• сабота, 21 декември 2024
МИА Флеш

   20 ноември 2024

 

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Канада со седиште во Белград, Мишел Камерон.

Посакувајќи ѝ добредојде на амбасадорката Камерон, претседателката Сиљановска Давкова, како што соопшти нејзиниот кабинет, на церемонијата на предавање на акредитивните писма изрази надеж дека за време за мандатот на амбасадорката ќе се отворат нови можности за проширување на соработката и за продлабочување на пријателството меѓу двата народа и изрази очекување за зајакнување на врските помеѓу двете држави.

Скопје – Судскиот совет на денешната 505. седница ја промени ранг листата на кандидатите за избор на судии за Апелациониот суд Битола, по поднесена жалба од страна на судијата Кирил Јовановски од Основниот суд Битола.

Како што беше посочено на денешната седница, поради техничка грешка во пресметката при бодирањето на судијата му биле скратени пет бода, со што наместо 69,54 бода му биле запишани 54,54 бода.

Членот на Советот Антоанета Димовска посочи дека судијата во жалбениот навод дополнително вели дека за познавање на англиски јазик треба да добие 15 бода, а не 5 бода, бидејќи, како што навел во жалбата, со пријавата приложил и сертификат за познавање на англиски јазик ниво C1.

Скопје - Заклучно со октомври, четириесетина претставки од областа на животната средина оваа година стигнале во канцеларијата на Народниот правобранител. Половината од нив се за квалитетот на воздухот, а другите 20-ина се за други аспекти за загрозена животна средина.

Ова го соопшти народниот правобранител Насер Зибери кој денеска и утре е домаќин на Меѓународна конференција „Народните правобранители и националните институции за човекови права и животната средина“ која се организира во рамките на проектот „Зголемување на улогата на Народниот правобранител во еколошката правда“. Проектот е финансиран од Министерство за надворешни работи на Норвешка и се спроведува во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП и Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права на ОН во Скопје. 

Скопје - Вредноста на синдикалната минимална кошница за месец ноември 2024 година изнесува 62 021,00 денари, информираат од Сојузот на синдикати на Македонија.  Со изнајмен стан од 60 квадрати за месец ноември изнесува 77 396,00 денари.

Споредено со вредноста на синдикалната минимална кошница за месец октомври 2024 година која изнесува 61 249,00 денари е зголемена за 772,00 денари.

-Од податоците на вредноста на Синдикалната минимална кошница евидентно е дека некој се богати на грбот на граѓаните и работниците, а не ги почитува мерките на Владата кои се креираат за да се помогне на граѓаните со ниски примања, велат од ССМ.

Скопје – По повод Светскиот ден на детето - 20 Ноември, денеска кај фонтаната „Лотосов цвет“ во Градскиот парк во Скопје е поставена уметничка инсталација на младиот уметник Озбек Ајваз. Таа е симболичен потсетник дека секое дете заслужува приватен и безбеден простор за раст и развој. Уметничката инсталација ќе биде изложена до 15 часот.

Ајваз во соработка со Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА) и Македонското здружение на млади правници (МЗМП) организираат герила акција под наслов „Моето детство е моја приказна“. Оваа акција, како што наведуваат, има за цел да ја подигне свеста за значењето на дигиталната приватност на децата и да ги поттикне родителите и општеството на одговорно и свесно однесување кое ќе придонесе кон безбедноста и добросостојбата на младите во онлајн просторот.

Скопје - На Светскиот ден на детето - 20 Ноември, Фондацијата за образовни и културни инцијативи „Чекор по чекор“ и Народниот правобранител во Северна Македонија почнуваат кампања „Сите права за сите деца“ со подготвено едукативно видео за правата на децата. 

Како што соопшти Фондацијата, видеокампањата е дел од проектот „Децата на 1-во место!“, финансиран од Европската Унија, и ќе се реализира од декември  2024 до јуни 2025, во партнерство со Одделот за заштита на правата на детето и лица со попреченост при канцеларијата на Народниот правобранител и основните училишта вклучени во проектот.

Скопје - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков присуствува на Првиот министерски состанок за засилена климатска акција во туризмот во Баку, Република Азербејџан, кој се одржува во рамки на 29. Конференција на страните на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени – КОП29.

На овој висок собир, како што информира Министерството за култура и туризам, министрите разговараат за усогласување на политиките во областа на туризмот со ублажување на климатските промени и усвојување мерки за адаптација.

Скопје - Приватните превозници во Град Скопје „Јофи Бус“, „Вестор Транс“, „Радос Компани“ денеска преку соопштение апелираат до надлежните веднаш да се направи проширен состанок со цел решавање на проблемот со јавниот градски превоз.

