• петок, 05 декември 2025
МИА Флеш

4 јуни 2025 

Скопје -  Судскиот совет на РСМ го разреши судијата Енвер Беџети кој се најде на американската „црна листа“, но тој има право на жалба. Според претседателот на Советот Александар Камбовски, ако е незадоволен од одлуката Беџети има право на жалбена постапка.

- Секој судија којшто е разрешен има право на жалба до жалбениот совет при Врховниот суд. Тоа е посебен совет кој е составен од врховни, апелациски и основи судии, рече Камбовски.

Скопје - Кога се грижиме за јазикот се грижиме и за себе, за нашите деца за споменот на нашите претци, порача министерот за култура Зоран Љутков на денешната промоција на поштенската марка изработена по повод 80 години кодификација на македонскиот јазик.

Министерот во своето обраќање посочи дека човекот без јазик е исто како дрво без корен. -Низ годините нашиот јазик изгради мостови од селските училишта до големите универзитети, од народната песна до современата книжевност, го зборуваат стари, млади, дома и во дијаспората, на улица и на сцена затоа да се грижиме за јазикот, бидејќи кога се грижиме за јазикот се грижиме и за себе си за иднината на нашите деца и на споменот на нашите претци. Особено задоволство ми е што во годината кога одбележуваме 80 години од неговата кодификација промовираме специјална поштенска марка со која му оддаваме почит на нашиот јазик, во овој свет на брзи комуникации и дигитална мерка се чини дека поштенската марка е нешто минато, но не е така таа е токму спротивното, истакна Љутков.

Скопје - Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, не го прифати предлогот на Димитар Апасиев, дневниот ред на денешната седница да се дополни со надзорна расправа за трагедијата во Кочани. Причина за неприфаќање на овој предлог, како што посочи пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, е тоа што веќе е во тек иницијатива за расправа за трагедијата во Кочани што е поднесена до Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, но се чека да заврши истрагата и да биде објавен обвинителниот акт па потоа да се расправа на темата во Собрание.

Предлог беше одбиен со девет гласа „против“ и три гласа „за“. Таа нагласи дека никој нема против да се разгледува оваа трагедија во Собранието, но смета дека е хумано и правно да се заврши со истрагата официјално, да се види обвинителниот акт, па потоа, како што рече, да имаме навистина за што тука како пратеници и народни избраници да расправаме на темата трагедијата во Кочани.

Скопје - Република Македонија во првиот квартал од 2025 година оствари реален раст на Бруто домашниот производ од 3,4%. Овој успех не е случаен. Тој е резултат на координирана и посветена работа помеѓу Владата, Собранието и парламентарното мнозинство. Законодавната поддршка што ја даваме на Владата овозможи носење на клучни реформи и закони кои директно влијаеа врз забрзан економски раст, изјави денеска на прес-конференција пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска. 

Како што истакна таа, во првиот квартал од годинава, највисок пораст е забележан во градежниот сектор, кој порасна за 13,2% во однос на истиот период лани.

Скопје  - Министерството за економија и труд соопшти дека во наредниот период ќе организира информативни денови во поголем број општини за да ги презентира мерките од Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година, како и за останатите мерки предвидени со Програмите за работа на Министерството.

На овие средби, покрај претставници од Министерството ќе бидат присутни и претставници од локалните самоуправи, Агенцијата за вработување и Агенцијата за поддршка на претприемништвото.

Белград - Белгија издаде предупредување дека е пронајден форматенат во замрзнати јагоди од Србија, објавено е на веб-страницата на Европскиот систем за брзо предупредување и известување за храна (RASFF).

Како што е наведено, консумирањето на тоа овошје би претставувало сериозен ризик за здравјето на луѓето, е наведено на веб-страницата на RASFF.

Будимпешта - Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан повторно го критикуваше евентуалното членство на Украина во Европска Унија и најави дека „сè ќе направи“ за да го спречи тоа.

Според него членството на Украина во ЕУ би наштетило на унгарските интереси и би имало последици за Европа. - Украина би го проголтала секое евро, форинта и злота што досега ги потрошивме за зајакнување на европските семејства, европските земјоделци и европската индустрија … За 10 години, не би бил мирен пред себе, пред своите деца и земјата ако не направам сè за да ги заштитам Унгарија и ЕУ од сонот на Брисел за пристапување на Украина, посочи Орбан.

Ханој - Виетнам по 37 години го укина ограничувањето за семејствата да имаат само две деца. Сега семејствата сами ќе одлучат колку деца ќе имаат.

Мерката за две деца во Виетнам беше воведена во 1988 година, но сега се суспендира поради стравот дека ниската стапка на наталитет негативно ќе влијае на економијата. Виетнам има население од околу 100 милиони, а во изминатите три години стапката на фертилитет е под потребниот праг на репродукција од 2,1, што е историски низок индикатор. Феноменот главно ги погодува главниот град Ханој и Хо Ши Мин – двата економски центри на Виетнам, каде што трошоците за живот се високи.

Пекинг - Претседателот на Кина, Си Џинпинг на денешната средба во Пекинг со белорускиот колега Александар Лукашенко изјави дека двете земји се прави пријатели и добри партнери, кои меѓусебно се однесуваат со искреност и доверба.

Си посочи дека Кина е подготвена да соработува со Белорусија на промоција на постојан развој на билатералните односи и заемно корисна соработка во мултилатерални рамки како што се Обединети нации и Шангајската организација за соработка и заедно да се спротивстават на хегемонијата и малтретирањето и да со зачуваат меѓународниот поредок заснован на правото.

Брисел - Никој никогаш не треба да помисли да нè нападне. Член 5 од Вашингтонскиот договор е непоколеблив и секој што ќе се обиде да направи нешто, ќе се увери во тоа, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

Тој истакна министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО на утрешниот состанок ќе разговараат за значително зголемување на расходите за одбрана и стекнување дополнителни капацитети.

Остани поврзан