Министерот Мисајловски на Минхенската безбедносна конференција
- Како што соопшти Министерството за одбрана, Мисајловски денеска средбите ги почнал со заменик помошникот секретар за одбрана на САД, Дејвид Бејкер, со кого разговарал за актуелните политики во однос на регионалната и глобалната безбедност и за модернизацијата и опремувањето на македонската Армија.
![Министерот Мисајловски на Минхенската безбедносна конференција](https://mia.mk/images/20250215140820_big_730x400_7.webp )
Скопје, 15 февруари 2025 (МИА) - Министерот за одбрана Владо Мисајловски вчера и денеска учествува на Минхенската безбедносна конференција во Германија како дел од владината делегација предводена од претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
Како што соопшти Министерството за одбрана, Мисајловски денеска средбите ги почнал со заменик помошникот секретар за одбрана на САД, Дејвид Бејкер, со кого разговарал за актуелните политики во однос на регионалната и глобалната безбедност и за модернизацијата и опремувањето на македонската Армија.
-Од страна на Бејкер беше истакнат македонскиот придонес во поглед на безбедноста на балканскиот регион и источното крило на НАТО. Мисајловски присуствуваше и на средбата со премиерите на македонската и хрватската влада, Христијан Мицкоски и Андреј Пленковиќ, на која се разговараше за развојот на меѓусебната севкупна соработка и поддршка во контекст на проширувањето на Европската Унија и влијанието на безбедноста на Балканот за континуиран развој на државите од овој регион, наведува МО во соопштението.
Предвидено е денеска Мисајловски да учествува на работниот ручек на покана на својот германски колега, Борис Писториус, и ќе учествува на сесијата посветена на новите политики на американската администрација, на покана на Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД, за специјални мисии.
-Минхенската безбедносна конференција е годишна конференција на која учествуваат лидери и носители на одлуки од целиот свет и на која се водат дебати за прашања во однос на меѓународната безбедносна политика. Целта на оваа безбедносна конференција е воспоставување дијалог и градење доверба со цел мирно решавање на конфликтите, наведува Министерството за одбрана. хс/нд/
Фото: Министерство за одбрана