МИА Флеш
- 22 септември 2023
22 септември 2023
- Постојат повеќе нивоа на проверка на усогласеност на законите, вклучувајќи ги и тие преку Европската Унија, а Северна Македонија треба да се погрижи нејзините законите да бидат усогласени со европските стандарди и очекувања, порача заменикот помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар во интервју за Радио Слободна Европа, во врска со измените во Кривичниот законик.
-Што се однесува до конкретните информации за измените во Кривичниот законик, се што можам да кажам е дека постојат повеќе нивоа на проверка на усогласеноста на законите, вклчувајќи и преку ЕУ. Тоа би значело дека Северна Македонија треба да се погрижи нејзините закони да не бидат само во согласност со Уставот, туку и со европските очекувања и стандарди, Вели Ескобар во интервјуто.
- Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска го најави министерскиот состанок, четврти по ред по усвојувањето на „Декларацијата на партнерите од Западен Балкан за интеграција на Ромите во рамките на процесот на проширување на ЕУ“ - Познанска декларација, во организација на Министерството за труд и социјална политика.
Како што соопшти МТСП, на овој настан учествуваат министрите од земјите во регионот, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово. Целта е да се оцени напредокот постигнат во изминатите 12 месеци, во однос на инклузијата на Ромите во општеството, да се идентификуваат преостанатите предизвици и да се разговара за конкретни чекори на кои што треба да се даде приоритет во наредната година.
- Концептот едно општество за сите е концепт кој што е приоритет на оваа Влада, и во делот на инклузијата на Ромите во општеството навистина сме држава која што во рамките на Западен Балкан дури и пошироко имаме одлични резултати со години наназад. Вклученоста на Ромите во процесот на образование, вработувањето, а со тоа и економското зајакнување за што сме лидери во регионот, работиме и на домувањето како важно прашање за ромите една од најранливите категории на граѓани, истакна Тренчевска во утринската програма на МРТВ 1.
- На македонскиот пазар на труд постои вишок на работници кај професиите со повисоки квалификации, со исклучок на работниците од информатичко-телекомуникациски дејности. Се достигнува максимум во образовните (педагошките) занимања, каде на едно слободно работно место има до 71 невработено лице. Од друга страна, за шест од осум занимања со пониски квалификации недостигаат работници, што е особено изразено за услужните и основните работници.
Ова се дел од резултатите од анализата „Предуслови за мобилност на работната сила при регионална економска интеграција: Предности и недостатоци од македонска перспектива“, што ја публикуваше „Finance Think“. Целта на оваа студија е да се процени потенцијалот за мобилност на работната сила при подлабока регионална економска интеграција, преку квантитативна анализа на јазовите во занимањата и платите, од перспектива на Северна Македонија. Главниот наод од студијата, како што се наведува, е дека подлабокото регионално интегрирање на пазарите на труд во Западниот Балкан носи предности, но и закани.
- Клубот на истражувачите на Народната банка виртуелно ја одржа својата 48. сесија, на која беше презентиран трудот награден со Годишната награда за млади истражувачи на Народната банка, под наслов „Поврат на акции, ризик и карактеристики на претпријатијата на пазарите во развој: Емпириски докази од Македонската берза“ од Александра Данева.
Сесијата ја отворила вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, која истакнала дека нивната институција преку поголем број активности и иницијативи дава поддршка и ја стимулира креативната научноистражувачка работа од областа на економијата и финансиите.
- Турција потпиша договор со Светска банка за заем во износ од 895,7 милиони евра, соопшти министерот за финансии и државен трезор Мехмет Шимшек, цитиран од приватната телевизија НТВ, пренесе БТА.
Средствата ќе бидат искористени за задоволување на финансиските потреби на министерствата и локалните власти во однос на инвестициите во обновливите извори на енергија и ефикасноста на водата.
-Ние делуваме како мост за задоволување на финансиските потреби на министерствата и локалните власти во однос на обновливите извори на енергија и ефикасноста на водата. Во таа насока потпишавме договор за заем со Светска банка за вкупно 895,7 милиони евра, изјави тој.
- Албанскиот парламент со 97 гласови „за“ од потребните 84 ги усвои измените на Законот за државјанство, со кое меѓу другото Албанците од Репиблика Северна Македонија и од Косово нема да полагаат испит за познавање на албанскиот јазик и историја.
Овие две измени беа дополнение на веќе предложените од владата, што ги побара министерот за внатрешни работи Таулант Бала.
-Граѓаните на Косово и на Северна Македонија, каде албанскиот е официјален јазик, го зборуваат јазикот како и ние и добро ја знаат нашата историја како ние, да не мора да подлежат на тест за јазик или познавање на историјата. Во оваа перспектива ќе се направи исклучок за земјите каде албанскиот јазик е официјален јазик, рече Бала.
- Во Загреб денеска, на Меѓународниот ден без автомобили, ќе се одржи традиционалното возење велосипед низ улиците на главниот град на Хрватска, чијашто цел е да се потикне толеранција и поголема сообраќајна култура кај сите учесници во сообраќајот.
По тој повод, активисти на „Зелена акција“ во Хрватска изведоа перформанс со којшто, меѓу другото, покажаа колку простор зафаќа автомобил во споредба со пешак. Нивниот натпис со содржина „Толку простор за толку многу загадување“ послужи како порака за свесност.
Бројот на автомобили и во Загреб и низ Хрватска секојдневно расте и тие зафаќаат сѐ повеќе јавни простори. Во цела Хрватска има над 1,8 милиони автомобили и тие зафаќаат вкупно 27 квадратни километри само за паркирање... Во Загреб има над 350.000 регистрирани автомобили, што ја прави ситуацијата неодржлива и повикуваме на поинаква сообраќајната политика, изјави Бернард Ивчиќ од „Зелена акција“.
