• понеделник, 22 април 2024
МИА Флеш

8 февруари 2023

 

Скопје - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска се сретна со Стефан Дион, специјален пратеник на премиерот на Канада, Џастин Трудо, за Европската Унија и амбасадор на Канада во Франција и Монако.На состанокот била изразена јасна поддршка за правецот во кој се развива нашата држава и очекување дека Република Северна Македонија ќе продолжи со натамошните чекори во евроинтеграциите, по членството во НАТО.

 

Скопје - Пред објавување на конечниот договор околу проширувањето на владиното мнозинство, лидерот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски ќе одржи средба со претставници на сегашните коалициски партнери на која ќе ги информира што е договорено за влез на Алијансата за Албанците во Владата, дознава МИА од партиски извори.

Премиерот Ковачевски на средбата со лидерот на Алтернатива Африм Гаши се очекува да го информира за текот на преговорите со Алијансата за Албанците за влез во Владата, како и за понудата за останување на партијата во владиното мнозинство.

 

Скопје - Секој во државата е добредојден ако и мисли добро и доколку има чисти и добри намери. Верувам дека односите ќе продолжат и ќе се вратат во позитивен дух и дека ќе зборуваме за иднината, за младите генерации, за тоа што 30 години не било направено, а сега го правиме преку разни програми, мерки и политики, како и дека државата ќе оди напред и ќе се оствари клучната стратегиска цел – членството во ЕУ. Тоа е побитно од кој било статус или некакви коментари кои за мене се беспредметни.

Вака министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска одговори на новинарско прашање во врска со обвинувањата на социјалните мрежи дека „го издал“ името на полицаецот кој на 4 февруари, кога се чествуваше раѓањето на Гоце Делчев, бил на граничниот премин „Деве Баир“ по апелот дека за него се даваат 200 евра.

 

Скопје - Сè уште немаме конкретен предлог на маса за нашите позиции во идната влада доколку би се формирала, рече денеска министерот за здравство Беким Сали одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.

Министерот додаде дека доколку има проширување на мнозинството, сè уште немаат информација ниту кои се позициите кои Алијанса за Албанците ги има обезбедено и затоа, како што рече, „не можам да коментирам кои се нашите позиции“.

 

Скопје - Последните случувања во македонско-бугарските односи влијаат и на работата на заедничката Комисија за историски и образовни прашања, смета нејзиниот копретседател Драги Ѓоргиев. Вели дека се забележува тенденција односите меѓу Скопје и Софија на одредени периоди циклично да бидат нападнати со цел да се наруши некој краток континуитет од мирен период.

- Не може да останеме ние имуни на тоа што се случува во општеството и сите тие политички потреси, тензии, недоразбирања, дневнополитички препукувања, кои се случуваат циклично во македонско-бугарските односи, и тие несомнено влијаат и на работата на Комисијата. Речиси редовно во сите тие препукувања и политички изјави кои се даваат се спомнува и Комисијата, историјата, се споменуваат темите на кои работи самата Комисија и сето тоа влијае врз атмосферата во самата комисија, изјави Ѓоргиев за „Гласот на Америка“.   

 

Скопје - Во Комисијата за спогодување при Министерството за животна средина и просторно планирање вчера почна постапката за спогодување со Цементарница УСЈЕ АД Скопје, по прекршочната пријава за загадување на амбиенталниот воздух. Постапката е во тек, а по завршување на спогодувањето јавноста ќе биде информирана за конечната одлука, информира Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС).

Цементарница УСЈЕ за загадувањето на амбиенталниот воздух ќе плати парична казна, согласно законот, а висината ќе се знае по завршувањето на постапката. Компанијата по интервенцијата на ДИЖС, како што објави претходно МИА, веднаш премина на греење од мазут на гас. Од Инспекторатот за МИА појаснија дека во ваквите случаи според закон е предвидена прекршочна пријава, а доколку правниот субјект не ги испочитува барањата, се преминува кон кривична и кон постапка за одземање на дозволата.

 

Скопје - „Сите живи суштества се раѓаат со инстинкт за преживување. Пајаците, за да преживеат, ткаат мрежи. Луѓето, за да преживеат, ткаат приказни. За нас нема ништо поважно од овие приказни. Тие се сржта на нашиот живот, ‘рбетот на нашиот идентитет.“ Оваа порака на Горан Стефановски, која минатата година беше преведена на сите јазици на Европската Унија, ќе биде преведена на уште неколку други јазици, меѓу кои и на виетнамски, корејски, турски, руски и српски.

