2 мај 2025
Скопје - За премиерот Христијан Мицкоски намалувањето на јавниот и државниот долг претставува одличен индикатор за состојбата на македонската економија. Тоа, како што посочува, укажува дека се случило консолидирање на економијата по слободиот пат во изминатите години и оти следува период на развој.
-Уште една убава вест за македонската економија и граѓаните. Во првиот квартал од 2025 година, заклучно со 31ви/Март, намален е јавниот и државен долг. Јавниот долг е 57,7% од бруто домашниот производ, а државниот долг е 50,1% од бруто домашниот производ, пишува Мицкоски на својот Фејсбук профил.
Скопје - Бугарскиот вицепремиер и министер за транспорт Гроздан Караџов ги отфрла тврдењата на неговиот македонски колега Александар Николоски дека Бугарија не презема ништо за железничкото поврзување меѓу двете држави на Коридорот 8. - Го испративме договорот, а каде е Николоски да го потпише? Додека Николоски го зборува ова, возот помина низ Перник, низ Радомир и стигна до Ќустендил, а оттаму стигна до последната станица Ѓуешево за да го чека македонскиот, рече Караџов во интервју за телевизијата БНТ, пренесува БГНЕС.
Караџов посочува дека Бугарија проектира 90 проценти сосема нова линија помеѓу Радомир и Ѓуешево за да ги прошири кривините, овозможувајќи брзина на возовите од 160 километри на час. - Во 2032 година, кога ќе достигнеме брзина на возот од 160 километри на час, ќе ги прашам од другата страна дали ќе има тунел или не, наведе Караџов, оценувајќи дека Николоски „раскажува македонски приказни за добра ноќ“.
Скопје - Независниот синдикат на полицијата најавува протест барајќи да се почитува Законот за минимална плата и судските постапки да се спроведуваат во законски предвидените рокови.
- Бараме да се почитува Законот за минимална плата и основната плата во полицијата да биде најмалку минималната плата! Бараме воедначување на судската пракса на целата територија на државата и спроведување на судските постапки во законски предвидените рокови! Вработените во полицијата не се службеници од втор ред. Законите не може да важат за полицијата само кога треба да нѐ казнуваат, се наведува во денешното соопштение од Синдикатот.
Приштина - Косовските власти уапсија две лица во Приштина под обвинение за поттикнување поделби и нетрпеливост, објави Радио-телевизија на Косово.
Според полицискиот билтен, при претрес на домот на осомничените биле запленети електронски уреди и знамиња со натписи на арапски јазик, кои, според полицијата, се поврзани со терористички организации.
Анкара - Вкупно 409 лица се приведени во Турција од страна на полицијата поради учество во демонстрациите по повод 1 мај, Денот на трудот и солидарноста, изјави турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја за турските медиуми.
Во истанбул беа приведени 407 лица и по едно лице во градот Токат во северна Турција и градот Ван во југоисточна Турција.
Киев - Украинскиот премиер Денис Шмихал денеска изјави пред Парламентот дека два од трите документи поврзани со договорот со САД за минерали не бараат ратификација, објави пратеникот Јарослав Железњак на мрежата Телеграм.
Во својата објава, Железњак, исто така, посочи дека Парламентот планира гласање за ратификација на 8 мај.
Берлин - Германското внатрешно разузнавање ја класифицираше крајнодесничарската партија „Алтернатива за Германија“ (АфД) како екстремистичка организација што ја загрозува демократијата. Со оваа одлука, објавена денеска, разузнавачката служба добива овластување за поинтензивно следење на партијата, која беше втора на последните сојузни избори во февруари.
„Концептот за народот, заснован на етничка припадност и потекло, што доминира во партијата, не е во согласност со слободниот демократски поредок. Оваа концепција има за цел да исклучи одредени групи од населението од рамноправно учество во општеството, да се однесува кон нив на начин што ја крши уставноста и да ги стави во подредена позиција“, се вели во образложението на германското разузнавање. АфД не ги признава германските граѓани со мигрантско потекло, особено муслиманите, за рамноправни претставници на германскиот народ, се додава во проценката. Овој пристап доведува до „клеветење и оцрнување“ на одредени лица и групи, предизвикувајќи „ирационални стравови и непријателство кон нив“.
Валета - Брод со пропалестински активисти се запали во меѓународни води кај Малта, а екипажот испрати СОС сигнал по, како што тврдат, напад со дрон.
Коалицијата „Фридом Флотила“, која се спротивставува на израелската блокада на Газа, за Си-Ен-Ен изјави дека на бродот имало 32 лица во моментот на нападот. Според нивните тврдења, нападот се случил малку по полноќ по локално време.
Берлин - Полската амбасада во Берлин денеска изрази загриженост поради плановите на идната германска влада, предводена од конзервативците, за заострување на контролите на границите, јави ДПА.
Ваквите мерки може да го нарушат слободното движење преку границите и функционирањето на внатрешниот пазар на ЕУ, предупреди амбасадата. Овој проблем е присутен и сега, со оглед на постојните проверки на полско-германската граница, изјави в.д. амбасадорот на Полска во Берлин, Јан Томбински, за „Политико“. Тој се осврна на мерките воведени од досегашната германска коалициска влада, кои предизвикаа долги редици на граничните премини меѓу двете земји.
Вашингтон - Иран мора да се откаже од збогатувањето на ураниум и развојот на ракети со долг дострел и да им дозволи на американските инспектори влез во неговите нуклеарни постројки, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио.
Тој го изјави ова во време на одложување на уште една рунда преговори меѓу Вашингтон и Техеран.
Коментарите на Рубио ги истакнуваат клучните преостанати разлики во позициите во преговорите меѓу страните за решавање на долготрајниот спор околу нуклеарната програма на Иран, при што американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе ја бомбардира Исламската Република доколку не се постигне договор.