• недела, 22 декември 2024

Мицкоски: Потребни се избори за влада избрана од народот, да престане аматеризмот во односите со Софија

Мицкоски: Потребни се избори за влада избрана од народот, да престане аматеризмот во односите со Софија

Скопје, 28 јануари 2023 (МИА) – Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска го повтори барањето за предвремени парламентарни избори за да дојде, како што рече, влада избрана од народот.

Одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на Гази Баба, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека Ковачевски не е избран од народот и дека е послушник на Али Ахмети.

– Таму отприлика така функционираат работите – се знае кој е стопанот, а кој е послушникот. Во овој случај Али е стопанот, а послушникот е Димитар Ковачевски. И тоа што ќе му каже Али, тоа ќе го изјави Димитар Ковачевски. Човекот во политиката е поставен, не е избран, и луѓе кои што се поставени можат да ја имаат таа политичка матрица, да го слушаат претходно тој кој што го поставил, а сега тој кој што му овозможува ден повеќе да остане во фотелјата за да може да ги ужива привилегиите кои што ги црпни на сметка на граѓаните и на сметка на државата. Тоа е суштината за неговото политички функционирање и мислам дека тоа е многу лошо, рече Мицковски, одговарајќи на новинарско прашање како ги коментира изјавите на премиерот дека идејата за влада против ДУИ е лоша работа.

Коментирајќи ги затегнатите односи со Бугарија, Мицкоски оцени дека Владата и покрај сите отстапки што ги направила, сега со својот, како што рече, политички аматеризам успеала да ја доведе земјата во состојба да трпи критики и навреди од бугарски политичари.

– Некако како да сака некој намерно Македонија да ја втурне во едно сценарио каде што ќе се политизира европската интеграција на нашата држава, каде што ќе се политизира овој процес на отпочнување преговори со Европската Унија, па од политички маргиналци се создаваат политички херои. Политиката на тргни напред – застани, па врати се два чекора назад, со таканаречената персона нон грата, па се шегувавме – не беше тоа персона нон грата, само доведува до комплицирање на односите, затегнати односи и создавање на голема тензија во општеството, рече Мицкоски.

Тој ги повика властите во земјава да престанат со, како што вели, ваквиот тип аматеризам и нагласи дека сѐ што е во заштита на македонските национални интереси ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи, а на политичарите во Бугарија им порача да се позанимаваат, пред се, со стандардот во нивната држава, а не да водат кампања кој повеќе ја мрази Македонија.

-Мојата порака до македонските власти е да престанат со овој тип на аматеризам, аналфабетизам и егзибиционизам и сѐ што е во заштита на македонските национални интереси ВМРО-ДПМНЕ е тука, да поддржи, да застане и да истапи во првите редови. А мојата порака до бугарските политичари е да се посветат на подобрување на стандардот во нивната Бугарија, наспроти тоа да градат кампања на тоа кој повеќе ја мрази и кој повеќе плука по Македонија и по Македонците, затоа што изминативе 30 години, за 30 проценти е намален бројот на жители во Бугарија. И тоа не случајно тие бегаат надвор од Бугарија и покрај што се тие земја членка на Европската Унија, затоа што немаат доверба во политичарите таму, гледаат дека наместо да работат за интересите на бугарските граѓани, работат за личните интереси и се богатат, рече Мицкоски.

Во однос на уставни измени, Мицкоски вели дека во овој парламентарен состав тие нема да се случат.

– Ние не излеговме на избори пред граѓаните да ветуваме уставни измени. Ги предупредивме да не го потпишуваат тоа, да не влегуваат во авантура и да не наметнуваат дополнителни услови за граѓаните за да може ова држава да отпочне преговори со членство со ЕУ, рече Мицкоски. вг/бак/

Остани поврзан