• петок, 22 ноември 2024

Мицкоски: Ќе сториме се за секое дете да има учебници во школската 2024/2025 година

Мицкоски: Ќе сториме се за секое дете да има учебници во школската 2024/2025 година

Скопје, 10 март 2024 (МИА) - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска, од дебатата во Куманово што ја организира неговата партија, најави реорганизација во владините ресори и реформи во образовниот процес. Рече дека ќе бидат вложени максимални напори за да се обезбедат учебници во претстојната школска 2024/2025 година, а го објасни и предлогот кој треба, како што напомена, да ги мотивира универзитетските професори и научните работници да пишуваат трудови.

Владата, оцени Мицкоски, не одговара на современите текови, а и образовнието не дава одговор на потребите на пазарот и на сегашноста. 

Според ВМРО-ДПМНЕ, образложи партискиот лидер, претшколската едукација (градинките) треба да се врати каде што припаѓа, во рамки на  Министерството за образование, а Министерството за труд и социјална политика треба да се занимава со демографија и млади. Делот „труд“, пак, рече Мицкоски, од сегашното ресорно Министерство треба да се префрли во Министерството за економија каде работодавачите и работниците ќе комуницираат директно и заеднички ќе креираат политики и ќе ги решаваат недоразбирањата. 

Мицкоски во оваа прилика изнесе информации дека ДУИ и СДСМ намерно прават хаос само за да нема учебници од 1 септември, за потоа да можат за тоа да ја обвинат ВМРО-ДПМНЕ која ќе формира, како што рече, влада по изборите.

-Според информациите што ги имаме, СДСМ и ДУИ знаат дека ќе бидат поразени на изборите и дека ќе си заминат, па се обидуваат да остават тотален хаос за на 1 септември во учебната 2024/2025 година повторно дел од учениците да не добијат учебници и за потоа да излезат и да кажат, „ете, гледате што се случува“. Но, ние ќе дадеме се од себе да го надминеме проблемот како што го правиме тоа сега со патните исправи. Два до три пати е сега подобра состојбата од времето на Оливер Спасовски. Така ќе дадеме се од себе во однос на учебниците, да не се случи во 2024/2025 да нема учебници, но сигурно тоа нема да се случи во 2025/2026 година. Тоа е мојата порака до граѓаните - ова ни го прават, сакаат да остават тотален хаос, ни книги ни учебници да бидат подготвени, за да кажат дека сите сме исти. Не, не сме сите исти, од едната страна е понудата на Ахети, Османи, Груби, Зечевиќ, Маричиќ, а од дргата страна се ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот план за развој на државата, истакна Мицкоски.

Образованието, додаде, треба да биде „grassroots“ - комплетен процес од почеток до крај.

-Образовнието како целина не дава одговор на потребите на пазарот, но и на сегашноста. Се помалку има визија за иднината, како да влеговме во циклус на инерција, „од денес за утре“, се помалку има апликација и наука, многу земји организираат саеми „студирајте во Германија, во Словенија“, а ние како да немаме одбранбен механизам. Има многу образовни институции кои не генерираат квалитет, туку квантитет и тој пристап е многу погрешен. Треба да се позанимаваме со нив, дали ни се потребни во некој фела илјадници луѓе и дали од нив пазарот на труд вистински има потреба? Треба сериозно да се зајакне политиката во високото образование, но и да се работи на мотивација на наставно-образовниот кадар. Нашиот предлог е - на секој наставно-образовен кадар што ќе објави труд во списание со импакт фактор, кое е дел од идексираната дата база „Веб оф сајнс“, државата да му даде дополнителни 50 отсто плата секој месец. Ако зема 60 000 денари, наредната година по онаа кога ќе го објави трудот, да зема 90 000. Така, на тој начин, секој што ќе се занимава со наука, ќе биде и награден, подвлече Мицкоски.

На дебатата „Образовна платформа за иднина“ чија тема е „Нов концепт за развој на образованието“, учествуваат и Весна Јаневска, претседател на Комисијата за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска, пратеничка во македонското Собрание, како и Самоил Малчески и  Гоце Бумбароски, членови на Комисијата за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ.

Дебатата ја модерираат Марија Митева, портпарол и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ. мч/дма/

фото: принт скрин

Остани поврзан