Мицкоски меѓу верниците во манастирот Успение на Пресвета Богородица во Берово
- Во манастирот Успение на Пресвета Богородица во Берово денеска се одбележува христијанскиот празник познат меѓу народот како Голема Богородица, која е заштитничка на градот. Голем број верници на овој ден го посетуваат манастирот, а меќу нив беше и премиерот Христијан Мицкоски.
Берово, 28 август 2024 (МИА) - Во манастирот Успение на Пресвета Богородица во Берово денеска се одбележува христијанскиот празник познат меѓу народот како Голема Богородица, која е заштитничка на градот. Голем број верници на овој ден го посетуваат манастирот, а меѓу нив беше и премиерот Христијан Мицкоски.
Манастирот Успение на Пресвета Богордица во Берово е еден од најпосетените манастири во Македонија. Одбележувањето на овој празник, кој се смета за еден од најголемите меѓу христијаните утринава започна со литургија, а за верниците ќе биде поделен и ручек кој се подготвува во дворот на манастирот.
За подготвување на котлите со храна која секоја година се подготвува за верниците и годинава е задолжена беровчанката Силвана.
-Денес подготвивме посно гравче, ангажирани сме околу 20 луѓе. Подготовката започнува околу 7 часот и трае до 14 часот. За да се послужи ручекот се потребни околу 600 килограми грав. Да сме живи и здрави и догодина да се собереме, рече Силвана.
Манстирот денеска го посетија граѓани од сите краишта на државата.
- Јас сум од Кочани, нека дава Св. Богородица на сите луѓе, здравје, среќа и напредок, истакна жител на Кочани.
Околу манастирот се поставени тезги од каде посетителите можеа да купат рачни изработки карактеристични за Малешевијата.
- Редовно сме овде, има побарувачка, задоволни сме. Нека е честит празникот на сите, вели локален произведувач на рачни изработки.
Дел од жителите на Берово се уште се сеќаваат на трагедијата во која пред 28 години гром го погоди манастирот. Од удар на гром во дворот на манастирот тогаш загинаа девет лица, а над 50 беа повредени. Дел од луѓето не сакаат да коментираат за тој случај, напоменувајќи дека оставил голема болка кај дел од посетителите.
За овој настан новинарите Васил Маневски и Љубинка Клинчарска ја издадоа книгата „Плачеше цела Малешевија“, во која на 200 страници, со многу фактографија, слики, биографии за починатите, интервјуа со свештени лица и лица од науката, е прикажано што се случи тој кобен ден во Берово.
Манастирот Успение на Пресвета Богородица уште се нарекува и машки манастир. На ова место пред да биде изградена денешната црква имало друга црква посветена на Успение на Пресвета Богородица која била обновена и прилагодена за монашки живот, па со тоа е преобразена во манастир. Во 2002 година, од Водочкиот манастир со благослов на владиката Наум Струмички се доселило тричлено братство. Така за првпат во Берово биле ставени почетоците на машкото монаштво. вс/ев/
ФОТО: МИА