Министерот за поморство на Грција наредил внатрешна дисциплинска истрага за несреќата кај Хиос
- Спроведување внатрешна дисциплинска истрага за да се истражи евентуална одговорност на службените лица за несреќата кај грчкиот остров Хиос во која животот го загубија 15 мигранти наредил министерот за поморство на Грција Василис Кикиљас, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 4 февруари 2026 (МИА) – Спроведување внатрешна дисциплинска истрага за да се истражи евентуална одговорност на службените лица за несреќата кај грчкиот остров Хиос во која животот го загубија 15 мигранти наредил министерот за поморство на Грција Василис Кикиљас, јави дописничката на МИА од Атина.
Несреќата се случи доцна синоќа при судар на гумен глисер на кој се пренесувале околу 40 мигранти со патролен чамец на крајбрежната служба на Грција по што сите мигранти паднале во море, а загинаа 15 лица и 26 беа повредени.
Грчкиот весник „Катимерини“ објави дека на чамецот на крајбрежната служба имало поставено камера, меѓутоа не била вклучена и инцидентот не бил снимен.
Извори од крајбрежната служба на Грција информираа дека патролниот чамец е опремен со термичка камера која се користи како помошна алатка во комбинација со радарот за откривање и препознавање на цели во морето, а во конкретниот случај, според изјавата на капетанот, не била искористена бидејќи не била неопходна со оглед на тоа што глисерот со мигранти веќе бил детектиран од копнената набљудувачка камера и визуелно со употреба на рефлектор.
За несреќата, неофицијално била издадена наредба за апсење на марокански државјанин, кој е меѓу спасените и мигрантите го посочиле дека е криумчар.
Во несреќата во морскиот дел кај островот Хиос, животот го загубија 11 мажи и четири жени, повредени се 24 мигранти, од кои 11 деца, седум се мажи, шест жени, меѓу кои две бремени и ги загубиле бебињата, како и двајца припадници на крајбрежната служба.
Од крајбрежната служба на Грција утрово соопштија дека синоќа, при редовна патрола, нивниот патролен чамец забележал гумен глисер со мигранти кој пловел без навигациски светла кон источните брегови на островот Хиос, во морската област Мирсиниди и не реагирал на светлосните и звучните сигнали упатени од патролниот брод, туку напротив, ја променил насоката, по што следел судир на глисерот со десната странична страна на патролниот брод.
Поради силниот судир, глисерот се превртел и потонал, при што сите патници паднале во морето, по што веднаш започнала акција за пребарување и спасување со четири патролни брода на Крајбрежната стража и еден приватен чамец со нуркачи, како и два хеликоптери на воената морнарица.
Засега непозната е точната бројка на мигранти кои со глисерот кон Грција тргнале од турското крајбрежје што е во непосредна близина. ср/рп/
Фото: Крајбрежна служба на Грција