• сабота, 06 декември 2025
МИА Флеш

  29  мај  2025

 

 

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на отворањето на Меѓународниот Астана форум 2025, што денеска и утре се одржува во главниот град на Република Казахстан на тема „Поврзување на умовите, обликување на иднината“. Таа оцени дека актуелните геополитички и геоекономски потреси, како и повеќекратните кризи, создаваат длабоки тектонски поместувања што ги поткопуваат принципите коишто го обликуваа глобалното управување пред 80 години, соопштија од нејзиниот кабинет.

Скопје - Претседателот на Собранието Африм Гаши, во присуство на претставници на Државната комисија за спречување на корупција, денеска ја потпиша Политиката на интегритет, што претставува важен чекор во зајакнувањето на транспарентноста и интегритетот во јавните институции. Овој документ има за цел да ги подигне стандардите за етика, отчетност и одговорност во работата на Собранието, осигурувајќи дека секоја акција и одлука е во согласност со законите и највисоките етички норми, соопшти собраниската прес-служба.

Скопје - Унгарскиот премиер Виктор Орбан на отворањето на конзервативната CPAC конференција (The Conservative Political Action Conference - CPAC) во Будимпешта го поздрави премиерот Христијан Мицкоски и неговото лидерство во заштита на европската граница од илегалните мигранти.

-Нашиот македонски херој Христијан Мицкоски победи на изборите иако цел Брисел го поддржуваше неговиот противник. Тој е чуварот на тврдина која ја штити европската јужна граница од миграцијата. Да живее Македонија!, изјави премиерот Орбан на отворањето на големата конференција на европски и американски конзервативци во унгарската престолнина. 

Скопје - Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити и денеска и порача на скопската градоначалничка Данела Арсовска да се занимава со своите надлежности. Тој најави и пријава против неа за, како што рече, лажни тврдења во врска со објектот во Чаир пред кој се сликала и го објавила. Меџити овој случај го квалификува како „последен обид и план на Ахмети за дестабилизација преку општините“.

Скопје - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска учествува на Астана Интернационалниот Форум (AIF 2025). Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопштија дека Божиновска ќе учествува на главните сесии на форумот, посветени на енергетиката, климатските промени и одржливиот развој. Нејзиното присуство на AIF 2025, се наведува во соопштението, е дел од пошироката иницијатива за зајакнување на енергетската дипломатија на Македонија и интензивирање на билатералната соработка со земјите од Централна Азија.

Скопје - Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска учествуваше на министерскиот панел „Shaping Prosperity – Political Leadership and Strategic Choices for Digital Economic Growth“, кој се одржува во рамки на е-гов конференцијата во Талин, Естонија.

Во своето обраќање, Андоновски истакна дека дигиталната трансформација е суштински предуслов за градење фер, безбедно и модерно општество, соопшти Министерството за дигитална трансформација

Скопје - Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ објави Конкурс за запишување питомци и студенти на прв циклус студии и Конкурс за запишување на студенти на втор циклус на студии во студиската 2025 /2026 година.

Конкурсот за запишување питомци и студенти на прв циклус студии, соопштија денеска од Министерството за одбрана, се објавува за потребите на Министерството и Армијата, како и за потребите за управување со кризи и заштита и спасување.

Скопје - На патот Битола-Демир Хисар синоќа во 19 часот полициски службеници од ОВР Демир Хисар го лишиле од слобода В.Р. (49) од село Обедник, демирхисарско, соопштија денеска од МВР.

При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило „ауди” со демирхисарски регистарски ознаки, кое го управувал В.Р. и по преземени мерки констатирано е дека бил под дејство на алкохол, односно измерени му се 3,43 промили алкохол во крвта.

Скопје - Во првото тримесечје од 2025 година бројот на живородените деца е 3 526, и во споредба со истиот период од 2024 е намален за 2.9 %, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. 
 
Бројот на умрените лица во првото тримесечје од 2025 година бележи зголемување од 3.8 % во споредба со истото тримесечје од 2024 и изнесува 5 398 лица, а од нив 15 се умрени доенчиња.

Природниот прираст е негативен и изнесува -1 872, што значи дека за толку  лица е помал бројот на живородените деца од бројот на умрените лица.

Скопје - Во 2024 година, во споредба со 2023, евидентирано е зголемување на бројот на пријавените полнолетни лица за 15.6 %, кај обвинетите полнолетни лица за 5.3 %, а на осудените за 3.5 %, соопшти Државбиот завод за статистика.

