Скопје - Собранието денеска ја констатираше оставката на пратеникот Салим Сулејмани од Алијанса за Албанците и ја задолжи Државната изборна комисија (ДИК) да го извести законодавниот дом за кандидатот што ќе го замени од изборната листа за да му се верифицира мандатот за пратеник согласно член 153 од Изборниот законик. Веднаш по констатирањето на оставката на Сулејмани, пред да биде утврден дневниот ред на 52. седница, на барање на пратеникот од Левица Борислав Крмов потпретседателката на Собранието Весна Бендевска објави еден час пауза.
Како што соопшти Бендевска, до почетокот на седницата Сулејмани не известил дека сака да ја образложи оставката.
Скопје - Државната изборна комисија (ДИК) ќе го извести Собранието да го верификува мандатот на пратеничката Ваљбона Адили Емини, на местото на пратеникот Салим Сулејмани од коалицијата Вреди.
На денешната седница ДИК констатираше дека Адили Емини го прифаќа мандатот за што и се издава писмено уверение, а по оставката на Сулејмани.
Скопје - Основното јавно обвинителство Кочани донесе наредба за спроведување истражна постапка со која ја прошири истрагата за пожарот во кочанската дискотека „Пулс” со уште едно лице, кое како сопственик на недвижниот имот – објект во кој со години функционирала дискотеката го издавал под закуп на еден од претходно осомничените без да поднесе барање и да добие одобрение за пренамена на објектот.
Лицето, како што информираат од ЈОРСМ, е осомничено како соизвршител за „тешки дела против општата сигурност“ од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик.
Скопје - Стратешка позиционираност на Македонија во регионот, развој на инфраструктурата, здравството, енергетиката, науката, зацврствување на институциите... ќе овозможи Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски информирајќи дека завршила комисиската расправа за ратификација на Договорот и оти за него ќе се расправа на денешната пленарна седница.
Ја повика опозицијата на коструктивност и апелираше да гласа за Договорот, оти како што рече, тој е историски за Македонија.
Скопје - На додипломски студии на високите стручни школи и на факултетите, во 2024 година, дипломирале 7 021 студент, што претставува намалување за 5.4 % во споредба со 2023 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Од вкупниот број дипломирани студенти, 5 526 односно 78.7 % биле редовни, а 1 495 односно 21.3 % вонредни студенти. Во рок дипломирале 35 %, а по рокот 65 %. Жени од вкупно диломираните се 59.4 %. Од вкупно дипломираните студенти на прв циклус студии во 2024 година, 26.5 % дипломирале во областите бизнис, администрација и право.
Скопје - Народната банка го објави Извештајот за работата за периодот од 2018 година до мај годинава, којшто ги опфаќа клучните активности, политики и мерки спроведени во време на сложени светски и домашни околности.
Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, како што информираа денеска од Народната банка, нагласила дека во овој период централната банка успешно се справила со предизвиците од пандемијата, енергетската и ценовната криза, светските геополитички тензии и со ризиците од деглобализација.
Скопје - В четврток ќе има повремени врнежи од дожд, наместа пообилни (10 до 15 l/m²). Локално ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во петок и во сабота ќе дува умерен до засилен северен ветер и ќе има изолирана појава на пороен дожд, соопшти УХМР.
Од недела следува период на претежно стабилно и топло време со значителен пораст на дневните температури.
Атина – Барање, не само наше, туку и на сите оние кои навистина сакаат натпреварите да се одлучуваат на терен со услови на праведност и еднаквост, е да се презакаже второто финале и да се почитуваат прописите на Европската федерација, кои Алкалоид ги прекрши, а не АЕК, соопштија претпладнево од атинскиот клуб, јави дописничката на МИА од Атина.
Од АЕК тврдат дека уште од првиот момент „водат огромна битка за да се одбранат, не само честа и достоинството на клубот и навивачите, туку и на грчкиот ракомет и земјата“, додаваат дека се борат и „за многу сериозни прашања, како што е реакција на провокацијата да не им се дозволи на грчките граѓани легално да ја преминат границата кон друга европска земја“.
