• петок, 05 декември 2025
МИА Флеш

3 јуни 2025 

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова смета дека во европскиот Извештај за напредокот на земјава што треба да биде објавен утре, реално ќе биде отсликана ситуацијата. Како што оцени денеска, одговорајќи на новинарски прашања, „овојпат како да има многу поголема ангажираност, посветеност и одговорност можеби зашто се зборува за извонредно познавање, добра намера и разбирање на сите процеси и односи што се случуваат“.

Скопје - Извонреден и сосема во ред е Договорот со Обединетото Кралство, не факторизира геополитички на Балканот, ќе не направи поинтересни во регионот и попросперитетни, рече денеска претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Како што оцени Сиљановска Давкова, во Договорот има техничка грешка, но само во англиската верзија и таа деновиве преку размена на ноти може да се исправи. 

Скопје – Претседателот на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика, во Собранието на Република Северна Македонија,  Бојан Стојаноски и пратениците Даниела Велимова и Беким Сали денеска во македонското Собрание имаа средба со претставници на синдикатите, за законските измени за намалување на условот на репрезентативноста на синдикатите од 10 на 5%, а со цел да учествуваат во Економско-социјалниот совет. Пратеникот, Стојаноски вели дека целта на денешната состанок е да имаат една отворена средба, каде што се поканите сите синдикати, односно сите оние конфедерации или здружувања на синдикати и по скратена постапка да ги поднесат законските измени во Законот за работни односи. Посочи дека измените се направени со конзенсус. Тој смета дека намалувањето на условот за репрезентативност од 10 на 5% ќе ја демократизира токму репрезентативноста на синдикатите во Економско-социјалниот совет, а на тој начин повеќе работници ќе бидат претставени во овој совет. 

Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во врска со повиците на градоначалничката Данела Арсовска органите да постапат за дивоградбите во Чаир, како и за заканите по живот што ги добива, вели дека МВР и Обвинителството реагираат по однос на секоја пријава кон било кого. Во однос, пак, на работата на градоначалниците за тоа што е дозволено а што не со закон да се гради, вели дека добро е тоа да го прават цел мандат, а не само пред избори.

Скопје - Полициски службеници од СВР Скопје вчера извршиле службен разговор со С.А. (39) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека на 1 јуни годинава на булевар „Словенија“ преку отворен прозор на возилото „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал, упатил закани кон Д.А., градоначалничка на Скопје. Како што соопшти денеска МВР, во разговорот тој потврдил дека поминал со возилото, но дека не упатил закани. Исто така, тој изјавил дека се обидел да снима со телефон, но не успеал.

Скопје - Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска оствари средба со група од 60-тина студенти и професори од кампусот на Државниот дуален универзитет Баден – Виртемберг во Манхајм, кои се во студиска посета на Македонија, а домаќин е Машинскиот факултет во Скопје. На средбата, како што соопшти МОН, биле разменети искуства околу примената и ефикасноста на концептот на дуално образование.

Скопје - Пратеничката Лидија Петкоска, како членка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите беше во студиска посета на Сараево, Република Босна и Херцеговина. Заедно со 16 парламентарки од регионот на Источна Европа и Централна Азија ги запознаа институционалните механизми, правните рамки и системите за поддршка на жените.

Скопје - Царински службеници и мобилни царински тимови во текот на минатата недела спречиле обиди за криумчарење цигари, вино, ИТ опрема, автомобилски делови,а во еден случај запленети се 30 илјади евра, соопштија денеска од Царинската управа. Бил спречен и нелегален влез на мигранти. Царински службеници на граничен премин Богородица во една цистерна пронашле дури 49 штеки цигари и 300 грама тутун за пушење скриени во цевката за црево, како и во цевката во долниот дел од цистерната.

Белград - Првиот потпретседател на Владата на Србија и министер за финансии Синиша Мали денеска изјави дека следната недела во Белград, како дел од подготовките за Експо 2027, ќе се одржи состанок со претставници на 133 земји, на кој ќе учествуваат 323 делегати и ќе бидат презентирани чекорите и динамиката на работата и активностите за Експо.