Бројот на пријавените полнолетни лица – познати сторители, во споредба со 2023 година, е зголемен за 15.6 %.

Во наведениот период, зголемен е и бројот на обвинетите полнолетни лица за 5.3 %, а на осудените лица за 3.5 %.

Скопје - Во 2024 година биле организирани 560 ликовни изложби и во споредба со 2023 нивниот број е зголемен за 1%, објави Државниот завод за статистика. 

Во истиот период, за 29.4 % е зголемен бројот на ликовните уметници учесници на изложбите, а за 27.6 % е зголемен и бројот на посетителите на ликовните изложби.

Во 2024 година се организирани 18 ликовни колонии и бројот на учесниците во колониите е зголемен за 25.6 % во споредба со 2024 година.

Струмица - Во Струмица денеска почна уривањето на бесправно поставената урбана опрема и на објекти кои биле подигнати на јавни површини. Акцијата почна со уривање на објекти на Плоштадот „Гоце Делчев“ и долж струмичкото корзо на улицата „Благој Мучето“. Уривањето го врши механизација на ЈПКД „Комуналец“ со засилено полициско обезбедување.

Според кусата информација од Општинскиот инспекторат, денеска истекувал законскиот рок кој бил даден на сопствениците сами и на свој трошок да ги отстранат бесправно подигнатите објекти.

Охрид - Над 2.400 тркачи од 31 држава од светот ќе учествуваат на деветтото издание на спортската манифестација „Охрид трчаТ“ што викендов ќе се одржува во Охрид.

Скопје - Утре и во сабота ќе дува умерен до засилен северен ветер и ќе има изолирана појава на пороен дожд, соопшти УХМР.

Од недела следува период на претежно стабилно и топло време со значителен пораст на дневните температури, кои ќе достигант до 35 степени Целзиусови.

Скопје – Во Скопје, од 26 до 29 јуни годинава ќе се одржи Европското првенство во џудо за кадети. Еден од најголемите меѓународни настани во Македонија во 2025 година ќе се одвива под слоганот „Младите ѕвезди на иднината“.

Претседателот на Џудо федерацијата на Македонија, Владимир Трпаноски очекува рекорден број учесници на еден ваков турнир и можност за промоција на нашата земја. 

Сараево - „Оваа конференција стана клучна регионална платформа, место за дијалог, споделување на наученото и колективна акција. Оваа година, нашата тема е ‘Зајакнување на медиумската одржливост за информирани и отпорни општества’, што ја нагласува клучната улога на одржливите медиуми во зајакнувањето на демократијата и општествената отпорност“, истакна Јан Брату, претставник на ОБСЕ за слобода на медиумите, на отворањето на Десеттата Конференција за медиуми во Југоисточна Европа (SEEM), што денеска започна во Сараево.

Брисел - Гувернерот на Народната банка на Словачка (НБС), Петер Кажимир е осуден за обид за давање поткуп и казнет со 200.000 евра. 

Според пресудата, Кажимир е прогласен за виновен по обвинението дека во 2016 година, кога бил словачки министер за финансии, се обидел да го поткупи тогашниот прв човек на Финансиската управа на Словачка, Франтишек Имреч со 48.000 евра, со цел забрзување на даночните постапки за компании во сопственост на неговиот пријател, Ладислав Рехак. 

Газа – Најмалку 23 луѓе загинаа во израелски напад врз централниот дел на Појасот Газа. При нападот била погодена и зграда во бегалскиот камп Ал Буреиџ, јави Палестинската новинска агенција УАФА (WAFA).

Според Агенцијата во израелските напади врз палестинската енклава од утрово загинале најмалку 37 луѓе.

Претходно, палестинските власти соопштија дека во израелските напади во текот на ноќта загинале најмалку 13 лица.

Москва – Руски суд денеска осуди двајца агенти на украинските специјални служби на 19 и 25 години затвор за шпионажа и подготовка на терористички напад, соопшти руската Федерална служба за безбедност (ФСБ).

Се наведува дека украинскиот државјанин Олег Сергеевич Заболотни, кој е осуден на 25 години, и рускиот државјанин Максим Александрович Волга, осуден на 19 години, биле уапсени во август 2023 година.

Париз – Белоруската тенисерка Арина Сабаленка сака да игра на најголемите терени до крајот на кариерата.

Белорусинката вчера ја победи Швајцарката Жил Теикман на теренот „Сузан Ленглен“ и се пласираше во третото коло на Ролан Гарос.

Со тоа што е број 1 во светот Сабаленка има привилегија да игра на  најдобрите терени.

Тагови

Остани поврзан