• петок, 27 септември 2024
МИА Флеш

19 септември 2024

- Нашето членство во НАТО претставува долгорочна стратешка определба и придонесува за зајакнувањето на колективната безбедност, порача денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцински во обраќање на приемот организиран во седиштето на Алијансата во Брисел по повод Денот на независноста – 8 Септември.

 - Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, денеска и утре е во работна посета на Унгарија, каде што ќе присуствува на состанокот на министри за транспорт на земјите членки на Европската Унија. 

- Во организација на Министерството за правда, а во соработка со Организацијата за безбедност и соработка во Европа-Мисија денеска во Скопје се одржа првата јавна расправа за подрачјата на Апелационите судови Скопје и Штип за Предлог законот за кривична постапка. На настанот, како што соопшти Министерството за правда,  присуствуваа судии, обвинители, адвокати, полициски службеници и претставници на граѓанскиот сектор.

- Државниот секретар во Министерството за внатрешни работи, Сашо Петрушевски предводел делегација на министерската конференција „Сараевски миграциски дијалог“ што се одржува во Јахорина, Босна и Херцеговина во организација на Министерството за сигурност на Босна и Херцеговина и со поддршка на Владата на Швајцарија.

- Министерот за здравство Арбен Таравари при денешната посета на Клиничка болница-Штип изјави дека се надева оти градежните активности кои се стопирани на новиот објект на болницата ќе продолжат наредната година.

- Министерот за здравство Арбен Таравари информира дека се размислува дали модуларната болница лоцирана кај Инфективната клиника во Скопје да ја преземе Министерството за одбрана или пак  таа да се пренесе во Затворот Идризово. Таравари, денеска во одговор на новинарско прашање, посочи дека има одлука од Владата за преземање на модуларната болница од страна на МО, но оти треба амбуланта и во Затворот Идризово.

- Клубот за младински прашања и политики е тело кое претставува мост на младите со институциите. Законот за младинско учество и младински политики, кој беше донесен за време на првиот состав на Клубот, треба да се надоградува. Тој направил одредено поместување, но во голема мера не се имплементираат одредени одредби. Кога се во прашање младите не треба да има политика, младинските политики треба да бидат приоритет и сите пратеници да работат натпартиски. Ова беа заклучоците од денешната прва јавна дебата на новиот состав на собранискиот Клуб за младински прашања и политики.

- Општина Центар распиша оглас за доделување на стипендии за талентирани ученици од сите осум основни училишта од областа на културата, спортот, науката, техниката и посебните вештини. Заинтересираните ученици кои сакаат да аплицираат за дадените огласи ќе може да поднесат документи само на еден (1) оглас од областа на култура, науки, техника и посебни вештини или спорт. Доколку ученикот поднесе документи во различни категории, истите нема да се разгледуваат. Комисијата при изборот на ученици стипендисти ќе го вреднува успехот постигнат во последните три учебни години.

- Состојбата со денга треска во Црна Гора не е алармантна и оваа болест не го оптоварува црногорскиот здравствен систем, изјави денеска специјалистот епидемиологија при Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) Небојша Секулиќ, кој очекува уште еден случај на оваа болест да биде регистрирани во наредниот период.

–  Грција и Кипар се две земји столбови на стабилност и безбедноста во регион што е од особена геостратешка важност, посочија грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и кипарскиот претседател Никос Христодулидис на почетокот на нивната денешна средба во Атина, јави дописничката на МИА од Атина. 

- Албанскиот премиер Еди Рама денеска во Брисел изјави дека „процесот на интеграција во Европската Унија е всушност процес на демократско зајакнување на државата, и затоа мора да си ја завршиме домашната задача за себе“, објави АТА.

 -  Израелските сили извршија уште еден бран апсења низ окупираниот Западен Брег. Во Калкиља и блискиот град Џејус, тие приведоа 13 лица, меѓу кои една жена, а уште шест лица беа уапсени во Витлеем. Уште две лица се уапсени во селата Беит Рима и Кафр Еин, кои се наоѓаат северозападно од Рамала. 

- Повеќе од 130 светски лидери ќе се сретнат следната недела во Њујорк на Генералното собрание на Обединетите нации, каде што ќе разговараат за војната на Блискиот Исток и Европа, бавното темпо на напорите за ставање крај на тие конфликти и влошувањето на климата и хуманитарната кризи.

- Најмоќното и најразорното оружје е во служба на 25-тата подморничка дивизија на руската Тихоокеанска флота, а подготвеноста за негова употреба е на извонредно високо ниво, изјави главниот командант на Руската воена морнарица, адмирал Александар Моисеев.

- Членовите на Претставничкиот дом на САД, кој е под контрола на републиканците, го отфрлија предлог-законот за финансирање на американската влада до 28 март.

- Повеќе од 20 жени обвиниja дека биле сексуално нападнати, а некои и силувани, од страна на Мохамед Ал-Фајед, поранешниот сопственик на прочуената лондонска стоковна куќа Харoдс, кој почина минатата година на 94-годишна возраст, јави Би-Би-Си. Во документарецот @Ал-Фајед: Предатор во Хародс", биле собрани докази дека компанијата помагала да се прикријат овие обвинувања.

 - Пред пет години, британскиот научник Сол Њуман објави научен труд за таканаречените „сини зони“ - места каде што наводно луѓето водат „неверојатно долг и здрав живот“, како што се јапонскиот остров Окинава и Сардинија кај Италија. Самиот д-р Њуман сега признава дека голем дел од сѐ тоа било лага.

- Во Хонг Конг денеска беше изречена првата пресуда по новиот строг закон за национална безбедност – дваесет и седумгодишниот Чу Кај-понг е осуден на 14 месеци затвор поради носење маица со протестен слоган.

Тагови

Остани поврзан