11 јуни 2025
Скопје - Министерот за надворшени работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска го примил на средба амбасадорот на Република Албанија, Денион Мејдани.
На средбата, како што објави на неговиот фејсбук профил Муцунски, разговарале за важноста од интеграцијата на регионот во Европската унија, нагласувајќи дека успешното заокружување на европската перспектива на земјите од Западен Балкан ќе придонесе за зајакнување на регионалниот развој, стабилност и безбедност.
Охрид - Унапредување на билатералната воена соработка меѓу македонската и унгарската армија, процесот на трансформација и модернизација на Армијата и соработката меѓу специјалните сили на двете држави се во фокусот на разговорите на началниците на Генералштабот на Армијата на Македонија, генерал-мајор Сaшко Лафчиски и на Генералштабот на вооружените сили на Унгарија, генерал Габор Беренди.
Скопје - Во организација на Министерството за внатрешни работи денеска беше промовиран документот „Проценка од закани од сериозен и организиран криминал - СОКТА 2025“.
Овој настан организиран со поддршка од ЕУ за зајакнување на борбата против криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе за Западен Балкан (EU4FAST), соопштија од МВР, претставува клучен чекор во унапредувањето на националните капацитети за справување со предизвиците поврзани со сериозниот и организираниот криминал.
Скопје – Министерството за образование и наука и Педагошката служба, која е во негов состав, имаат издвоено средства за замена на сите оштетени учебници. Министерката Весна Јаневска денеска апелираше училиштата да се обратат доколку имаат потреба за нов тираж учебници за учениците да бидат мотивирани да учат од неоштетени учебници.
На прес-конференција таа рече дека деновиве прима многу поплаки од родители кои се пожалиле дека на нивните деца им биле дадени оштетени учебници, некои и со пообемно оштетување.
Скопје – Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, информира дека завршени се сите процедури и обезбедени се скоро 24 милиони денари за санација на блок 3 и 5 како и кровот на универзитетска библиотека „Св. Климент Охриски“-Скопје.
Министерот на денешната прес - конференција во библиотеката посочи дека избран е надзор за проектот и дека почнува санацијата.
Скопје - Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани за време на својата посета во Австрија остварил официјална средба со пратеникот во Националниот совет на Австрија и претставник на Социјалдемократската партија на Австрија, Роберт Лајмер, во рамки на продлабочување на билатералната соработка и размена на искуства меѓу двете земји.
Скопје - Забрануваме 173 нови нелегални приредувачи на онлине игри на среќа, објави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на неговиот Фејсбук профил.
- Апелирам до досегашните играчи, во најбрз можен рок да ги повлечат сите депонирани средства и да не се подведуваат на лажните и манипулативни е-маил пораки кои ги наведуваат да ги користат овие нелегални страници на несигурен и небезбеден начин. Никој не може да нè заштити ако не се заштитиме сами!, порача на ФБ министерот Андоновски.
Скопје - Основното јавно обвинителство денеска во завршните зборови на судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски побара максимална казна доживотен затвор за четворицата обвинети Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Боре Видевски и Велибор Манев, додека за таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски побара судот да му ја одреди соодветната затворска казна.
Како што посочи обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска, исказите на обвинетите дадени пред Обвинителството не се совпаѓаат со исказите дадени пред судот, ниту пак, како што рече, се совпаѓаат со изведените докази. Според неа, не е нужно да се утврди мотивот за убиството, туку, како што рече, тој е субјективен однос на злосторникот кон делото.
Куманово - Четири здруженија од Куманово ќе спроведат проекти од областите за заштита на животна средина, социјална кохезија и намалување на сиромаштија, туризам и култура и младински иницијативи, информираа денеска надлежните од одделението за стратешко планирање, креирање политики, следење и локален економски развој од општината.
Куманово - Поефикасна и навремена здравствена заштита ќе добијат пациентите од североисточниот регион со вработувањето на 24-те специјализанти во Кумановската општа болница, посочија на денешната прес-конференција надлежните од здравствената установа. Вработени се по двајца специјализанти на интерно одделение, на урологија, психијатрија, ортопедија, дерматовенерологија, педијатрија, по еден специјализант на хирургија, гастроентерохепатолог, ендокринолог, пулмолог, еден на пластична и реконструктивна хирургија, оториноларинголог, офталмолог. Министерството за здравство одобри вработување на 28 специјализанти што е најголема бројка во државата.
Штип - Почна расчистување на штипската депонија „Трештена скала“, во која отпадот неколку дена гори бидејќи собирачи на железо неовластено влегуваат во неа и го палат сметот. Штипското комунално претпријатие „Исар“ од денеска во функција стави булдожер –гасеничар, кој ќе ја чисти депонијата и ќе го гасне запалениот смет.
