• недела, 24 ноември 2024

Министерот Николоски на Форум во Солун за иднината на транспортот и инфраструктурата во Југоисточна Европа

Министерот Николоски на Форум во Солун за иднината на транспортот и инфраструктурата во Југоисточна Европа

Атина, 22 октомври 2024 (МИА) – Инвестициските планови на Владата за развој на инфраструктурата и модерни инфраструктурни системи, се очекува да ги претстави заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски за време на неговото учество на вториот „Форум за поврзување во Југоисточна Европа“ (Southeast Europe Connectivity Forum) што денеска и утре се одржува во Солун, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопштија од неговиот кабинет, Николоски за време на учеството, посебен акцент ќе стави на изградба на патната мрежа и брзата пруга на Коридор 10 како предуслов за поквалитетно поврзување со пристаништето во Солун и брз транспорт на добра и услуги.

Според официјалната агенда, министерот ќе учествува на дискусија со претседателот на Грчката бизнис-асоцијација во Северна Македонија.

-Меѓу говорниците кои присуствуваат се Александар Николоски, вицепремиер и министер за транспорт на Северна Македонија и Арис Влахос, претседател на Грчката бизнис-асоцијација во Северна Македонија и се очекува да ги анализираат перспективите на комбинираниот транспорт во Југоисточна Европа. Од особен интерес е учеството на министерот за инфраструктура и транспорт, Христос Стајкурас, во однос на улогата на инфраструктурата како катализатор за економскиот развој на регионот, соопштија организаторите во најавата за форумот.

На маргините на форумот, предвидено е Николоски да оствари билатерални средби со министерот за инфраструктура и транспорт на Грција Христос Стајкурас, со министерот за поморство и островска политика Христос Стилианидис, како и со извршниот директор на Солунското пристаниште Јоанис Царас.

Организаторите соопштија дека „во ера на брзи геополитички и економски случувања, поврзувањето во поширокиот регион на Југоисточна Европа е катализатор за економски и одржлив развој“, а форумот има за цел да ги истакне клучните аспекти на иднината на транспортот и инфраструктурата во регионот.

-Со оглед на тоа што инвестициите во инфраструктурата се клучен двигател на растот, овогодишниот форум се фокусира на прашања поврзани со поморството, комбинираниот транспорт и зелената транзиција. Бидејќи земјите од Југоисточна Европа се соочуваат со сериозни макроекономски предизвици, потребата за засилена соработка и стратешки инвестиции во инфраструктурата е понеопходна од кога било, соопштија организаторите.

Дополнително додадоа дека дискусиите и насоките од форумот се очекува да ги обликуваат разврските во транспортот и инвестициите во регионот, создавајќи нови перспективи за развој и регионална соработка.

Форумот е организиран од Tsomokos Communications, а стратешкиот партнер е Солунското пристаниште. ср/аа/

Фото: Архива МИА

Остани поврзан