Пораката на Стефановски минатата година беше преведена на јазиците на ЕУ по повод 70 години од неговото раѓање, со проект на Делегацијата на ЕУ во Скопје и во соработка со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ).

 

Скопје - Во чест на 70-годишнината од формирањето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје и 120-годишнината од излегувањето на македонската „златна“ книга „За македонцките работи“ на Крсте Петков Мисирков, утре  во амфитеатарот на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ ќе биде одржана промоција на книгата „Крсте Петков Мисирков – македонскиот меѓник“ (прво и второ изменето и дополнето издание) на публицистот, политиколог и новинар на Македонското радио - Радио Скопје, Свето Стаменов.

Првото издание,  чиј тираж е веќе исцрпен, беше објавено во 2020 година по повод 90-годишнината од смртта на Крсте Петков Мисирков и 115–годишнината од објавувањето на неговата книга „За македонцките работи“, додека второто изменето и дополнето издание, кое беше објавено пред само два – три месеци, е посветено на 95-годишнината од смртта на Крсте Петков Мисирков, според многумина, најзначајниот Македонец на XX век.

 

Струмица - Струмичкиот театар „Антон Панов“ сите пари собрани од продадените билети за месец февруари ќе ги донира за помош на настраданото население погодено од катастрофалните земјотреси во Турција и Сирија.

Ова го соопшти директорката на НУЦК „Антон Панов“, Танкица Стојанова, која упати апел да публиката да дојде во театарот и на тој начин да ја искаже својата хуманост.

 

Скопје –  Грција денеска испраќа втор спасувачки тим во Турција за дополнително да помогне во спасувачката акција по силниот земјотрес од понеделникот, објавија грчките медиуми.

Според истите информации, од Солун заминува тим од 15 пожарникари од специјалната спасувачка единица со едно куче спасувач и две возила, заедно со инженер од противпожарната служба и три лекари и спасувачи од Брзата помош. 

 

Анкара - Нов земјотрес со јачина од 4,9 степени е регистриран во Турција утрово во 8 часот и 48 минути.

ЕМСЦ наведува дека епицентарот бил на длабочина од 40 километри и на 26 километри оддалеченост од градот Гоксун, каде живеат околу 34.200 луѓе.

 

Анкара - Бројот на жртвите од разорниот земјотрес во Турција се зголеми на 6.957, соопшти Управата за вонредни состојби. Повредени се 38.224 лица, јави Анадолија.

Тешко е да се потврди бројот на загинати во Сирија, но нејзините државни медиуми и спасувачките служби кои работат во северозападниот дел велат дека тој број надмина 2.500.

 

Истанбул - Двата земјотреса со епицентар во Кахраманмараш, јужна Турција, и со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала, предизвикаа поместување на копнената маса во Турција за три метри, изјави директорот на сеизмолошката опсерваторија Кандили во Истанбул, проф. Халук Јозгенер.

„Преживуваме вистинска природна катастрофа, досега невидена. Во еден ден имаше два земјотреса еден по друг со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала. Земјината маса се помести за цели три метри“, изјави Јозгенер.

 

Подгорица - Сојузот на опозициските црногорски партии сè уште се договара кој ќе биде кандидат на претстојните претседателски избори, како и дали тоа ќе биде партиска или непартиска личност, изјави претседателот на Црна Гора и лидер на Демократската партија на социјалистите (ДПС), Мило Ѓукановиќ.

Тој најави дека наскоро ќе излезе со предлог за кандидат, а не се изјасни дали ќе се кандидира за функцијата, туку истакна дека има уште време за тоа, пренесе РТЦГ.

 

Париз - Француските земјоделци денеска влегоа со стотици трактори во Париз за да протестираат против забраната за примена на пестициди и другите еколошки прописи за кои предупредуваат дека го загрозуваат земјоделското производство во најголемата земјоделска сила во Европската унија.