Белград - Во  Српската академија на науките и уметностите (САНУ) покрената е иницијатива со која јавно бара оставка од претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Тие како клучни причини го наведуваат „уривањето на демократскиот поредок“ и загрозувањето на државните и општествените интереси. Во текстот на иницијативата се истакнуваат загриженостите за манипулација со изборниот процес, контролата врз судството, потиснувањето на слободата на медиумите, прекумерното задолжување на земјата, прикривањето на работите, корупцијата и општо занемарување на клучните општествени столбови (образование, здравство, наука, култура).

Белград - Еврокомесарката за проширување Марта Кос денеска изјави дека најдобриот излез од моменталната политичка криза во Србија е спроведување на инклузивни реформи, особено кога станува збор за медиумите и изборниот процес. Обраќајќи се пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, таа рече дека е направен првиот чекор, со постапката за избор на Регулаторно тело за електронски медиуми (РЕМ), пренесоа белградски медиуми.

Загреб - Инфлацијата во Хрватска, мерена со индексот на потрошувачките цени, во мај 2025 година достигна 3,5 отсто, во однос на 3,2 отсто во април, според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).Споредено со другите земји од еврозоната, Хрватска останува меѓу земјите со највисок раст на цените, покажуваат податоците на Евростат. Во мај, цените на стоките и услугите за лична потрошња биле во просек за 3,5% повисоки во споредба со мај 2024 година, а за 0,4% повисоки во однос на април 2025 година. Со тоа запре трендот на намалување на годишната стапка на инфлација, која во јануари изнесуваше 4%, во февруари 3,7%, а во март и април 3,2%.

Анкара - Годишната инфлација во Турција во мај изнесувала 35,41 отсто, соопшти турската државна телевизија ТРТ Хабер, повикувајќи се на податоци од Државниот завод за статистика. Тоа претставува мало намалување во однос на април, кога инфлацијата беше 37,86 проценти. На месечно ниво, инфлацијата во мај е 1,53 проценти. Од декември 2024 година до мај, цените на потрошувачките производи пораснале за 15,09 проценти.

Берлин – Германија следната година би можела да воведе задолжителен воен рок ако не се пријави доволен број луѓе, кои доброволни би се придружиле на армијата, за земјата да ги исполни своите обврски кон НАТО, изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус. - Нашиот модел од почеток се темели на доброволно учество. Ако дојде време да имаме повеќе расположливи капацитети отколку доброволни регистрации, тогаш би можеле да одлучиме да биде задолжително. Тоа е планот, посочи Писториус.

Берлин – Германската Влада има одобрено испораки на оружје за Израел во вредност од 485 милиони евра од нападот на Хамас во октомври 2023 година, соопшти Министерството за економија. Германија од 7 октомври 2023 до 13 мај 2025 година извезла оружје и воена опрема во Израел. Сè уште не е познато дали новата Влада, која стапи на должност на 6 мај, исто така дала одобрение за извоз на оружје.

Лондон - Британските власти се заканија дека ќе преземат правни мерки против поранешниот сопственик на фудбалскиот клуб „Челси“, Роман Абрамович, со цел да се пренасочат 2,5 милијарди британски фунти (околу 2,96 милијарди евра) од средствата од продажбата на клубот за помош на жртвите од војната во Украина, јави ДПА. Министерката за финансии Рејчел Ривс и министерот за надворешни работи Дејвид Лами изразија разочарување поради неуспехот да се постигне договор со Абрамович околу замрзнатите средства.

Вашингтон - Соединетите Американски Држави го забрзаа повлекувањето од две воени бази во источната сириска провинција Деир ез-Зор, вклучувајќи ја и најголемата американска база во Сирија, според извештај на воениот набљудувач Сириската опсерваторија за човекови права (SOHR). Рами Абдулрахман, директор на Сириската опсерваторија за човекови права (SOHR), за „The New Region“ изјави дека „во текот на изминатите неколку часа, американските сили извршија ненадејно повлекување од две значајни воени бази во источната рурална област Деир ез-Зор“. Станува збор  Ал-Омар, најголемата американска база во Сирија, и гасните постројки Коник, кои сега се под контрола на Сириските демократски сили (SDF) предводени от Курдите.

Карачи - Повеќе од 200 затвореници побегнаа од затвор во пакистанскиот град Карачи по серија благи земјотреси, соопштија локалните власти. Затворениците, главно осудени за помали кривични дела, ги совладале чуварите и избегале од затворот Малир денеска, во раните утрински часови, изјави полицискиот службеник Кашиф Заман.

 

Тагови

Остани поврзан