• среда, 22 јануари 2025

Мисајловски од годишен брифинг на одбранбени аташеа: И во 2025 година продолжуваме со инвестициите и вложувањето во одбраната

Мисајловски од годишен брифинг на одбранбени аташеа: И во 2025 година продолжуваме со инвестициите и вложувањето во одбраната

Скопје, 18 декември 2024 (МИА) - Во Регионалниот центар за односи со јавноста во Касарната „Гоце Делчев“ во Скопје денеска се одржал редовниот годишен брифинг со одбранбени аташеа, на кој се обратиле министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и доајенот на Асоцијацијата на одбранбени аташеа, хрватското одбранбено аташе полковник Стјепан Домјанчиќ.

Министерот Мисајловски во своето обраќање потенцирал дека денешниот брифинг, како и средбите кои се реализираат со одбранбените аташеа, е јасен доказ за нашата посветеност на билатералната и мултилатералната одбранбена политика и соработка.

- И мојата татковина, и државите кои ги претставувате се дел од еден глобален меѓународен поредок кој може да функционира и да ја гарантира безбедноста на своите граѓани само ако соработуваме искрено и посветено и ако имаме една цел пред нас, а тоа е мирот, стабилноста и демократијата, рекол Мисајловски, соопштија од Министерството за одбрана.

Мисајловски се осврнал и на идниот развој на одбраната и Армијата и одбранбениот буџет од кој 32 проценти се наменети за модернизација и опремување.

- Споредено со 2024 година тоа се над 18 милиони евра повеќе за нова и модерна опрема, за посилна Армија, за посилна колективна одбрана во НАТО – Алијансата. Тоа е уште еден неоспорен доказ дека нашата држава е активен и посветен сојузник, истакнал министерот Мисајловски.

Според него, трите развојни приоритети во одбраната, стабилното буџетирање, засилувањето на процесот на модернизација и целосното почитување на правата и обврските кон вработените, успешно се реализирани. Додал дека на ист начин ќе продолжат да работат и следната година.

Генералот Лафчиски упатил благодарност до одбранбените аташеа за помошта во градењето и модернизацијата на одбранбените капацитети преку билатералната соработка, но и преку многубројните вежбовни активности.

- Следната 2025 година оваа поддршка, оваа соработка и со вас, меѓутоа онаа поддршка која ќе ја добиеме од Министерството и од Владата ќе биде уште повеќе изразена, потенцирал тој.

Полковникот Стјепан Домјанчиќ упатил благодарност до раководството во Министерството и Генералштабот за можноста од прва рака да се слушнат пораките за развојот на одбранбениот сектор и нагласил дека земјава е препознаена и ценета членка во НАТО и оти македонската надворешна политика е целосно усогласена со надворешната и безбедносна политика на Европската Унија.

Во соопштението се наведува дека на брифингот со одбранбените аташеа се дава целосен осврт на меѓусебната соработка во годината што изминува, а се разговара и за чекорите кои ќе се превземат следната, 2025 година. цр/са/

Фото: Министерство за одбрана

Остани поврзан