Мицкоски со честитка за празникот Голема Богородица и Денот на рударите: Сплотени ќе ги надминеме сите предизвици
- Премиерот Христијан Мицкоски упати честитка до православните христијани по повод големиот верски празник Голема Богородица.
Скопје, 28 август 2025 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Битола упати честитка до православните христијани по повод големиот верски празник Голема Богородица.
- Ова се денови кога празнуваме, кога се среќаваме, кога се обединуваме, кога зборуваме за верата, за духовната сила, за сето она кое претставува предизвик во нашето секојдневие и убеден сум дека обединети, заедно, сплотени, сите тие предизвици ќе ги надминеме. Го честитам овој голем православен празник Голема Богородица, рече премиерот.
Мицкоски упати честитка и до рударите по повод Денот на рударите, посакувајќи им уште многу успеси.
- Им го честитам Денот и на рударите. Да им посакам уште многу убави работни денови и многу успеси, бидејќи благодарение на нивната пожртвувана работа, макотрпна работа, секојдневна енергија која што ја вложуваат овде во РЕК Битола, ние имаме енергетска стабилност, а енергетската стабилност подразбира и стабилен економски раст на Македонија и на македонското стопанство. Би сакал уште еднаш да им го честитам Денот со рударскиот поздрав „Среќно!“, затоа што тие се нашата инспирација и знам и убеден сум од тоа што успеав да го видам дека мотивот не изостанува и желбата е тука присутна и сигурен сум на уште подобри резултати во месеците и годините кои следат за македонскиот енергетски систем, за рударството, но и за македонската економија, посочи Мицкоски. фф/бак/
Фото: Влада