• среда, 12 јуни 2024

Министрите на ЕУ не се договорија Украина да користи западно оружје против цели на руска територија

Министрите на ЕУ не се договорија Украина да користи западно оружје против цели на руска територија

Брисел, 28 мај 2024 (МИА) – Министрите за одбрана на Европска Унија денеска не постигнаа консензус за да ѝ се дозволи на Украина да користи западно оружје за напади врз руска територија. Тие исто така не се договорија дали на воените инструктори од ЕУ да им се дозволи да вршат обука на украинска територија, поради стравувањето дека тоа ќе го зголеми учеството во војната и ризикот од директна конфронтација помеѓу Русија и Западот.

Земјите-членките на ЕУ веќе се согласија колективно да обезбедат воена помош за Украина. И додека некои земји обезбедуваат оружје со минимални барања, други го прават тоа под услов оружјето да се користи само на украинска територија.

Високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел по средбата на министрите изјави дека нападите во самоодбрана врз воени цели на руска територија „се легитимен чин според меѓународното право кога се користи на пропорционален начин“.

- Но, исто така е јасно дека тоа е одлука за секоја земја-членка. Никој не може да спречи една земја-членка да ја снабдува Украина со оружје и да и дозволи да го користи за воени цели на руска територија. Исто така, не можеме да ги обврземе да се согласат на тоа, посочи Борел.

Претседателот на Русија, Владимир Путин денеска ги предупреди членките на НАТО дека си играат со оган кога предлагаат да ѝ се дозволи на Украина да го користи нивното оружје за напади на руска територија.

- Постојаната ескалација може да доведе до сериозни последици. Ако овие сериозни последици се реализираат во Европа, како ќе се однесуваат САД, со оглед на нашиот паритет во нуклеарното оружје? Тешко е да се каже – дали сакаат глобален конфликт?, наведе Путин во Ташкент каде е во повеќедневна посета.

Тој додаде за украински напади со оружје со долг дострел е потребна западна разузнавачка и воена помош и сателити, што значи дека Западот мора директно да биде вклучен. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан