• сабота, 19 октомври 2024

Министерот Спасовски во работна посета на Струга

Министерот Спасовски во работна посета на Струга
Скопје, 19 март 2021 (МИА) - Безбедносната состојба во Струга е стабилна и се бележи намалување на криминалитетот, заклучено е на денешната средба во Струга на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и неговиот заменик Назим Буши, со раководството на Одделението за внатрешни работи - Струга при Секторот за внатрешни работи - Охрид. На средбата е потенцирано дека класичниот криминалитет бележи намалување, а бројот на прекршоци на подрачјето на СВР Охрид во областа на јавниот ред и мир во 2021 година е намален за 32 проценти споредено со ланскиот период. Како што соопшти МВР, во областа на безбедноста на патниот сообраќај на територијата на СВР Охрид за 2021 година, вкупниот број на сообраќајни незгоди е намален за 28 проценти, а сообраќајните незгоди со потешки последици се намалени за 16 проценти. Во однос на бесправно изградените објекти, во изминатиот период на територијата на ОВР Струга поднесени се 28 кривични пријави . Министерот Спасовски потенцира дека раководство на МВР ќе продолжи со обезбедувањето на подобри услови за работа на полициските службеници, што пак резултира со уште подобри резултати во работењето. Покрај редовните активности, нагласи тој, особено мора да се внимава на максимално почитување на превентивните мерки за заштита од Ковид-19. Министерот Спасовски и заменик министерот Буши имаа средба и со градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко и министерот за  информатичко општество и администрација Јетон Шаќири, на која е потенцирана добрата соработка меѓу локалната самоуправа и полицијата и начините како таа да се продлабочи, а во интерес на граѓаните на Струга. Градоначалникот Мерко нагласи дека локалните власти интензивно работат на проширување на коловозите, а со тоа и на создавање побезбеден сообраќај на територијата на град Струга. На средбата, се додава во соопштението од МВР, се актуелизирала и идејата за дислокација на управните објекти во посебни згради надвор од полициската станица, со цел граѓаните да имаат поедноставен пристап за вадење лични карти и пасоши, а било изразено и задоволство од борбата на Министертвото за внатрешни работи против лихварството. цр/сп/

Остани поврзан