• недела, 22 декември 2024

Мирен протест во Атина наставниците во рамките на 24-часовниот штрајк (Фото)

Мирен протест во Атина наставниците во рамките на 24-часовниот штрајк (Фото)

Атина, 23 октомври 2024 (МИА) – Зголемување на платите, враќање на 13 и 14 плата, потпишување колективни договори, модернизирање на училиштата со државни средства, беа дел од барањата на грчките просветни работници за време на нивниот протест во центарот на Атина во рамките на 24-часовниот штрајк, организиран од Федерацијата на наставници, јави дописничката на МИА од Атина.

Протестот заврши мирно со масовно учество на наставниците, кои изразија задоволство од одзивот на нивните колеги и посочија дека голем број училишта во цела Грција денеска беа целосно затворени.

Штрајкот на наставниците во основните и средните училишта во Грција првично беше прогласен за незаконски од надлежниот суд, по реакцијата од Министерството за образование, по што Синдикатот на вработените во државниот сектор (АДЕДИ) донесе одлука да го поддржи закажаниот штрајк и да се одржи регуларно.

Во рамките на штрајкот беше и мирниот протест низ улиците во центарот на Атина и пред грчкиот парламент.

Паралелно во Грција од вчера во тек е 48-часовниот штрајк на грчката поморска федерација со што земјата и денеска ќе биде без бродски сообраќај. 

Од Синдикатот ПАМЕ на Комунистичката партија на Грција соопштија дека организирале протест пред Министерството за поморство и симболично влегле во објектот. ср/ссм/

Фото: МИА

Остани поврзан