• четврток, 18 април 2024
МИА Флеш

26 мај 2023 

- Севкупните билатерални односи меѓу Северна Македонија и САД, состојбите во поширокиот регион во контекст на руската агресија врз Украина, како и аспирациите на нашата земја за членство во Европската Унија, беа главни теми на денешната средба на претседателот на државата Стево Пендаровски со американскиот сенатор од редовите на Демократската партија, Крис Марфи.

 - САД ќе продолжат да ја поддржуваат Северна Македонија во сите нејзини аспирации, а особено кон пристапувањето во ЕУ. Тоа е комплементарно на нашето стратешко партнерство и меѓусебната поддршка која си ја даваме низ веќе долг и значаен период од првиот ден од нашето осамостојување, изјави премиерот Димитар Ковачевски по средбата во Владата со сенаторот Крис Марфи, член на Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат.

 - Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) е подготвена да го поддржи спроведувањето на договорите меѓу Белград и Приштина постигнати во рамките на нивниот дијалог со посредство на ЕУ, порача денеска претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи Бујар Османи по средбата во Приштина со косовската претседателка Вјоса Османи-Садриу.

 - Претседателката на Работната група за подготвување на предлог иницијативата за потребата од измени на Уставот, Маргарита Цаца Николовска вели дека нивниот мандат апсолутно не е да се редефинира Уставот и дека на јавноста треба да и биде јасно оти нема никакво редефинирање на државата, на македонскиот идентитет и на она што значи Устав. Лиферувањето на невистини за работата на работната група, според Цаца Николовска, треба да се стопира и македонската јавноста да биде правилно информирана што прави или ќе прави работната група.

 - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска ги повика премиерот Димитар Ковачевски да ги стави уставните измени на дневен ред во Собрание и ако се покаже дека нема мнозинство да си поднесе оставка. Мицкоски повтори дека во овој парламентарен состав измени на Уставот ќе нема.

 - Македонскиот енергетски форум на едно место ќе ги собере високите владини претставници од земјава и од регионот, амбасадори, претставници од меѓународни организации и фондови, активисти и експерти од областа на енергетиката со цел се поттикне дијалог, ќе се разменат идеи и иницијативи со цел подобрување на општеството. Ова беше истакнато на денешниот брифинг за новинари, по повод одржувањето на шестиот Македонски енергетски форум. Годинава, овој настан e насловен „Подобрување на триаголникот „Политики-финансиска-енергетска технологија“ за енергетска отпорност и зелена транзиција“. Тој ќе се одржува во вторник и во среда во Скопје.

 – Граѓанска неодговорност предизвика опасност од излевање на водата од десниот магистрален канал на хидросистемот „Брегалница“ и поплавување на куќи и други објекти кај Територијалната противпожарна единица во Кочани. Фрлените отпадоци, остатоци од мебел, остатоци од домашни животни, пластична амбалажа и друг вид ѓубре ја затнаа решетката на каналот пред подземниот тунел и сериозно го покачија нивото на водата во каналот.

 - Лидерите на Движењето Беса и на партијата Алтернатива, Биљал Касами и Африм Гаши денеска во Собранието потпишаа политичката декларација за соработка, како прв чекор кон создавање опозициски фронт. Како што соопшти Беса, целта на оваа соработка е „барање начини за артикулирање на албанскиот опозициски глас во Северна Македонија“. 

- Пратеникот на ВМРО-Народна партија, Љупчо Балкоски на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање рече дека остануваат во владината коалиција и посочи дека најзначајна работа во следниот период се уставните измени.

– Претседателот на Украина, Володимир Зеленски изјави дека едно лице загина, а 15 се повредени во денешниот руски напад врз болница во Дњепар. Руските терористи уште еднаш го потврдија својот статус на борци против сè што е хумано и чесно. Само што имаше ракетен напад врз клиника во Дњепар. Досега едно лице загина, а 15 се повредени.

– Тежок инцидент се случиј во зелениот појас на албанско – косовската граница, во близина на преминот Морина, во кој сириски државјани шверцери на мигранти пукале врз албанската полиција, на што таа одговорила, но нема повредени, јавија албанските медиуми повикувајќи се на полициско соопштение. Според полицијата во Кукс, финализирана е акцијата „Структурирање“ при што дошло до размена на оган меѓу полицајците и трговците со луѓе.

 – Свечена заклетва пред претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу и во присуство на претставник од грчката црква, положи новата службена и привремена Влада на Грција, која има едномесечен мандат до изборите на 25 јуни, јави дописничката на МИА од Атина. Новиот владин состав има 20 членови, сите се на функција министри, а од нив само шест се жени. 

 – Стејт департментот предупреди дека Кина е способна да изврши кибернапади врз клучната американска инфраструктура, вклучувајќи нафта, гас и железнички системи, откако истражителите утврдија дека кинеска хакерска група ги шпионирала тие мрежи. Во предупредувањето од пред два дена откриено е дека кинеската кибершпионажа била насочена кон армијата и и владините институции во САД.

– Британската кралица Елизабета Втора се соочил со потенцијална закана за атентат за време на посетата на САД во 1983 година, се наведува во неодамна објавените документи на американското Федерално истражно биро, чија содржина денеска ги објави Би-би-си. Според документите на ФБИ, задолжено за безбедноста на британската кралица, заканата доаѓала од Ирската републиканска армија (ИРА).

Остани поврзан