• вторник, 23 април 2024
МИА Флеш

8 февруари 2023

 

Скопје Треба да се остава што помалку простор на провокации чија единствена цел е нарушување на добрососедските односи. Северна Македонија во овие години покажа мудрост и зрелост да не потклекне на таквите провокации. Време е Република Бугарија да го прекине циуклусот на негативни односи што не е во интерес ниту на двете држави. Ова се пораките што вчера ги упатија премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Премиерот Ковалевски вчера, одговарајќи на прашање за недоличните и навредливи коментари кон македонскиот народ од страна на бугарскиот европратеник Александар Јорданов истакна дека не треба да се остава простор на провокации, потсетувајќи дека и Владата и МНР реагирале со осуда на недоличното однесување, а, како што рече, реагирано е до бугарските власти и испратено е писмо до Европскиот парламент.

 

Скопје - Во Собранието на Република Северна Македонија денеска седница ќе одржи Комисијата за европски прашања.

Единствена точка на дневниот ред на седницата е Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за финансиските друштва. 

 

Скопје - Уставниот суд на денешната седница ќе расправа по пет иницијативи за оценување на уставност и законитост.

На дневен ред е иницијативата од Панта Џамбазоски од Скопје и Давид Кичевски од Крушево, застапувани од адвокат Дељо Кадиев од Скопје,  поднесена на член 24 став 3 во делот „со истиот статус на работен однос“ од Законот за јавното обвинителство.

 

Скопје - Последните случувања во македонско - бугарските односи влијаат и на работата на заедничката Комисија за историски и образовни прашања, смета нејзиниот копретседател Драги Ѓоргиев. Вели дека се забележува тенденција односите меѓу Скопје и Софија на одредени периоди циклично да бидат нападнати со цел да се наруши некој краток континуитет од мирен период.

- Не може да останеме ние имуни на тоа што се случува во општеството и сите тие политички потреси, тензии, недоразбирања, дневно политички препукувања, кои се случуваат циклично во македонско-бугарските односи, и тие несомнено влијаат и на работата на Комисијата. Речиси редовно во сите тие препукувања и политички изјави кои се даваат се спомнува и Комисијата, историјата, се споменуваат темите на кои работи самата Комисија и сето тоа влијае врз атомосферата во самата комисија, изјави Ѓоргиев за „Гласот на Америка“.  

 

Скопје - Во чест на 70-годишнината од формирањето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје и 120-годишнината од излегувањето на македонската „златна“ книга „За македонцките работи“ на Крсте Петков Мисирков, утре  во амфитеатарот на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ ќе биде одржана промоција на книгата „Крсте Петков Мисирков – македонскиот меѓник“ (прво и второ изменето и дополнето издание) на публицистот, политиколог и новинар на Македонското радио - Радио Скопје, Свето Стаменов.

Првото издание,  чиј тираж е веќе исцрпен, беше објавено во 2020 година по повод 90-годишнината од смртта на Крсте Петков Мисирков и 115–годишнината од објавувањето на неговата книга „За македонцките работи“, додека второто изменето и дополнето издание, кое беше објавено пред само два – три месеци, е посветено на 95-годишнината од смртта на Крсте Петков Мисирков, според многумина, најзначајниот Македонец на XX век. 

 

Скопје - Издавачката куќа Феникс во соработка со Канадската амбасада од денеска до 15 февруари организира „Денови на канадската литература“.
 
Како што е најавено, на денешното свечено отворање на манифестацијата во Друштвото на писателите на Македонија, ќе присуствуваат високи претставници од Канада и Канадската амбасада, како и претставници од повеќе македонски издавачки куќи. Притоа, ќе бидат претставени изданијата од канадски автори, објавени на македонски и албански јазик, а поддржани од Канадскиот совет за уметност.

 

Битола - Книгата „Брливо шилеже“ во издаваштво на Пелагонски културно-научни средби-Новаци, на авторот Божин Андоновски содржи 23 раскази или искази на луѓе, како и сеќавања на самиот автор од кои се откриваат времиња и настани преку кои Андоновски прави конструкција и реконструкција на историјатот на еден регион.

