Миленковски и Ѓорѓиев за МИА: И покрај поразот од Грција, имаме реални шанси за пласман на Европското првенство
- Со победа со поголем резултат над Грузија в недела во Скопје, на последниот натпревар од квалификациите, македонската одбојкарска репрезентација, според селекторот Јошко Миленковски и капитенот Никола Ѓорѓиев, има реални шанси да се пласира на Европското првенство во 2026 година и покрај вечерашниот пораз од Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 13 август 2025 (МИА) – Со победа со поголем резултат над Грузија в недела во Скопје, на последниот натпревар од квалификациите, македонската одбојкарска репрезентација, според селекторот Јошко Миленковски и капитенот Никола Ѓорѓиев, има реални шанси да се пласира на Европското првенство во 2026 година и покрај вечерашниот пораз од Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Веднаш по завршувањето на натпреварот во Атина, на кој македонската селекција имаше две сет топки, но не успеа да го добие третиот сет, селекторот и капитенот за МИА велат дека сега нивното внимание е насочено кон последниот квалификациски натпревар.
- За жал не успеавме да го земеме третиот сет, имавме две сет топки и два убави тројни блокови. Тоа е што е. За жал некогаш ќе дојде кај нас некогаш не. Честитки до Грција, одигра подобро. Беа, би рекол, похрабри во одлучните моменти. Ние ништо, нè чека пат назад. Ќе чекаме да ги видиме другите резултати. Мислам дека сè уште судбината во наши раце. Со победа од 3-0 над Грузија мислам дека ќе се пласираме на Европското првенство, истакна Ѓорѓиев веднаш по натпреварот.

Селекторот Миленковски за МИА коментираше дека нивната намера на гостувањето во Атина беше да направат добар резултат и „можеби и ова е добар резултат“ и посочи дека противникот е поквалитетен, играше на домашен терен, мотивирано и со цел да го освои првото место во групата со што повеќе ранкинг бодови.
- Ние рековме ако веќе не можеме да победиме барем да освоиме еден сет за кој бевме многу блиску. Имавме две сет топки, направивме две наивни грешки, лесни грешки кои го одлучија тој сет. Меѓутоа од друга страна освоивме доста поени. Имаме 25, 15 и 18, тоа се 58, скоро 60 поени и влегуваме во последниот натпревар со позитивен поен количник и сме далеку подобри во моментов од репрезентациите на Австрија и Норвешка. Ние играме на домашен терен со Грузија и тоа би требало да биде натпревар што ќе го одлучи нашиот пласман на Европското првенство. Се разбиора треба да играме добро и да ја победиме Грузија со поголем резултат за да ни се отворат шансите, затоа што сепак овде, мислам дека собравме доволен број поени, така што останува да го одиграме последниот натпревар со Грузија и да го заокружиме ова наш учество во квалификациите со пласман на Европско, објасни селекторот на машката одбојкарска репрезентација.

„Црвено-жолтите“ вечерва во Атина загубија со 3-0 (25:18; 25:15 и 27:25) од домаќинот Грција што беше фаворит на натпреварот, но и во Ф групата од квалификациите кои ги заврши без пораз. ср/
Фото: МИА