30 мај 2025
Скопје - Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова на маргините на Меѓународниот Астана форум во Казахстан остварила средби со Бан Ки Мун, поранешен генерален Секретар на Обединетите нации и актуелен претседавач со Советот на Институтот за глобален зелен раст, со Кристоф Хојсген - поранешен претседавач со Минхенската безбедносна конференција и со Фелипе Полие, помошник генерален секретар на ЕУ за младински прашања.
Скопје - Од Јавното обвинителство денеска соопштија дека во рамки на истражната постапка за пожарот во дискотеката „Пулс“ која што официјално заврши, собрани се огромен број на докази. Прибрани се материјални докази и документација, обезбедени се детални обдукциски вештачења и извршени се распити на околу 400 сведоци и оштетени, а испитани се и осомничените.
Скопје - Верувам и се залагам за институции што се отпорни на клиентелизам и нефункционалност. Соработката со професионалци како Вас, кои работат без политичка агенда, е клучна за јавна администрација што ќе служи на граѓаните, а не на партиите, истакнал министерот за јавна администрација, Горан Минчев, во неговото обраќање на денешната тркалезна маса по повод одбележувањето на 25-годишнината од основањето на Асоцијацијата на менаџмент консултантите на Македонија – МКА 2000.
Скопје - Не би сакал да навлегувам во деталите, ниту да влијаам на постапката. Знам дека има предмет во Државната комисија за спречување на корупцијата, се работи на него и ги оставам службите да си ја завршат својата работа, рече денеска директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев.
Одговорајќи на новинарски прашања по промоцијата на документите „Национален концепт за полициско работење во заедницата“ и „Национален прирачник за полициско работење во заедницата“, Јанев изрази надеж дека тие што изнесуваат невистини ќе се извинат.
Софија - Бугарското Собрание денеска усвои нова резолуција за напредокот на земјава во процесот на пристапување кон Европската Унија. Резолуцијата била едногласно поддржана со 194 гласови „за“.
Во резолуцијата, поднесена од Тошко Јорданов (ИТН) и група пратеници, се наведува дека Бугарија останува целосно посветена на европскиот консензус од јули 2022 година и ги повикува властите во Република Северна Македонија строго да ги спроведуваат договорите што ги прифатиле, јави БТА. Во резолуцијата се наведува дека се неприфатливи какви било обиди во рамките на форматите и институциите на ЕУ за повторно преговарање, заобиколување или игнорирање на елементи од веќе постигнатите договори.
Охрид - Завршува рехабилитацијата на магистралниот пат Охрид – Свети Наум во должина од 24,3 километри, инвестиција од 11,7 милиони евра, информира Јавното претпријатие за државни патишта.Според информацијата, во завршна фаза е поставувањето на вертикалната и означување на хоризонталната сигнализација, а привршува и поставувањето на еластичната одбојна ограда.
Кавадарци - Кавадарчанец бил лишен од слобода по пријава за вознемирување и навредување на поранешната партнерка, информираа денеска од Сектор за внатрешни работи Велес.
- Синоќа во 18:15 часот, полициски службеници од ОВР - Кавадарци, го лишија од слобода Б.Н., на возраст од 45 години, по претходна пријава од 38-годишна кавадарчанка. Според пријавеното, Б.Н., со кого пријавителката претходно била во врска, ја вознемирувал и ја навредувал, појаснија од СВР - Велес.
Скопје – Итни измени во Изборниот законик што во моментот не ги вклучува можностите за независните кандидати и кандидатски листи на претстојните локални избори побараа денеска претставници на „Независни граѓански иницијативи“: „Зелен хуман град“,Град Скопје, „Шанса за центар“, „Независни за Карпош“, „Поинаку“, Битола, „Зелените“ од Гази Баба, „Подобро за Тетово“ и „Стига“ од Струмица, Босилово и Ново Село.
Скопје - Полициски службеници од СВР Скопје вчера го лишиле од слобода К.А. (20) од Кочани поради основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“, извршена на 06.05.2025 во угостителски објект во Скопје, на подрачје на Центар, од каде одзел повеќе предмети.
По документирање на случајот, соопштија денеска од МВР, ќе биде поднесена соодветна пријава. СВР Скопје ќе поднесе соодветни пријави и против С.К. (42) од Скопје поради сторени кривични дела „кражба“ и „одземање на моторно возило“.
Скопје - По повикот на премиерот Христијан Мицкоски кој вчера на седницата за пратенички прашања ја повика опозицијата да поддржи измени на Изборниот законик за една изборна единица, денеска лидерот на Социјалдемократскиот сојуз Венко Филипче изјави дека се подготвени да разговараат за предлогот, но дека за ваквиот предлог треба да се разговара со сите политички партии.
Тетово – Неколку десетици лица ангажирани со договори за дело во Клиничка болница Тетово во кругот на установата одржаа јавен протест поради неисплатени хонорари и тоа што не добиле нови договори. Според нив, станува збор за над 140 луѓе кои се ангажирани како медицински сестри и техничари, болничари и администрација, кои веќе трет месец очекуваат да добијат нов договор на дело, како и исплата на хонорари за два месеци. Се бара и трајно решение, односно нивно вработување на неопределено време.