Белград - Официјалните разговори меѓу претставниците на Република Србија и на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд започнаа претпладнево со пленарен состанок во Народната банка на Србија.
Српската делегација ја предводи гувернерката на Народната банка на Србија, Јоргованка Табаковиќ и во неа се и првиот вицепремиер и министер за финансии Синиша Мали како и вицепремиерката и министерка за економија Адријана Месаровиќ, соопшти Централната банка на Србија. Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд, предводена од Анет Кјбе, новиот шеф на мисијата за Србија, ќе биде во Белград од денеска до 11 јуни.
Рим – Италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, денеска пред пратениците во Рим изјави дека израелското бомбардирање на Појасот Газа мора да престане и оти идејата за протерување на Палестинците од територијата е неприфатлива.
Оценувајќи дека израелскиот одговор на нападот на Хамас добива „апсолутно драматични и неприфатливи форми“, Тајани рече дека „бомбардирањето мора да запре“ и оти „протерувањето на Палестинците од Газа никогаш нема да биде прифатлива опција“.
Брисел - Силно ги осудуваме злонамерните кибер активности насочени кон поткопување на нашата национална безбедност, демократските институции и критичната инфраструктура, се наведува во реакцијата на Северноатлантскиот совет во врска со последните кибер напади врз чешкото Министерство за надворешни работи.
- Злонамерната кибер активност насочена кон Чешката Република покажува дека кибер просторот е постојано ризичен. Со зголемена загриженост го следиме растечкиот модел на злонамерни кибер активности што доаѓаат од Народна Република Кина, се потенцира во соопштението на ова тело на НАТО.
Брисел - Вкупно 52 отсто од Европејците имаат доверба во ЕУ, што е највисоко ниво во последните 18 години, а 74 проценти го поддржуваат еврото, што е досега највисока регистрирана поддршка за заедничката европска валута, покажуваат денеска објавените резултати од најновото истражување на Евробарометар.
-Во сегашниот геополитички контекст, Европејците би сакале да видат посилна ЕУ преку заедничка политика за одбраната и безбедноста, додека мирот останува вредност што најдобро ја претставува ЕУ, се наведува во анализата од истражувањето на Евробарометар.
Брисел - Европската Унија, нејзините земји членки и меѓународните партнери се солидаризираат со Чешка во врска со злонамерната кибер кампања насочена кон нејзиното Министерство за надворешни работи, порача денеска високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас во врска со хакерскиот напад врз чешкото МНР.
- Чешка утврди дека кибер нападот е извршен од групата Напредна постојана закана 31 (AПT31), која е поврзана со Министерството за државна безбедност на Кина. Во последниве години, злонамерните кибер активности поврзани со оваа земја, а насочени кон ЕУ и нејзините земји членки, се зголемија, порача Калас во писмената изјава.
Москва – Министерството за одбрана на Русија соопшти дека армијата воспоставила контрола врз градот Константиновка во украинската Сумска област.
Во соопштението се посочува и дека руската армија исто така го зазела и село Зелоное во Доњецка област.
Сана – Израелските воздухопловни сили денеска го нападнаа аеродромот во Сана, Јемен, уништувајќи го последниот цивилен комерцијален авион што сообраќаше од областите контролирани од Хутите, соопштија хути и израелски официјални лица.
Директорот на аеродромот, Калед ал-Шаиф, напиша на X дека Израел „го таргетирал последниот авион на Yemenia Airways што оперираше на меѓународниот аеродром во Сана и целосно го уништил“. Тој објави фотографија од уништениот авион со возила за итна помош до него.
Џакарта – Индонезија е подготвена формално да ја признае државата Израел и да воспостави дипломатски односи доколку се реализира решение со две држави што ќе гарантира создавање на целосно независна палестинска држава, изјави денеска претседателот Прабово Субианто.
- Ја пренесов позицијата на Индонезија: сметаме дека решението со две држави е единствениот пат до вистински мир, изјави Прабово пред новинарите на заедничка прес-конференција со францускиот претседател Емануел Макрон по состанокот во Џакарта.