• понеделник, 25 ноември 2024

Министерот Спасовски се сретна со неговиот албански колега Бала

Министерот Спасовски се сретна со неговиот албански колега Бала

Дебар, 13 септември 2023 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечерва, за време на работниот престој во Тирана, по повод учеството на Конференција на министри за внатрешни работи во рамки на Берлинскиот процес, оствари работна средба со неговиот албанскиот колега,Таулант Бала.

На средбата македонскиот прв полицаец  му го  честитал  назначувањето на функцијата министер за внатрешни работи на Република Албанија, со желби за успех, на личен и професионален план.


-Токму Министерската Конференција во рамки на Берлински процес во Тирана е добар старт за продлабочување на веќе успешната соработката помеѓу МВР на Република Северна Македонија и МВР на Република Албанија.
Преку заложбите за подобрување на добрососедските односи и регионалната соработка, особено на полето на прекуграничната соработка, како и успешното спроведување на имплементациските Протоколи на Конвенцијата за полициска соработка во ЈИЕ, како и заедничкото учество во Регионалните иницијативи, можам да кажам дека соработката помеѓу граничните полиции на двете држави е континуирана, објави Спасовски на Фејсбук.

Додава дека на средбата се договориле да започнат подготовките од двете страни кои ќе значат позитивен одговор на барањата на македонската заедница во Албанија,  поточно областа Голо Брдо, граничниот премин Џепиште-Требиште кај Дебар да работи 24/7, со што ќе се олеснат потребите на Македонците што живеат и работат.

Овој премин е од локален карактер и работи од 6 до 20 часот во летниот и од 8 до 18 часот во зимскиот период.

-Продолжуваме и во иднина да ги интензивираме сите активности коишто веќе се отпочнати, и ќе започнуваме и нови, кои ги отвораат европските перспективи на граѓаните и на регионот - Нашите заеднички цели им се безбедноста и сигурноста на граѓаните, владеењето на правото и европски институции, наведува Спасовски. вт/лв/

Остани поврзан