- Сведоци сме на состојбата со јавниот градски превоз во Градот Скопје која се влошува од ден на ден. Повторно упатуваме јавен апел до надлежните веднаш да се направи проширен состанок со цел решавање на проблемот со јавниот градски превоз. Приватните превозници располагаат со 200 автобуса кои не се максимално искористени и со кои можеме да го надополниме недостатокот на автобуси на ЈСП, се вели во соопштението.

Скопје - Во Основен кривичен суд Скопје во врска со случајот со убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски денеска на предлог на обвинителството сведочат познаници на обвинетиот Љупчо Палевски.

Сведокот Ерол Османи, изјави дека се познава со Палчо во време на издавање на дневниот весник „Глобал“.

-Тогаш бев повикан од неговите издавачи да помогнам во издавање на весникот затоа што не одеше како што треба, рече тој, дополнувајќи и дека откако се затворил весникот останале во комуникацијата и биле пријатели.

Според неговото сведочење, тие биле во контакт и лани, кога Османи го побарал за сервис на котел за греење.

 

Скопје - Од јануари заклучно со 31 октомври 2024 година Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) има издадено лиценци за нови фотоволтаични централи со вкупно инсталирана моќност од скоро 272 мегавати.

Согласно РКЕ, за десет месеци низ регулаторниот филтер поминати се вкупно 254 барања од приватни инвеститори кои ја имаат комплетирано потребната документација и за кои се издадени лиценци за нови фотоволтаични централи за производство на електрична енергија од обновливи извори.

Скопје - Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по местимично влажни коловози. Сите патни правци во државата се проодни.

На одредени патни правци кои поминуват низ клисури и усеци можна е појава на поситни одрони.

Скопје - Утре времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Ќе дува умерен до засилен северозападен ветер.

 Минималната температура ќе биде во интервал од - 1 до 10, а максималната ќе достигне од 2 до 13 степени.

Скопје - Во Скопје синоќа во 23.30 часот на подрачјето на Кисела Вода, полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје го лишиле од слобода М.М.(54) од Скопје.

МВР денеска соопшти дека при претрес во домот и подрумските простории на пријавениот, извршен со судска наредба, била пронајдена и одземена прашкаста материја.

Куманово - Екипите на кумановската подружница на „Национални шуми“ пошумуваат на површина во атар на село Степанце, над Кокино, соопштија денеска надлежните од подружницата. Годинава и заинтересираноста на граѓаните е на високо ниво, во акциите ќе се вклучат планинарските друштва од Куманово, извидници. Пошумувањето се одвива на површина која во 2021 година беше опожарена. Предвидено е да се пошуми површина од 51 хектар. Во 2021 година изгоре висококвалитетна шума во пожарот кој беснееше неколку дена.

Приштина – Косовскиот премиер, Албин Курти, во видео објавено на неговата страница на Фејсбук, ги претстави некои од најновите набавки на оружје за Безбедносните сили на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Курти објави дека, заедно со министерот за одбрана, Ејуп Маќедонци, синоќа посетил еден од магацините на Косовските безбедносни сили (ФСК), каде што се наоѓаат последните набавки со оружје.

Белград - Додека во Нови Сад втор ден по ред траат блокадите и протестите пред судот и обвинтелството, опозицијата во Белград паралелно има протест и блокада на стариот Савски мост, а најавена е и блокада на Бранков мост.

Претседателот Вучиќ за денес на пладне најави седница на Советот за национална безбедност, без да го посочи поводот за свикувањето, јави дописникот на  МИА од Белград.

Во Нови Сад денес се одржува втор ден од блокадатата на судот и обвинитеслтвото со цел да се побара пронаоѓање на одговорните за трагедијата во овој град, како и ослободување на политичарите и активистите кои беа затворени за време и по протестот поради падот на настрешницата на Железничката станица. Блокадата ја одбележаа бројни инциденти. Реагираше и министерката за правда Маја Поповиќ, која блокадата ја оцени како „невиден притисок врз судството во историјата на Србија“.

Брисел - Европската комисија не ги коментира безбедносните мерки за заштита на амбасадите што ги преземаат одделни земји, бидејќи тоа е во доменот на надлежностите на националните власти, изјави денеска портпаролот на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано во одговор на новинарско прашање за ставот на ЕУ за одлуката на некои држави за затворање на нивните дипломатски претставништва во Киев. 

Берлин – Германскиот министер за одбрана Борис Писториус е најпопуларниот политичар во Германија, додека актуелниот германски канцелар Олаф Шолц е меѓу најмалку популарните, пишува Политико.

Порталот тврди дека тоа навело многумина да се прашаат зошто Социјалдемократската партија на Германија (СПД) не се откаже од Шолц како главен кандидат за канцелар и не го номинира Писториус за таа функција.

