• сабота, 27 јули 2024
МИА Флеш

20 февруари 2024

 

Скопје - Македонски државјанин (32) во саботата околу 2 часот по полноќ бил претепан до смрт по претходна расправија со двајца Еритрејци на возраст од 25 и 29 години, во Есен, Германија, јави германскиот весник „Билд“. Инцидентот, како што пренесува „Билд“ се случил во центарот на градот, каде по претходна расправија двајцата Еритрејци го нападнале и тепале со пивско шише, додека тој не колабирал, по што заминале кон централната железничка станица. Македонскиот државјанин, кој веќе бил во несвест, го пронашол случаен минувач, кој се обидел да му даде прва помош. Тој бил однесен во болница, но по кратко време починал  од сериозноста на повредите, рече портпаролот на полицијата, јави германски „Билд“.

Скопје - Техничкиот премиер Талат Џафери смета дека лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети нема да прифати кандидатура за претседател на државата. -Господинот Ахмети има мисија, а не е претендент за функција колку што знам. И мислам дека нема да прифати да биде кандидат. Нема потреба тој да покажува кој е и колку е после 50 години свој придонес во нештата во оваа држава, и за оваа држава и за граѓаните во оваа држава. Така што, негова мисија е Европа, Европска унија и си работи на таа мисија, рече Џафери при денешната посета на кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза" во Скопје. Џафери смета дека не е приоритет на Ахмети натпреварот по однос на носењето на функција.

Куманово - Стигнати се 20.000 обрасци, до крајот на месецов ќе стигне дополнителна пратка, како и во јуни, никој никого не саботира во МВР, изјави денеска дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, кој заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски оствари средба со раководството на Секторот за внатрешни работи Куманово. Одговарајќи на новинарски прашања за промена на документите, Бојмацалиев рече дека досега се издадени над еден милион и триста илјади пасоши.

Скопје – Техничкиот премиер Талат Џафери и министерот за образование и наука Јетон Шаќири, денеска го посетија Универзитетот „Мајка Тереза“, при што беа информирани за потребите на високо образовната установа. Имајќи ги предвид предизборните ограничувања, Џафери посочи дека не може да се носат конечни одлуки кои имаат финансиски импликации, но вели не е пречка да се направи евалуација и по изборите соодветно да се одговори на барањата и потребите на Универзитетот.  – Секако имавме прилика да се запознаеме и со потребите коишто се пред универзитетската управа во смисла на просторот, лабораториите и се друго во контекст на она што се институционални обврски, изјави Џафери.

Скопје - Техничкиот премиер Талат Џафери смета дека не треба да има буџетски пари за рекламирање на партиите  -Мојот став е дека не треба да има буџетски пари за реклами во смисла на предизборието. Но, ќе одите во вашите куќи да прашате зошто инсистираат токму на тој закон. Пак ќе бидам обвинет, тоа си го знам, меѓутоа ставот мој е дека не треба буџетски пари да има за таа работа, рече Џафери при денешната посета на кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза" во Скопје. Потенцира дека тој уште во 2019 година кога се случиле измените на Законот за Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) се изјаснил против ова прашање.

Скопје - Министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири оствари прва официјална средба со Ане Јохансен, специјалната претставничка на Светската здравствена организација за Северна Македонија и шефица на Канцеларијата на СЗО во Скопје. Како што се наведува во денешното соопштение на Министерството за здравство, Демири и Јохансен дискутирале за заедничките приоритети од областа на здравството и за активностите што ќе се спроведуваат во рамките на двегодишниот договор за соработка меѓу СЗО и ова министерство, за периодот 2024 - 2025 година.

Скопје - Полициски службеници на СВР Тетово, вчера околу 19 часот и 40 минути на улицата „Љуботенска“ во Тетово го привеле 31-годишниот тетовец С.Џ., соопштија денеска од МВР. Како што стои во соопштението, тој бил баран по централна потерница врз основа на судска наредба за издржување на двегодишна затворска казна за сторено кривично дело „тешка кражба“ по член 236 од Кривичниот законик. Лицето ќе биде спроведено во затворот Идризово во Скопје за издржување на казната. 

Куманово - Надлежните од здравствен дом Куманово денеска негираа какво било влијание, партиско или етничко за прием на стоматолози и сестри, откако претходно до медиумите пристигна известување дека на последниот конкурс примени се само стоматолози Албанци и девет од 12 медицински сестри Албанки. Од Здравствен дом велат дека се примени најдобрите кандидати, лица кои биле на тестирање, верифицирани од Комисијата. - Тестовите ги подготвува Министерството за здравство, тие ги подготвуваат и ги доставуваат до Комисијата. После завршувањето на процедурите, институцијата ги избира најдобрите кандидати. Незадоволните имаат право на жалба, велат од Здравствен Дом Куманово. Од установата посочуваат дека има и видео-снимки од полагањето на кандидатите и кажаа дека за вработувањата реагираат најслабо рангираните кандидати.