Директорот на ЈП „Исар“ Александар Арсовски на денешната прес-конференција рече дека воведена е и 24-часовна стражарска служба со цел да се спречи неовластено влегување и палење на самата депонија. Но, вработените секојдневно добиваат закани по живот од собирачите на железо.
Струга - Со 2,61 промили алкохол во крвта жител на струшкото село Пискупштина бил запрен од полицијата на регионалниот пат Струга – Дебар, по што бил исклучен од сообраќај, соопшти денеска СВР Охрид.
Според информацијата, синоќа во 20 часот на место викано „Кореа“, полициски службеници од Полициското одделение Велешта го лишиле од слобода Д.Б.(60) од селото Пискупштина.
Скопје – Студентските домови „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје, кои се реконструираат од минатата година, се очекува да бидат повторно отворени за сместување студенти од вториот семестар на учебната 2025/2026 година.
-Ќе треба да се почека до вториот семестар затоа што „Кузман“ се очекува да се заврши некаде во ноември. За жал, реконструкцијата на „Стив“ почна со задоцнување, но ние таа состојба ја затекнавме и моравме да ја решаваме. Откако ја решивме, повторно имаше технички работи, градот, општината, дозволи, маркица..., и откако го решивме тоа, веднаш почнаа со работа. Но, очекувам и „Стив“ до крајот на годината да биде готов па во вториот семестар студентите веќе ќе можат да влезат во домовите, рече Јаневска на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање.
Скопје – Здружението за кривично право и криминологија на Македонија и Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ денеска организираа научно-стручна расправа за Предлог-законот за Судски совет, на која присуствуваа преставници од Судскиот совет, од судовите и од академската заедница.
На расправата беше нагласено дека се работи за важен закон затоа што работата на Судскиот совет треба да ја гарантира независноста на судството во државата, особено што владеењето на правото и хармонизацијата на правниот систем на Македонија со правото на ЕУ се важна точка на нашиот напредок кон европското семејство.
Скопје - На информативен ден за мерките од Оперативниот план за вработување што денеска се одржа во Струмица, заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески ги повикал сите заинтересирани да аплицираат на некој од трите објавени јавни повици од мерката Поддршка за самовработување (претприемништво), со која се нуди висока финансиска поддршка, а во годинашните мерки посебен акцент е ставена на поддршката на младите лица.
Куманово - Здружението за уметност и култура „Music Connecting People“ по петти пат го организира фестивалот „Пикник у Пелинце“, информираа денеска организаторите. Станува збор за музички фестивал што се одржува секое лето, а петото јубилејно издание е закажано за 21 и 22 јуни непосредно до Меморијалниот центар АСНОМ.
Белград - Српскиот претседател Александар Вучиќ учествува денеска на самитот Украина-Југоисточна Европа, соопшти неговиот кабинет. Беше наведено дека Вучиќ ќе биде во еднодневна посета на Украина.
Самитот Украина-Југоисточна Европа се одржува во Одеса. Лани, третиот самит се одржа во Дубровник.
Хелсинки – Финското Министерство за надворешни работи го повика на разговор највисокиот руски дипломат во Хелсинки поради наводно нарушување на финскиот воздушен простор од руски воен авион – втор таков инцидент во последните три недели.
Според финските власти, руски воен авион навлегол во воздушниот простор на Финска во близина на крајбрежниот град Порвоо, на Финскиот Залив.
Москва - Советникот на рускиот претседател Владимир Путин и шеф на руската преговарачка делегација со Украина, Владимир Медински, изјави дека доколку Киев не ги прифати условите на Москва за прекин на војната, ќе загуби уште делови од својата територија.
Во интервју за американскиот весник „Волстрит џурнал“, Медински изјави дека „со Русија не може да се води долга војна“, повикувајќи се на историскиот пример со Големата северна војна (1700–1721) против Шведската империја, која, според него, покажува дека Русија издржува и победува во долготрајни конфликти.
Москва - Преговорите меѓу САД и Русија за надминување на проблемите во билатералните односи ќе се преместат од Истанбул во Москва, соопшти новиот руски амбасадор во Вашингтон, Александар Дарчиев.
- Враќањето на руско-американските односи на позитивна патека сè уште е далеку, изјави Дарчиев, додавајќи дека приближувањето кон Москва е попречено од таканаречената „длабока држава“ во САД и антируските „јастреби“ во Конгресот. Тој потврди дека следната рунда преговори меѓу делегациите ќе се одржи во Москва во блиска иднина.
Газа – Најмалку 35 луѓе загинаа во денешниот израелски напад врз Појасот Газа. Поголемиот број жртви биле во близина на пункт за дистрибуција на хуманитарна помош.
Според претставници на болниците Ал Шифа и Ал Кудс 25 луѓе загинале во близина на центар за дистрибуција на помош управуван од Хуманитарната фондација за Газа (ХФГ). Додека другите десет жртви се убиени при напади врз Хан Јунис, во јужниот дел на палестинската енклава.