со европските предизвици

Мицотакис: Грција и Европа можат да работат заедно за справување со европските предизвици

Атина, 7 април 2024 (МИА) – Грција и Европа можат да работат заедно за да се соочат со европските предизвици, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговиот говор на крајот од тридневниот Конгрес на Нова демократија, јави дописничката на МИА од Атина.

Лидерот на владејачката партија и премиер на Грција детално се осврна на ситуацијата во земјата, на она што тие го постигнаа како Влада, говореше за европските предизвици, особено во пресрет на евроизборите во јуни.

Посочи дека Нова демократија е „партијата што ја задржа Грција во Европа кога беше во опасност и партијата што се обврза Грција да ја направи протагонист во Европа“, но и партијата која сега е подготвена да придонесе за новите европски предизвици.

Тој истакна дека голем демократски предизвик за Европа е одговорот на популизмот со кој веќе се соочуваат сите европски земји.

- Може да има различни имиња, може политички да е екстремно лев или радикално десен, но има потполно иста цел. Демагозите имаат само една цел: да ја скријат вистината, да ги оспорат институционалните столбови на демократијата и самата европска култура. И секогаш, сите популистички демагози сакаат да издигнат вештачки поделби, отворајќи го патот за авторитарни решенија и авторитарни лидерства. Тоа е нешто што Грција скапо го плати во минатото. Никогаш повеќе нема да дозволиме во Грција да се случи она што се случи во последната деценија, порача Мицотакис.

За европските избори потенцираше дека се одлучувачки и треба да се изберат европратеници со „европска логика“. 

- Глас за Нова демократија на европските избори на 9 јуни значи „да“ за безбедноста, стабилноста и напредокот на земјата. Но, значи и уште нешто друго: значи „да“ за подобра Европа, која ќе биде заедно со нашата татковина, како што беше во последните пет години, истакна Мицотакис.

Тој додаде дека лично за него, секој глас на европските избори му дава „нова сила за се стреми кон она што ѝ е потребно на Грција“.

На последниот ден од Конгресот на Нова демократија што започна во петокот на делегатите им се обратија и кандидатката на Европската народна партија (ЕПП) за претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Република Кипар Никос Христодулидис.

Фон дер Лајен од Конгресот во Атина го означи и почетокот на нејзината кампања за европските избори во јуни.

Конгресот на Нова демократија оваа година е и јубилеен со оглед на тоа што партијата одбележува 50 години од формирањето, а се одржува во палатата Запио, каде што во 1979 година тогашниот премиер и лидер на НД Константинос Караманлис го потпиша протоколот за влез на Грција во европското семејство. ср/паг/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер 

Остани поврзан