10 јуни 2025
Скопје - Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на третата конференција на Обединетите Нации за океанот што се одржува во Ница, го потпиша Договорот според Конвенцијата на ОН за правото на морето за зачувување и одржливо користење на морската биолошка разновидност на области надвор од националната јурисдикција (Договор BBNJ). Како што денеска соопштија од Кабинетот на Сиљановска-Давкова, целта на договорот е преку зајакнување на меѓународната соработка и координација, да се сопре губењето на биолошката разновидност и деградацијата на екосистемите.
Скопје - Изградбата на новиот клинички центар треба да биде за стотина до сто и педесет милиони евра поевтин од тој којшто претходно го промовираше претходната влада, рече премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање на настан во Скопје. Тој напомена дека во меѓувреме, актуелниот Клинички центар ќе се реновира и реконструира, во рамките и можностите на Фондот и на ресорното Министерство.
Скопје - Собраниска делегација во состав Петар Ристески, Фатмир Битиќи и Илир Демири, членови на Делегацијата во Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПС на ПСЈИЕ), учествува на Дванаесеттата пленарна сесија на ПС на ПСЈИЕ, што се одржува од 8 до 10 јуни 2025 година во Тирана, во рамките на Албанското претседателство со ПСЈИЕ. На сесијата учествуваат претставници на 11 земји учеснички во ПСЈИЕ, како и на Советот за регионална соработка и на Балтичкото собрание.
Скопје - Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски присуствувал на настан по повод двојно одбележување на социјалната работа, Денот на социјалните работници - 10 Јуни и Денот на социјалната работа кој беше неодамна.
Целта на одбележувањето на овој ден е да се афирмира значењето на социјалната работа и улогата која ја имаат социјалните работници во различни подрачја на делување во нашата држава, информираат од Министерството.
Скопје - Донесено е Решение за забрана на увоз на пилешко месо од Бразил поради птичји грип, потврди денеска директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) Оливер Миланов. Решението, како што истакна, е веќе во сила.
Миланов потсети и дека пред пет дена, за спречување на можноста од ширење чума кај малите преживари (PPR), АХВ донесе Решение за забрана за увоз и транзит на живи домашни и диви мали преживари, семе, јајце клетки и емброни од домашни и диви мали преживари, месо од домашни и диви мали праживари, производи и преработки од месо од домашни и диви мали преживари, млеко и производи од млеко од домашни и диви мали преживари, како и нуспроизводи од домашни и диви мали преживари од Албанија каде, во областа Дебар, место Кастриот, на фарма со 200 кози имаше појава на ново жариште на болеста по пријавата на првиот случај во областа Скадар.
Скопје - Отворен е конкурсот за „Наградата од Европската Унија за истражувачко новинарство 2025“ за најдобрите истражувачки стории во Република Северна Македонија. Рокот за поднесување апликации е 16 јуни 2025 година до 00:00 часот.
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ги поканува сите новинари кои имаат објавено истражувачки стории во текот на претходната календарска година да се пријават за ЕУ наградата за истражувачко новинарство. Наградниот фонд за Република Северна Македонија изнесува 10.000 евра и признанијата се доделуваат во рамки на проектот „Зајакнување на квалитетот на новинарството на Западен Балкан и Tурција II“. Целта на наградата, како што се наведува, е да ги препознае извонредните достигнувања во истражувачкото новинарство и да ја зголеми видливоста на квалитетните стории.
Скопје - Во Гостивар синоќа во 23.45 часот полициски службеници од ОВР Гостивар го лишиле од слобода М.Ф.(70) од Гостивар.
МВР денеска соопшти дека при претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени пиштол марка „ЦЗ“ со рамка со куршуми калибар 9мм.
Скопје - Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, најави дека караванот „Се гледаме во маало со Горан Герасимовски“ отпочнува денеска од населбата Капишец, а ќе трае до 4-ти јули.
На средбата со новинарите утрово, тој потенцира дека преку овој караван, граѓаните ќе се информираат за тоа што е реализирано во изминатите три и пол години, но исто така центарци ќе можат да дадат и свои идеи, сугестии и предлози за поубав Центар.
Скопје - На свечена церемонија што ќе се одржи утре во Владата на Македонија, премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт Борко Ристовски, ќе им доделат Национално признание на најуспешните македонски спортисти за врвни достигнувања во екипни спортот.
Со национално спортско признание за врвни достигнувања во спортот ќе се стекнат:
- фудбал: Горан Пандев, Дарко Панчев, Илија Најдоски
- кошарка: Петар Наумоски, Перо Антиќ
- ракомет: Кирил Лазаров, Стојанче Стоилов, Владо Недановски, Петар Ангелов, Марко Кизиќ, Марко Мишевски, Мартин Поповски, Валентина Радуловиќ, Елена Ѓорѓиевска, Индира Кастратовиќ, Гордана Нацева, Мирјана Чупиќ, Милева Велкова, Анжела Платон, Лариса Кисељова, Елена Златановска Муратовска, Клара Боева.