Атина – Земјоделците од северниот дел на Грција кои останаа на блоковите и нема да присуствуваат на попладневниот протест во Атина, не е исклучена можноста симболично да ги затворат граничните премини Ники (Меџитлија) и Евзони (Богородица) кон Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина. Самите земјоделци кога го соопштија денешниот протест, најавија дека паралелно ќе постават блокади на граничните премини и пристаништата. Протестот во Атина е закажан за 18.30 часот попладнево, со што се очекува, доколку ги блокираат граничните премини, тоа да биде во попладневните часови. За граничниот премин Ники (Меџитлија), според локалните медиуми можно е затворање во периодот од 17 до 20 часот по грчко, односно од 16 до 19 часот по македонско време. Во однос на Евзони (Богородица), засега нема официјална информација, иако според информациите на дописничката на МИА од Атина, пракса на земјоделците е да не ги најавуваат блокадите, кои најчесто се симболични и се однесуваат само на камионите и се по 20 часот по локално време, како што беше случај вчера.

Делчево - Во Делчево во тек е пријавувањето за планинарскиот марш кој по повод одбележувањето 80 години од Февруарскиот поход в недела ќе се одржи на планината Голак. Општина Делчево претходно за в петок организира пригодна свеченост на планината Голак, каде во рамки на одбележувањето на настанот пред спомен плочата на Февруарскиот поход ќе биде положено цвеќе. 

Скопје - Заменик министерот за правда во техничката Влада, Викторија Мадиќ Аврамовска остварила билатерална средба со заменик на министерот за правда на Украина, Олександр Банчук, на маргините на Меѓународната конференцијата „Иднината на проширувањето на ЕУ: Правосудство и темелни права”, која се одржа во Загреб. Како што соопшти Министерството за правда, соговорниците констатирале дека Република Северна Македонија и Украина треба да работат на реформи и да се соочат со сите предизвици на патот кон ЕУ.

Скопје - Бројките на мерењата на јавното мислење, т.е. анкети јасно покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ е фаворит на следните парламентарни избори. Бројките на анкетите се такви какви што се, јавноста ги знае, ВМРО-ДПМНЕ е голем фаворит за следните парламентарни избори коишто ќе се случат за нешто помалку од или би рекол нешто повеќе од 2 месеци, некаде околу 44-45 дена имаме до почеток на кампањата за првиот круг претседателски избори, вели претседателот на партијата Христијан Мицкоски. -ВМРО-ДПМНЕ е голем фаворит за следните парламентарни избори кој ќе се случат за нешто повеќе од 2 месеци. Некаде околу 44-45 дена имаме до почеток на кампањата за првиот круг на претседателски избори, вели Мицкоски во гостување на утринската емисија „Здраво Македонијо“ на Канал 5 телевизија, истакнувајќи дека е огромна разликата и оти таа е повеќе од 2:1 и таа ќе биде уште поголема односно 2,5 спрема 1.

Скопје - Во Кавадарци вчера во 16 часот полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиле од слобода Д.С.(28) од Кавадарци, соопштија денеска од МВР. Тој се сомничи дека претходно извршил кражба во паркирано патничко возило „цитроен“ со светиниколски регистарски ознаки, сопственост на Е.К.(27) од Кавадарци, при што одзел повеќе предмети. Одземеното било пронајдено и вратено на сопственикот. Д.С. бил задржан во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Скопје - Се чисти поранешниот објект на ЈУ за згрижување и воспитување на деца и младинци „Ранка Милановиќ“ во Скопје, а беше поделена и храна за семејствата кои живеат таму. Министерот за труд и социјална политика во техничката Влада, Ѓоко Велковски заедно со градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски денеска беа на оваа локација и со претставници на Црвениот крст, поделија прехранбени пакети за оние на кои тоа им е најпотребно.

Будимпешта – Владејачката унгарска партија ФИДЕС на 26 февруари во Парламентот да гласа за ратификација на членството на Шведска во НАТО, а партијата ќе го поддржи, објави денеска на Фејсбук претседателот на парламентарната група ФИДЕС, Мате Кочис. По долго одложување, Унгарија ќе биде последната земја-членка што ќе го одобри приемот на оваа нордиска земја во НАТО. Шведскиот министер за одбрана Пол Јонсон денеска изјави дека ја поздравува веста дека унгарскиот Парламент следната недела ќе гласа за членството на неговата земја во Алијансата. 

Париз - Француските пратеници во Европскиот парламент (ЕП) од десничарската партија „Републиканци“ (Les Republicains) кои ќе бидат избрани во јуни, нема да гласаат за вториот мандат на Урсула фон дер Лејен на чело на Европската комисија, дури и таа да е кандидат на нивната пратеничка група на Европската народна партија (ЕПП), соопшти денеска таа партија. „Нема да ја поддржиме на изборите, бидејќи сметаме дека нејзините резултати не се во согласност со она што денес го очекува Европа“, изјави претставникот на „Републиканците“ Франсоа-Кзавиер Белами за радиото Франс Интер.

Вашингтон - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска патува за Аргентина и Бразил на средби за зацврстување на односите со лидерите на тие две земји. Тој исто така ќе учествува на средбата на министрите за надворешни работи на земјите од Г-20 што се одржува во Рио де Жанеиро. Ова е прва посета на Блинкен на Бразил и Аргентина во својство на државен секретар на САД. Тој ќе се сретна со претседателот на Бразил Луис Игнасио Силва и со неодамна избраниот претседател на Аргентина Хавиер Милеи.