На синоќешниот промотивен настан во Битола, рецензентот, универзитетскиот професор Златко Жоглев истакна дека авторот Божин Андоновски во расказите внесува многу луцидни и креативни коментари поврзани со народната традиција и верувања кои всушност служат како инспирација за повеќе раскази од книгата.

 

Скопје – Грција денеска испраќа втор спасувачки тим во Турција за дополнително да помогне во спасувачката акција по силниот земјотрес од понеделникот, објавија грчките медиуми.

Според истите информации, од Солун заминува тим од 15 пожарникари од специјалната спасувачка единица со едно куче спасувач и две возила, заедно со инженер од противпожарната служба и три лекари и спасувачи од Брзата помош. 

 

Анкара - По разорниот земјотрес од понеделникот во Турција, со магнитуда на ударот од 7,9 степени според Рихтеровата скала,  досега во земјата се регистрирани 648 последователни потреси, соопшти денеска Управата за вонредни ситуации.

Во спасувачките операции се ангажирани повеќе од 79.000 лица, а во погодените области се испратени 5.402 тешки возила, главно багери, шлепери, дигалки, булдожери, камиони, приколки и грејдери, јави агенцијата Анадолија.

 

Дамаск/Анкара - Бројот на загинати од разорниот земјотрес во Сирија надмина 2.500, со што вкупниот број на загинати во Турција и Сирија надмина 8.400.

Британските медиуми пренесуваат дека спасувачите соопштуваат дека бројот на жртвите во северозападна Сирија, дел од земјата што е под контрола на опозицијата, се зголемил на повеќе од 1.280.

 

Лондон - Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ќе ја посети Велика Британија и ќе се сретне со британскиот премиер Риши Сунак, соопштија од кабинетот на Сунак.

Според информациите на британските медиуми, Зеленски ќе ги посети украинските војници кои се на обука во Велика Британија и ќе се обрати пред британскиот Парламент.

 

Женева - Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека 875.000 авганистански деца се соочуваат со тешка акутна потхранетост.

Од 875.000 деца низ цел Авганистан годинава 125.000 имале различни компликации и се соочиле со тешка акутна потхранетост.

 

Вашингтон - Американскиот Стејт департмент ја одобри потенцијалната продажба на ракети и ракети со долг дострел на Полска во зделката вредна 10 милијарди долари, соопшти Пентагон.

Британските медиуми пренесуваат дека против-воздушниот артилериски ракетен систем ХИМАРС (HIMARS),  според украинските власти, се покажал како многу ефикасен во уништувањето на руските складишта за оружје и командните центри.

 

Скопје – Кошаркарот на МЗТ Скопје Аеродром, Кеандре Кук е прогласен за најкорисен играч во 18. коло на регионалната АБА-лига.

Кук доминираше на теренот во Арената „Јане Сандански“ во саботниот натпревар на македонскиот шампион против Цедевита Олимпија.

 

Лос Анџелес - Напаѓачот на „Лос Анџелес лејкерс“ Леброн Џејмс ги искажа впечатоците по поставувањето нов НБА-рекорд по бројот на поени во кариерата.

Рано утрово Џејмс на натпреварот на домашен терен против Оклахома стигна до 38.390 поени и го надмина поранешниот центар на Лејкерс, Абдул-Џабар (38.387 поени).

 

Танжер - Одреден првиот финалист на клупското Светско првенство во фудбал. Ал-Хилал од Саудиска Арабија синоќа во Танжер го совлада бразилски Фламенго во првото полуфинале на турнирот со 3:2.

Салем Ал-Досари двапати погоди од пенал, Лучијано Вието погоди од поле за победничката екипа. Двоен стрелец за Фламенго беше Педро.

 

Скопје - На Попова Шапка утрово се измерени -17 степени Целзиусови, во Берово -15, Крушево -14, Маврово -12, Битола и Тетово -11, во Скопје и Охрид -9, а -3 во Гевгелија. На Шапка има и најмногу снег 49 сантиметри, во Маворово снежната покривка е 18 сантиметри, а во Крушево четири, информира УХМР. Во текот на ноќта времето беше претежно ведро и студено со слаб до умерен северен ветер. Утринава е студено со мала до умерена облачност. Дува слаб до умерен северен ветер.

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од -2 до 7 степени. Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 3 степени.

Остани поврзан