Писториус истакна дека за него тоа прашање „не се ни поставува“.

Прага - Чешкиот претседател Петр Павел се надева дека одлучноста и „неодоливиот стил“ на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп можеби можат да помогнат да се натера рускиот претседател Владимир Путин на отстапки и да се отвори простор за дипломатија во војната во Украина, иако патот до мирот ќе биде долг и дека е невозможно да се постигне за 24 часа.

„Ако директниот контакт на Доналд Трамп со Владимир Путин би довел до тоа Русија да биде поподготвена на отстапки и да се даде простор на дипломатијата, тогаш тоа би бил голем чекор напред“, вели Павел во интервју за чешкиот таблоид „Блеск“.

Брисел - Европската асоцијација за изнајмување куќи за одмор (ЕХХА), којашто ги застапува платформите како што е „Ер-БНБ“ (Airbnb), поднесе жалба до Европската комисија против шпанската покраина Каталонија, поради одлуката што ѝ дозволува на Барелона, поточно на нејзините општини, забрана за краткорочно изнајмување простор за престој.

Во јуни, градоначалникот на Барселона, Жауме Колбони претстави план, според којшто, сите објекти за краткорочно изнајмување треба да престанат со работа до 2028 година. Таа одлука е донесена со цел да се намали притисокот врз пазарот на домување и да се спречи натамошно зголемување на наемот за тамошните жители. 

Бејрут – Официјалниот претставник  на либански Хезболах Махмуд Кмати денеска изјави дека секој договор за примирје со Израел, постигнат со посредство на САД, мора брзо да ги прекине борбите и да го зачува суверенитетот на Либан.

Изјавата на Кмати се смета за одговор на позицијата на Израел дека ќе продолжи со нападите врз Хезболах дури и во случај на прекин на огнот, посочуваат британските медиуми.

Токио - Јапонските власти денеска соопштија дека внимателно ќе следат дали Кина го исполнува ветувањето дека ќе спречи понатамошни нарушувања на воздушниот простор на Јапонија, откако објаснија дека упадот на кинески воен авион пред речиси три месеци бил ненамерен.

Токио протестираше и побара објаснување од Пекинг откако кинескиот извидувачки авион И-9 на 26 август накратко навлезе во јапонскиот воздушен простор кај најголемиот остров Кјушу, поради што јапонската војска подигна борбени авиони.

Москва - Руските власти уапсија германски државјанин обвинет дека планирал саботажа на енергетски објекти по наредба од Украина.

Федералната служба за безбедност (ФСБ) во денешното соопштение наведе дека го привела германскиот државјанин Николај Гајдук во моментот кога од Полска влегувал во руската ексклава Калининград и запленила половина литар течен експлозив од неговиот автомобил.

ФСБ го обвини Гајдук, жител на Хамбург, дека планирал саботажа по наредба на Украинецот Александар Жоров, кој исто така живее во Хамбург.

Москва - Кремљ денеска соопшти дека е „смешно“ и „апсурдно“ да се обвинува Русија за оштетување на два телекомуникациски кабли во Балтичкото Море.

-Смешно е со оглед на недостигот на реакција за саботажата на Украина во Балтичко Море, изјави портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков, во врска со саботажата на гасоводот „Северен тек“ во септември 2022 година, за што Москва го обвинува Киев.

Украина негираше дека е вмешана, но германското правосудство издаде европска потерница за украински нуркачки инструктор осомничен за вмешаност во саботажа.

Багдад - Првиот попис на населението во Ирак по речиси четири децении почнува денеска, а тоа предизвикува стравувања од судири во земјата која долго време е сцена на политички поделби.

Се очекува пописот да има големи импликации на распределбата на ресурсите на Ирак, распределбата на буџетот и развојното планирање.

Попис на населението во Ирак се одржа во 1987 година и во 1997 година, но не е спроведен во регионот на Курдистан, па затоа се смета за нецелосен и спорен.

Лос Анџелес - Уште една „риба на судниот ден“ се појави на плажа во Јужна Калифорнија, т.е. кај градот Енсинитас, САД - вообичаено исклучително ретка појава, но ова е вторпат оваа година. Ретката риба „рамнотелка“ (лат.: „regalecidae“; анг.: „oarfish“), пронајдена на плажата „Грандвју“, била долга скоро 10 стапки (околу три метри). Занимливо, рибата била забележана од кандидатка за доктор на „Скрипс“ Институтот за океанографија, како што објави установата на својот интернет-простор.

Рибата на многумина им изгледа како морско „митско суштество“, со долго тело налик на лента, кое може да порасне и до 10 метри, според организацијата „Зачувување на океанот“ (Ocean Conservancy).

Тагови

Остани поврзан