- Во текот на вчерашниот ден, Крајбрежната служба на Грција, во девет одвоени случаи во близина на три грчки острови спасила вкупно 259 бегалци и мигранти, јави дописничката на МИА од Атина.
Доколку се анализираат официјалните соопштенија од Крајбрежната служба, од случаите, најголемиот дел се во морските области на Лезбос и Самос, односно островите што се во близина на турското крајбрежје.
На Самос, во четири случаи биле спасени вкупно 129 лица, меѓу кои и деца, откриени во морските делови и во добра здравствена состојба, сите биле безбедно пренесени во затворениот центар за прием на бегалци и мигранти.
Поконкретно, како што соопштија од Крајбрежната служба, од патролен брод бил пронајден чамец со 22 мажи, 10 жени и девет деца, од друг патролен брод бил откриен уште еден чамец со 23 лица (18 мажи, три жени и две деца), а од хеликоптер бил лоциран чамец со 30 бегалци и мигранти (18 мажи, шест жени, шест деца).
-
– Белгија се стреми до крајот на нејзиното претседавање со ЕУ во јуни 2024 година, да биде усвоен нов миграциски пакт на Европската Унија, најави белгискиот премиер Александер Де Кро во обраќањето пред Генералното собрание на ОН.
Според него, сегашниот миграциски модел на ЕУ „се заснова на среќа“ и сите лостови за контрола на миграцијата ги става во рацете на трговците со луѓе.
- Овој модел не им користи ниту на земјите од југот, кои се лишени од нивниот главен економски ресурс, ниту на европските земји домаќини, кои се соочени со прилив на мигранти со кој не можат да се справат, додаде Де Кро.
- Во рамките на серијата состаноци организирани од официјални претставници на маргините на Генералното собрание на ОН, се сретнаа и шефовите на дипломатиите на земјите од поранешна Југославија во врска со сукцесијата на имотот.
Според соопштението на МНР на Босна и Херцеговина, темата на разговорот била се однесувала за забрзување на имплементацијата на Договорот за прашањата за сукцесија.
„Министрите за надворешни работи на земјите наследнички на поранешна СФРЈ се состанаа во Њујорк за да разговараат за тоа како да се забрза имплементацијата на Договорот за сукцесија. Земјите кои присуствуваа на состанокот се договорија тесно да соработуваат за решавање на отворените прашања и одлучија да се среќаваат на редовна основа“, се наведува во соопштението.
- Ерменскиот премиер Никол Пашинјан изрази надеж дека етничките Ерменци можат да останат во азербејџанскиот регион Нагорно-Карабах.
На седницата на ерменската влада, Пашинјан рече дека Ереван може да ги прифати, но масовното преселување може да се случи само ако за Ерменците во Нагорно Карабах стане невозможно да останат таму.
-Кинескиот претседател Си Џинпинг се сретна со сирискиот претседател Башар ал Асад во источниот кинески град Ханчжоу, јави новинската агенција Ксинхуа.
Кина и Сирија ќе воспостават стратешко партнерство, објави кинеската државна телевизија.
Телевизијата го цитираше претседателот Си Џинпинг дека подобрените односи ќе се претворат во важна пресвртница во историјата на двете земји.
-
– Европската Унија со внимание ги следи случувањата во Нагорно-Карабах и изразува целосна солидарност со Ерменците од Карабах, кои се соочија со големи тешкотии, поради повеќемесечната блокадата на Лачинскиот коридор што доведе до недостиг од храна и лекови и поради повеќекратни пречки во испораката на гас и струја, изјави високиот претстаник на ЕУ за наворешни работи, Жосеп Борел во обраќање пред Советот за безбедност на ОН.
- Азербејџан сноси одговорност да обезбеди целосно почитување на правата и безбедноста на Ерменците од Карабах и ЕУ постојано јасно става до знаење дека употребата на сила за решавање на споровите не е прифатлива, порача Борел на седницата на Советот во Њујорк, посветена на најновиот развој на настаните во Нагорно-Карабах.
- Во рок од две години во Европската унија ќе стапи на сила закон со кој ќе се забранат програмираните дефекти на уредите, ќе се олесни нивната поправка и ќе се подобрат ознаките на гаранциите, најави европратеничката Билјана Борзан, известувач за ова прашање.
Европскиот парламент во мај годинава го усвои извештајот на хрватскиот претставник на социјалистите и демократите, во кој, во согласност со целите на зелената транзиција на ЕУ, се повикува на потрајни производи, укинување на програмираното расипување на уредите, проширување на мрежата за нивна поправка и подобрување на ознаките за одржливост на производите. Оваа недела законот успешно ги помина преговорите со Европската комисија и Европскиот совет, а треба да стапи во сила за две години.
- Оваа недела, околу една година откако го напишав првиот текст на законот, ги завршивме преговорите.
- Повеќе од 50 лица се уапсени во Италија во нова полициска операција против калабриската мафија „Ндрангета“, објавија странските агенции, повикувајќи се на изјава на италијанските карабинери.
Во полициската акција, наречена операција „Карпантос“, учествуваа повеќе од 400 службеници за спроведување на законот.
Акцијата ја водеше обвинителот Никола Гратери, еден од најпознатите италијански истражители против мафијата.
Полицијата соопшти дека 38 лица се одведени во затвор, а шестмина се во домашен притвор. На осум лица им е забрането да ги напуштат своите родни места.