Брисел - Советот на ЕУ денеска ја усвои Директивата за подобро информирање, заштита и прилагодување на потрошувачите во Унијата во процесот на зелената транзиција и воспоставувањето на циркуларната економија.  Со новите правила, како што јави дописникот на МИА од Брисел, се зајакнуваат правата на потрошувачите преку измена на директивите за нефер комерцијални практики (УЦПД) и за правата на потрошувачите (ЦРД)

Брисел - Советот на ЕУ денеска го усогласи својот став во однос на Предлог-директивата за зајакнување на улогата на телата задолжени за борба против дискриминацијата врз основа на пол, раса, етничко потекло, религија, попреченост, возраст или сексуална ориентација.  Предлогот треба да им помогне на телата за промоција на рамноправноста и да ја подобри нивната ефикасност во борат против секоја форма на дискриминацијата и во поддршката на жртвите, како и да ја гарантира нивната независност преку утврдување на минимални стандарди за нивното функционирање. 

Њујорк - Обединетите нации денеска соопштија дека издвоиле 100 милиони долари за поддршка на недоволно финансираните хуманитарни кризи во седум земји, вклучително и Демократска Република Конго (ДРК), Судан и Сирија. Овој износ на средства за хуманитарни кризи во седум земји од Централниот фонд за вонредни состојби (ЦЕРФ) е меѓу најмалите доделени во последниве години бидејќи хуманитарните организации, соочени со низа хуманитарни кризи, се борат да привлечат донатори. „Ова го одразува намаленото финансирање што ЦЕРФ го доби во 2023 година, барем од 2018 година, и ја претставува острата реалност дека не успеваме да бидеме во чекор со растечките хуманитарни потреби“, соопшти Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (OCHA), која управува со фондот за итни случаи.

Женева - Повеќе од 90 отсто од децата на возраст под пет години во Појасот Газа секојдневно се прехрануваат со два или помалку видови намирници, што се смета за услови на тешка сиромаштија, се вели во извештајот на Глобалниот кластер за исхрана на партнерската организација за обезбедување помош од фондовите на агенцијата на ОН.деца (УНИЦЕФ), објавија денеска американските медиуми. Сличен процент од децата заболеле од заразни болести, при што 70 отсто од децата страдале од дијареа во последните две недели. Според извештајот, повеќе од 80 отсто од домаќинствата во Газа немаат здрава вода за пиење, а просечното домаќинство има на располагање само еден литар вода по лице дневно.

Газа - Палестинската група Хамас соопшти дека ќе прифати договор за размена на затвореници само ако Израел се согласи на целосен прекин на огнот и влез на хуманитарна помош во Појасот Газа. „Враќањето на (израелските) окупациски затвореници има три цени. Првата е олеснување на враќањето на нашиот народ во нормален живот. Второто е крај на агресијата, а третото е вистинска размена на затвореници во која би биле ослободени нашите 10.000 затвореници во израелските затвори“, изјави Халил ал Хаја, член на политичкото биро на групата, во интервју за катарската „Ал Џезира ТВ“.

Лос Анџелес - Највисокиот маж на светот, Султан Косен од Турција, повторно се сретна со својата „спротивност“ - најниската жена на светот, Индијката Џиоти Амге. Средбата се случи во американската сојузна држава Калифорнија. Турчинот, инаку, има 251 сантиметар, а Амге е висока 62,8 цм. Тие претходно се сретнаа и во Каиро, Египет, во 2018 година, на покана на тамошното Министерство за култура и туризам, при што ги посетија и пирамидите во Гиза. По шест години двајцата повторно се сретнаа во САД каде што заедно појадувале, а на крајот и се фотографирале за спомен.

Москва – Повеќе од 67.000 руски граѓани испратиле официјални белешки до Истражниот комитет на земјата, со кои бараат телото на Алексеј Навални да му биде вратено на неговото семејство, објави Медуза. Иницијативата поведена од групата за човекови права ОВД-Инфо доаѓа откако Европската Унија побара независна меѓународна истрага за смртта на Навални. Летонската „Новаја.газета Европа“ (Novaya.gazeta Europe) на 18 февруари објави дека полицијата ја обезбедува локалната мртовечница во арктичкиот град Салехард поради шпекулациите за локацијата на телото на 47-годишниот Навални.

Мадрид - Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти му понуди на легендата на клубот Лука Модриќ да му се приклучи на неговиот стручен штаб, пишува „The Athletic“. Како што е познато, на 38-годишниот Хрват му истекува договорот на лето и добива се помала минутажа, најверојатно на крајот од сезоната ќе го напушти кралскиот клуб. Поради оваа причина, тренерот на Реал, Анчелоти, му понуди можност на Модриќ да му се приклучи на неговиот тренерски штаб во Реал Мадрид. Сепак, тоа може да се случи само доколку Хрватот реши да се откаже од фудбалот на крајот од сезоната.

 

Тагови

Остани поврзан