• недела, 22 декември 2024

Министерството за надворешни работи на Грција го осуди инцидентот со Белери во Тирана

Министерството за надворешни работи на Грција го осуди инцидентот со Белери во Тирана

Атина, 29 октомври 2024 (МИА) – Министерството за надворешни работи на Грција преку соопштение го осуди нападот врз грчкиот европратеник Фреди Белери во Тирана при посетата на делегацијата на Европскиот парламент за проверка на пристапниот процес на Албанија, јави дописничката на МИА од Атина.

- Албанските власти мора да ги преземат неопходните мерки за да се гарантира безбедноста на европратениците и слободата непречено да ја извршуваат нивната работа. Европратениците ги претставуваат интересите на граѓаните на Европската унија и треба да уживаат должна почит, соопштија од грчкото МНР.

Како што претходно објави МИА, во Тирана денеска и утре се одржува 18-тиот состанок на парламентарната комисија за стабилизација и асоцијација ЕУ-Албанија, на кој учествуваат десет пратеници од Европскиот парламент, меѓу кои и Фреди Белери, а пред влегувањето во парламентот, тој беше пречекан со навреди од помала група граѓани, а едно од лицата фрлаше јајца и јогурт кон него, но тој не реагираше и влезе во зградата.

Фреди Белери (52), кој е припадник на грчкото малцинство во Албанија, доби двегодишна затворска казна за купување гласови, а беше уапсен два дена пред изборите што се одржаа на 14 мај минатата година.

Иако во притвор тој беше реизбран за градоначалник на јужното приморско гратче Химара, но не даде заклетва во предвидениот законски рок, по што беа спроведени дополнителни избори.

Тој во јуни годинава беше избран на конзервативната листа на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за европратеник, чија инаугуративна седница беше во средината на јули, на која присуствуваше со претходна дозвола на затворот. ср/

Остани поврзан