МИА ќе биде домаќин на 33. Генерално собрание на АБНА-ЈИЕ
- Медиумската информативна агенција - МИА следната година ќе биде домаќин на 33. Генерално собрание на Асоцијацијата на балкански новински агенции - Југоисточна Европа (АБНА -ЈИЕ), беше одлучено на 32. Генерално собрание што се одржа во Истанбул од 3 до 6 септември, во организација на турската национална новинска агенција Анадолија.
Истанбул, 6 септември 2024 (МИА) - Медиумската информативна агенција - МИА следната година ќе биде домаќин на 33. Генерално собрание на Асоцијацијата на балкански новински агенции - Југоисточна Европа (АБНА -ЈИЕ), беше одлучено на 32. Генерално собрание што се одржа во Истанбул од 3 до 6 септември, во организација на турската национална новинска агенција Анадолија.
Директорот на МИА Драган Антоновски е избран за член на Управниот одбор на АБНА-ЈИЕ.
За член на УО беше реизбран директорот на грчката новинска агенција АНА-МПА Амилиос Пердикардис. Во УО останува и директорот на Анадолија Сердар Караѓоз, кој и следната година ќе претседава со АБНА-ЈИЕ. Во управувачкото тело на Асоцијацијата на балкански новински агенции - Југоисточна Европа е и генералниот секретар на АБНА-ЈИЕ и генерален директор на бугарската новинска агенција БТА Кирил Влчев.
На 32. Генетрално собрание на АБНА-ЈИЕ во Истанбул учествуваа првите луѓе на националните новински агенции од Балканот, Медитеранот и Европа, вклучително и директорот на МИА Драган Антоновски и главниот уредик Ана Цветковска.
Учесниците разговараа за претстојните проекти и предлозите за измени на регулативите за состанокот на Генералното собрание во 2025 година.
Осврнувајќи се на исходот од средбата, Караѓоз изрази оптимизам за иднината на Асоцијацијата и очекување за понатамошен напредок.
Во рамки на 32. Генерално собрание на Асоцијацијата на балкански новински агенции – Југоисточна Европа (АБНА-ЈИЕ), чија членка е и МИА, беше одржана и Конференција „Навигација на ВИ и медиумите“, на која се дебатираше за улогата на вештачката инелигенција во креирањето на медиумските перспективи, потенцијалите на ВИ и можностите, кои ги отвора, но и нејзиното правилно користење во медиумското работење со цел да се заштитат основните постулати на кои почива новинарството.
Претседавачот Сердар Караѓоз ја истакна клучната улога што технологијата ја игра во медиумите денес.
- Ако има една работа за која сите зборуваат - на улиците, во нашите домови, во училиштата - тоа е технологијата, рече Караѓоз.
Посочи дека Анадолија веќе активно вклучува технолошките иновации, особено во областа на вештачката интелигенција.
- Имаме посебен оддел во нашата компанија што се занимава со вештачка интелигенција. Ги охрабрувам сите новински агенции да се вклучат повеќе во технологијата, рече Караѓоз.
На конференцијата се обрати и турскиот министер за индустрија и технологија Мехмет Фатих Каџир, кој напомена дека новите технологии треба да се користат во насока на зглемување на слободата на медиумите на Балканот и секако во унапредување на демократската култура.
Во АБНА-ЈИЕ членуваат 12 новински агенции - МИА, АТА, Анадолија, ФЕНА, БТА, ХИНА, ЦНА, АНА-МПА, Косова прес, МИНА, Аџерпрес и АНСА.ац/са/
Фото: МИА