• петок, 19 април 2024
МИА Флеш

8 февруари 2023

 

Скопје - Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска оствари проштална средба со амбасадорот во заминување на Република Словенија во Република Северна Македонија, Милан Предан.На средбата, вицепремиерот Битиќи изрази задоволство и благодарност од досегашната соработка, како и успешноста на билатералните односи помеѓу двете земји, како и за поддршката која Словенија и ја дава на нашата земја во евро-интеграциските процеси.

 

Скопје - Советот на Град Скопје на денешната вонредна седница одлучи да додели парична помош во вкупен износ од шест милиони денари за настраданите од катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија, односно по три милиони денари за двете земји.

Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, на денешната седница посочи дека паричната помош ќе се реализира преку уплата на средствата на Фондот за солидарност на Црвениот крст на Република Северна Македонија.

 

Скопје – Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на новинарско прашање да даде коментар за секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков, кој по претепувањето во Охрид со бугарски владин авион беше пренесен на лекување во болница во Софија, и најавата дека ќе добие бугарско државјанство, рече дека Софија го исполитизирала случајот за да добие поен плус во предизборната кампања.

- Состојбата со тоа што денеска овој човек стана ВИП личност во Софија, дава одговор дека целата оваа ситуација е политизирана. Но јас кога би бил бугарски државјанин и кога ќе го видам Пендиков дека е ВИП личност, односно ужива поголеми права од мене, би се засрамил од раководството на мојата држава. А тоа за жал се уште е техничко раководство таму, но и би се засрамил и од политичарите на мојата држава, кои даваат поддршка на тој човек што воопшто не го познаваат. А доколку се потруделе нешто повеќе да дознаат за тој човек, ќе дознале дека тој заслужува се, само не ВИП третман и ќе дошле до заклучокот дека станува збор за човек кој не ужива никаков углед во средината во којашто е растен. И ако малку повеќе се распрашале, ќе ја дознаеле вистинската причина зошто се случил тој инцидент, рече Мицкоски.

 

Скопје – Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не очекува влезот на Алијанса за Албанците (АА) во Владата да ги промени работите, туку, како што изјави денеска од Општина Петровец, истите ќе ги влоши. 

- Се губи надежта кај граѓаните, дека може нешто да биде подобро. Дали АА ќе влезе или не тоа е претпоставувам одлука на раководството на АА, одлука на коалицијата СДСМ - ДУИ и за десетина месеци колку имаат пред нив и под услови да нема предвремени не очекувам нешто повеќе да се променат работите, туку ќе бидат се полоши, ќе имаме неколкумина побогати политичари, а народот буквално нема да добие ништо, рече Мицкоски.

Скопје - Дојави за поставени бомби попладнево се пристигнати на електронските адреси на 12 средни училишта, неколку трговски центри, МРТВ и Транспортниот центар. 

- Денеска (8.2.2023) околу 13.20 часот во СВР Скопје било пријавено дека на електронските адреси на 12 средни училишта, како и на МРТВ, Транспортен центар, ГТЦ, Џевахир Сити, ТЦ Ист Гејт, ТЦ Сити Мол е упатена закана за поставена експлозивна направа, информира Министерството за внатрешни работи.

 

Скопје – Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска рече дека не може да ги коментира цените на основните прехранбени производи, но очекува, како што изјави, нивно намалување согласно поддршката за струјата што ја добија компаниите од преработувачката индустрија.

- Не можам да ги коментирам цените, но очекувам нивното намалување по целокупната поддршка за струјата што ја добиваат компаниите од прехранбената индустрија да не е осум или десет проценти. Сите како граѓани очекуваме намалување на цените. Преработувачката индустрија доби дополнителни привилегии во делот на цената на електричната енергија и јас, како и сите граѓани, очекувам дека тоа на крајот ќе се види во маркетите, особено кај основните продукти чии цени граѓаните навистина очекуваат да бидат намалени, рече Николовски, одговорајќи на новинарски прашања пред средбата со малите производители на храна од „Алијанса Премиум“.

 

Скопје - Пад на поддршката за евроинтеграциите, перцепција за висок степен на корупција, слаба доверба во институциите, недостиг на владеење на правото и голема партизација во општеството, покажуваат резултатите од анкетното истражување „Евробарометар 2022“, спроведено од 12 до 27 декември минатата година во телефонска анкета врз репрезентативен примерок од 1.006 испитаници од страна на „Брима“ за потребите на Центарот за европски стратегии „Евротинк“.

Вкупно 61 процент од испитаниците сметаат дека во земјава нема демократија, 72 отсто сметаат дека државата се движи во погрешна насока, а според 71 отсто од нив институциите лошо ја водат борбата против корупцијата. 

 

Скопје – Дизел-горивата од ноќеска на полноќ поевтинуваат за два до 2,5 денари за литар, а цената на бензините останува иста, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ). Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,16 отсто.

Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,5 денари и ќе изнесува 76 денари за литар, а цената на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува за два денари и ќе изнесува 75 денари за литар.

 

Скопје - Бизнис-план во земјоделството и поддршка за малите дестилерии, се двете нови мерки кои стартуваат оваа година, најави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Како што истакна Николовски пред средбата со членовите на „Алијанса Премиум“, годинава ќе продолжи и финасиската поддршка за малите семејни винарии.

 

Скопје - Македонските премиум-производи имаат врвен квалитет, немаат проблем со пласманот и се нешто со кое навистина треба да се гордееме. Но, ако тие се спакувани соодветно, со етикети и доколку имаат сериозен маркетинг, ќе добијат подобри цени на светските маркети, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски. 