Тирана - Албанскиот премиер Еди Рама од 12 до 17 јуни ќе престојува во Соединетите Американски Држави, при што на 14 јуни ќе присуствува на свадбената церемонија на Алекс Сорос, објави Еуроњуз Албанија.
„Рама пристигнува на 12 јуни и заминува на 17 јуни. На 14 јуни се жени Алекс Сорос. Посетата на Рама на САД доаѓа во време кога, Стејт департментот има „замрзнати“ односи со него и останува да се види како ќе се одвиваат работите, наведува телевизијата.
Атина – Меѓу 11 и 18 отсто се зголемиле цените на овошјето, какаото, кафето, чајот, струјата, кириите, природниот гас во Грција во период од една година, согласно официјалните податоци од грчката Служба за статистика, додека инфлација во мај била 2,5 отсто, јави дописничката на МИА од Атина.
Годишната инфлација за еден месец е зголемена за 0,5 проценти, односно на 2,5 отсто од 2 проценти во арпил годинава.
Грац - Неколку лица загинаа во пукање во училиште во австрискиот град Грац, соопшти Министерството за внатрешни работи, пренесе Би-Би-Си.
Меѓу жртвите има ученици и наставници, а се верува дека напаѓачот се самоубил во училишниот тоалет.
Локалните медиуми известуваат за осум загинати, но овие информации сè уште не се официјално потврдени. Според јавниот сервис ОРФ, речиси еден час по пријавеното пукање, во тек е голема полициска операција.
Хаг - Хакерската група „Laundry Bear“, за која холандските власти тврдат дека е поврзана со руските разузнавачки служби, се обидела да ги хакира серверите на НАТО и холандската полиција, соопштија холандските разузнавачки агенции, пренесе „НЛ тајмс“.
Групата, која стои зад нападите врз мрежите на холандската полиција, НАТО и неколку европски земји во 2024 година, имала за цел да добие пристап до тајни информации за воена опрема и испораки на оружје за Украина.
Брисел - Вojната веќе не е незамислива, изјави денеска еврокомесарот за одбрана Андриус Кубилиус на форум за безбедност во Брисел. Тој нагласи дека НАТО располага само со половина од предвидените средства за подготвеност.
- Се соочуваме со совршена бура: војната во Украина продолжува без изгледи за мир, рускиот претседател Владимир Путин не се стреми кон мир, а дипломатијата не дава резултати. Руската агресија се зголемува, а Путин планира напад врз земја од ЕУ. Повлекувањето на САД од Европа е реалност, иако остануваат во НАТО, рече Кубилиус, додавајќи дека Европа мора да ги замени САД во обезбедувањето на безбедноста.
Берлин - Федералниот полициски комесар на Германија, Ули Гроеч, изјави дека членството во крајнодесничарската партија „Алтернатива за Германија“ (АзГ) е несоодветно за полициските службеници, пренесе ДПА.
- Членството во АзГ и работата како полицаец се некомпатибилни, рече Гроеч за весникот „Рајнише пост“. Тој додаде дека јавната поддршка за партијата, како кандидатура за локални или парламентарни избори, треба да резултира со отпуштање од полицијата.
Тел Авив - Шведската активистка Грета Тунберг денеска го напушти Израел откако беше задржана на бродот „Мадлин“, кој пренесуваше хуманитарна помош за Појасот Газа, соопшти израелското Министерство за надворешни работи.
Бродот беше пресретнат од израелските сили вчера во меѓународни води. Тунберг беше качена на лет за Франција, од каде ќе продолжи кон Шведска, се наведува во соопштението на израелското Mинистерство.
Берлин - Во 2024 година, 291.955 странци добија германско државјанство, што е највисока бројка од почетокот на водењето статистика во 2000 година, јави ДПА.
Сиријците се најбројната група меѓу новите германски државјани, сочинувајќи 28 отсто од сите апликанти, следени од државјани на Турција (8%), Ирак (5%), Русија (4%) и Авганистан (3%). Кај руските државјани е забележан значителен пораст од 551 отсто во споредба со 2023 година, со 12.980 нови државјани.
Њујорк - Рекет на тенисерот Рафаел Надал е продаден на аукцијата организирана од компанијата „Prestige Memorabilia“ за рекордни 157.300 долари, објави „ESPN“.
Со овој рекет Шпанецот играше во финалето на Ролан Гарос во 2017 година, каде во три сета го победи Швајцарецот Стен Вавринка и по 10. пат во кариерата го освои турнирот.
Цената е највисока во историјата на продажба на тениски рекети на аукција.