Скопје - Под мотото „Точната дијагноза го менува животот: глобален повик за рана и прецизна дијагноза на МС“, Националното здружение за мултипла склероза организираше настан по повод Светскиот ден на мултипла склероза, кој секоја година се одбележува на 30 мај.
Битола - Ајшенур Карадениз од турскиот град Трабзон е избрана за најдобра учесник, млад ликовен уметник на годинешната меѓународна детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“. Со одлука на меѓународното жири за најдобро училиште е прогласено ателјето „Артино“ од Белград, а на денешното свечено затворање посебни признанија добија и 13 индивидуалци од исто толку држави во светот.
Дебар - Во организација на општината, со низа активности, утре, на главниот плоштад „Гоце Делчев“ во Пустец ќе биде означен почетокот на туристичката сезона.
Градоначалникот Пали Колефски преку видеопорака упати јавна покана за присуство на свеченото отворање, во 11 часот, што ќе се одржи, како што наведува во прекрасна атмосфера.
Белград - Студентите во блокада најавија за попладнево во Белград протест под мотото „Сакаме избори“ во обид да издејствуваат парламентарни избори за кои тоа движење првпат побара во печотокот на мај нагласувајќи тогаш дека демократијата е единствениот излез од кризата. Оттогаш досега, властите во државата постојано укажуваат дека нема потреба од избори.
Подгорица – Во Бијело Поље, Црна Гора, потврден е првиот случај на лептоспироза, болест која се пренесува од заразени животни на луѓе, потврди денеска црногорскиот Институт за јавно здравје.
Како што е наведено, од 2015 до мај 2025 година, во Црна Гора се регистрирани 18 случаи на оваа заразна болест, но нема пријавени смртни случаи. Ова, како што нагласија, укажува на тоа дека болеста е под контрола кога навремено се дијагностицира и лекува, пренесува РТЦГ.
Букурешт – Големите поплави, предизвикани од обилни врнежи, кои ја погодија Романија вчера се закануваат да го уништат рудникот за сол Праид, кој се смета за еден од најголемите резервоари на сол во Европа.
Станува збор за најлошите поплави во последните 30 години, и поради тоа властите го затворија рудникот во централниот романски округ Харгита, бидејќи надојдениот поток во близина поплави дел од рудникот.
Брисел - Европската Унија и шест нејзини земји членки во Обединетите нации ги депонираа своите инструменти за ратификација на Договорот за заштита на отвореното море, информира Мисијата на ЕУ при ОН.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, со ова, покрај ЕУ, кон Договорот се придружија и Кипар, Летонија, Португалија, Словенија, Унгарија и Финска, откако на почетокот на годинава тоа го сторија и Франција и Шпанија.
Брисел - Европската Унија го поздравува првиот полугодишен извештај на новиот шеф на Мисијата на ОБСЕ во Косово, Џерард Мекгарк и ја нагласува важноста на нејзините активности за унапредување на односите меѓу заедниците и заштита на правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата и ранливите групи, соопшти Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).
Сингапур – Претседателот на Франција, Емануел Макрон денеска изјави дека признавањето на палестинската држава „не е само морална должност, туку политичко барање“.
Тој на прес-конференција во Сингапур наведе дека Европа мора „да го заостри својот колективен став“ против Израел „ако во следните часови или денови нема соодветен одговор на хуманитарната ситуација“ во Појасот Газа, ЕУ ќе мора да ги примени своите правила и да примени санкции кон Израел.
Ајзенхутенштат - Германскиот град Ајзенхутенштат, којшто се наоѓа на границата со Полска, нуди 14 дена бесплатен престој, сместување и можности за работа, со цел да привлече нови жители и да ја обнови заедницата, пренесува „Н-1“. Апликациите се отворени до почетокот на јули.
„Проектот е наменет за сите заинтересирани да се преселат во Ајзенхутенштат - како што се патници, луѓе заинтересирани да се вратат во градот, квалификувани работници или самовработени луѓе кои бараат промена на живеалиштето. Тие ќе имаат можност да го запознаат животот, работењето и заедницата (на Ајзенхутенштад) за време на 14-дневен пробен престој - бесплатно и во центарот на градот“, соопштија властите.
Њу Делхи – Во експлозија во фабрика за производство на петарди во селото Сингевала, област Муктсар во Пенџаб, загинаа пет работници, а 29 се повредени, јави денеска „Хиндустани тајмс“.
Во фабриката за производство и пакување петарди, која се наоѓа близу границата со Харијана, вработените се претежно мигранти.
Експлозијата, која се случила утрово околу еден часот, предизвика уривање на целата фабричка структура.
Мадрид – Доскорешниот тренер на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, во денешното интервју за весникот „Марка“ изјави дека го напуштил клубот поради резултатите кои биле под очекувањата, а потоа го презел Бразил бидејќи станува збор за „најдобрата репрезентација на светот“.