• четврток, 20 февруари 2025

Милановиќ положи заклетва за претседател на Хрватска

Милановиќ положи заклетва за претседател на Хрватска

Загреб, 18 февруари 2025 (МИА) – Зоран Милановиќ денеска свечено положи заклетва за втор мандат претседател на Хрватска пред претседателот на Уставниот суд, Мирослав Шепаровиќ, ветувајќи лојалност кон Уставот и оти ќе ја извршува должност за доброто на хрватскиот народ и хрватските граѓани.

На инаугурацијата присуствуваа поранешни претседатели, претставници на институциите, на армијата, на верските заедници, лидери на партии, но немаше претставници од Владата на Хрватска.

Вториот петгодишен мандат на Милановиќ официјално почнува утре.

- Основна задача на државните институции е да го зачуваат мирот и безбедноста на граѓаните, а не мислам само на мирот и безбедноста во најелементарна, физичка смисла. Втората, речиси подеднакво важна цел е да се осигури дека тешките времиња не станат драматични времиња. Исто така, за да не се става најголем товар на грбот на најслабите и најмалку заштитените, а од добрите години да не профитираат само оние најблиските до центрите на моќ, најагресивните, најкомпетентните. Нееднаквоста и корупцијата подмолно го нагризуваат општественото ткиво, како злобна болест. Неопходно е да се изградат и унапредат правни и општествени механизми кои ќе овозможат да не попуштаме материјално или духовно во лоши времиња, а во време на просперитет да ја одржуваме реалноста, истакна Милановиќ.

Тој наведе дека другите држави и нации генерално не и посакуваат лошо на Хрватска, но оти кога се соочуваат „со изборот помеѓу нивните сопствени интереси и нашата благосостојба, тие секогаш ќе се одлучуваат за своите интереси, вклучувајќи ги и нашите пријатели и сојузници … Ова е реалноста на светот во кој живееме. Ова е повик да престанеме да нè занесуваат илузии, дека некој однадвор ќе се грижи за нас, кога ни е тешко или кога навистина ни е потребно, наведе Милановиќ.

Според него се што Хрватска постигнала е заслуга на хрватскиот народ.

- Наш интерес е само нашите институции да бидат независни, професионални и одговорни, како што се медиумите или како што звучи подобро новинарството. Ова е, меѓу другото, предуслов за стабилноста и функционалноста на нашиот уставно-правен поредок и нашиот демократски систем. Тоа е, на едноставен јазик, штит против самоволието и тиранијата, истакна Милановиќ. ми/

фото: МИА архива

 

Остани поврзан