Пред средбата со малите производители на храна, членови на „Алијанса Премиум“, Николовски апелира Собранието поскоро да ги ратификува договорите за пласман со Украина, Јордан и многу други земји кои се склучени минатата година. Во следните неколку месеци, тој го очекува, како што напомена, и договорот за обезбедување пласман и слободна трговија со Турција.

 

Скопје - Амбасадата на Република Северна Македонија во Берлин известува за можноста за добивање стипендии за летни курсеви по германски јазик во Сојузната покраина Баварија, Сојузна Република Германија во 2023 година.

Стипендиите за летни курсеви по германски јазик  (BAYHOST) во 2023 година ги покриваат трошоците за учество на курсотсместувањето и исхраната.

 

Скопје – Турција, сепак, ја прифатила понудената помош од Република Кипар за испраќање спасувачки тим, преку европскиот механизам за цивилна заштита, објавија кипарските медиуми.

Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Кипар Димитрис Димитриу на Твитер напишал дека биле информирани од европскиот механизам дека „понудата на Кипар за испраќање спасувачки тим, беше прифатена од Турција“.

 

Скопје - Милан Завков зад себе остави голем број на композиции кои се неизбришлив дел од македонската фолклорна музичка ризница и кои уште долго ќе се изведуваат на сцените и ќе бидат дел од нашето секојдневие. Тој беше брилијантен инструменталист и еден од нашите најголеми виртуози. Во иднина допрва ќе се слави неговиот лик и дело. Ова беше посочено на денешниот комеморативен собир во Фоајето на Националната опера и балет, посветен на првенецот на НУ „Танец“, врвен инструменталист и музички автор, Милан Завков, кој почина ненадејно завчера, во 61-та година од животот. 

Директорот на „Танец“ Мартин Вучиќ на денешниот комеморативен собир истакна дека Милан Завков остави трајни вредности во ансамблот на „Танец“ и неизбришливи спомени кај секој од вработените.

 

Белград - Американскиот амбасадор во Србија Кристофер Хил денеска изјави дека САД инсистираат да се спроведе сè што е договорено во Бриселскиот договор и изрази уверување дека е реално да се очекува формирање на Заедницата на српските општини до крајот на годинава.

- Основното прашање е да се позанимаваме со она што се нарекува Заедница на српски општини, што произлегува од првичниот бриселски договор, изјави Хил за телевизијата К1, нагласувајќи дека тој апсолутно мора да се спроведе за луѓето да имаат доверба во идните договори, пренесе Бета.

 

Подгорица - Комисијата за економска политика и финансиски систем на Владата на Црна Гора предложи пописот на населението да се одржи од 1 до 15 ноември годинава.
 
Како што информираат од Владата за РТЦГ, датумот зависи од утрешната владина седница и дали ќе има некакви промени, но тие не се очекуваат. Со седницата на Владата ќе претседава премиерот во техничкиот мандат Дритан Абазовиќ. На 12 декември минатата година Собранието со гласовите на пратениците од парламентарното мнозинство го донесе Законот за попис на населението.
 

Анкара - Бројот на загинати во големиот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија се искачи над 11.200.

Официјални лица и медицински лица соопштија дека 8.574 луѓе загинале во Турција и 2.662 во Сирија од потресот од понеделникот од 7,8 степени според Рихтер, со што вкупниот број достигна 11.236. 

 

Приштина - Владата во Косово на денешната седница одобри три договори потпишани како дел од Берлинскиот процес, а тоа се за слободно движење само со лични карти за граѓаните на Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија, како и за признавање на дипломи и стручни квалификации од тие држави.
Владината одлука ќе биде испратена до Собранието на ратификација.

 

Париз - Француските земјоделци денеска влегоа со стотици трактори во Париз за да протестираат против забраната за примена на пестициди и другите еколошки прописи за кои предупредуваат дека го загрозуваат земјоделското производство во најголемата земјоделска сила во Европската унија.

Акцијата следи по одлуката на судот на ЕУ минатиот месец со која се поништи француската политика која им дозволуваше на одгледувачите на шеќерна репка да го користат забранетиот инсектицид. Тоа предизвика загриженост кај одгледувачите на шеќерна репка поради дополнителното намалување на земјоделските култури и затворање на фабриките за шеќер.

 

Берлин - Германскиот канцелар Олаф Шолц во говор пред Парламентот пред првата годишнина од руската инвазија ја увери Украина дека нејзината иднина е во Европската унија.

„Украина ѝ припаѓа на Европа, нејзината иднина е во Европската Унија. И ова ветување важи“, рече Шолц пред состанокот на лидерите на ЕУ во Брисел.

 

Брисел - Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент утре ќе расправа за извештаите за Србија и Косово, во кои ја повторуваат целосната поддршка за специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина и ги повикуваат Србија и Косово да работат во духот на компромисот да се постигне сеопфатен правно обврзувачки договор за нормализација на односите во согласност со меѓународното право, пренесе Бета.

Србија и Косово се повикани целосно да ги имплементираат сите релевантни договори, „вклучувајќи го и формирањето асоцијација/заедница на општини со српско мнозинство“.

 

Скопје – Македонскиот ракометен шампион Вардар за два дена го очекува натпревар со Татран Прешов во СЕХА-лигата.

На минатонеделното гостување во Словачка, „црвено-црните“ загубија со 27:23, па во возвратнио дуел посакуваат победа со пет голови разлика.

 

Гостивар  - Денеска и утре ќе се одржува 59-то издание на Мавровски меморијал меѓународен натпревар во нордиски дисциплини. Годинава, на најстариот скијачки куп на Балканот ќе учествуваат натпреварувачи од шест држави.
 
Организаторите, Скијачката федерација на Македонија и меѓународната скијачка федерација (ФИС), ги објавија поединосте за натпреварот кој е дел од ФИС Балкан купот.

Остани поврзан