Акцијата следи по одлуката на судот на ЕУ минатиот месец со која се поништи француската политика која им дозволуваше на одгледувачите на шеќерна репка да го користат забранетиот инсектицид. Тоа предизвика загриженост кај одгледувачите на шеќерна репка поради дополнителното намалување на земјоделските култури и затворање на фабриките за шеќер.

 

Брисел - Државите од НАТО, како и Финска и Шведска, доставуваат помош на Турција по разорните земјотреси. Повеќе од 1.400 спасувачи од повеќе од 20 земји се испратени во Турција за да им помогнат на своите 53.000 турски колеги, се вели во соопштението на Алијансата.

Во погодените подрачја се испратени екипи за пребарување и спасување, пожарникари и инженери, лекари и сеизмолози. Сојузниците се подготвени да обезбедат дополнителна помош, додаде портпаролот на НАТО, Оана Лунгеску.

 

Вашингтон - Американскиот Стејт департмент ја одобри потенцијалната продажба на ракети и ракети со долг дострел на Полска во зделката вредна 10 милијарди долари, соопшти Пентагон.

Британските медиуми пренесуваат дека против-воздушниот артилериски ракетен систем ХИМАРС (HIMARS),  според украинските власти, се покажал како многу ефикасен во уништувањето на руските складишта за оружје и командните центри.

 

Маврово - На падините на Маврово денес и утре ќе се одржи традиционалниот 59-ти Мавровски меморијал, кој воедно е и дел од ФИС Балкан купот.

„Мавровски меморијал“ e најстариот скијачки куп на Балканот и еден од најстарите ски купови во Европа и светот, а оваа година се одржува по 59-ти пат во организација на Скијачката федерација на Македонија и Меѓународната скијачка федерација (ФИС).

 

Скопје – Кошаркарот на МЗТ Скопје Аеродром, Кеандре Кук е прогласен за најкорисен играч во 18. коло на регионалната АБА-лига.

Кук доминираше на теренот во Арената „Јане Сандански“ во саботниот натпревар на македонскиот шампион против Цедевита Олимпија.

 

Брисел - Доменико Тедеско е назначен за селектор на белгиската репрезентација. Договорот со 37-годишниот Италијанец е со важност до крајот на Евро 2024 година.

Задачата на Тедеско е да ја однесе Белгија на Европското првенство.

 

Буенос Аирес – Претседателот на Аргентинската фудбалска федерација (АФА), Клаудио Тапија изјави дека Аргентина, Уругвај, Чиле и Парагвај поднеле заедничка кандидатура за домаќин на Светското првенство во 2030 година.

- Денес е многу важен ден за историјата на нашите четири земји. Сонуваме повторно да бидеме домаќини на Светското првенство на стогодишнината. Сите ние Јужноамериканците сме многу страсни, живееме за фудбалот. Знаеме дека ова е многу голема посветеност и дека треба да му докажеме на светот дека Аргентина, Уругвај, Парагвај и Чиле се способни да бидат домаќини на Светското првенство во фудбал во 2030 година. Поддржани сме од претседателите на сите 10 федерации кои го сочинуваат КОНМЕБОЛ, изјави Тапија.

 

Феникс - НБА-лигашот Феникс санс на официјалниот сајт објави дека американскиот бизнисмен Метју Ишбија станал нов сопственик на клубот.

Бизнисменот беше на чело на бордот на Феникс санс (НБА) и Феникс Меркјури (женска НБА), а неговиот брат Џастин Ишбија стана вториот најголем акционер и заменик-менаџер.

 

Лондон – Најголемиот број клубови од Премиер лигата сакаат Манчестер сити да биде исфрлен од лигата доколку бидат прогласени за виновни за кршење на финансиските правила во текот на девет сезони, објави „Скај спортс“.

Во случај Манчестер сити да се докаже дека е виновен, нема да има многу симпатии кон нив. На санкции во односот на „Граѓаните“ најмногу инсистираат клубовите од таканаречената „голема шесторка“. Покрај Манчестер сити, во неа се Манчестер јунајтед, Ливерпул, Арсенал, Челзи и Тотенхем.

 

Скопје - Ќе продолжи периодот на стабилно и студено време со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во постепен пораст.

Најстудено ќе биде во петок и во сабота кога температурите ќе се спуштат и до -12 степени. Како што најавуваат од УХМР, зголемување на облачноста со услови за провејување на слаб снег ќе има во недела. 

 

Остани поврзан