МИА Радио флеш
- 4 јануари 2024
4 јануари 2024
- На претседателското место во Судскиот совет повторно се врати Весна Дамева, по пресудата на Управниот суд дека не се образложени причините поради кои таа претходно беше разрешена. Нејзиниот претходник Сашко Георгиев си поднесе оставка од функцијата. Судскиот совет не дал никакви образложени причини поради кои ја разрешил Дамева од функцијата, не ги навел доказите врз основа на кои е утврдена фактичката состојба, посебно ниту утврдените факти, кои што согласно утврдената фактичка состојба упатуваат на донесување на Одлуката за нејзиното разрешување, се вели во пресудата којашто Управниот суд вчера ја објави анонимизирано.
-Во годината што измина за првпат во земјава беа воведени граѓанската и зелената обврзница како нови финансиски инструменти, а првите приноси по основ на камата се очекува да бидат исплатени во текот на оваа година. За годинава, од Министерството за финансии најавуваат воведување и на развојната и на проектната обврзница. Граѓанската обврзница, според најавите на ресорното Министерство, ќе се објавува на крајот на секој квартал, а средствата од развојната и проектната обврзница ќе бидат наменети за развојни и големи инфраструктурни проекти. Во текот на минатата година беа одржани две аукции на граѓанската обврзница и една аукција на зелената обврзница.
- Вкупно 47 пациенти со грип биле прегледани на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје од почетокот на годинава, информираше за МИА директорката Инфективната клиника во Скопје Милена Стевановиќ. Во последните 24 часа на Клиниката прегледале 22 лица со грип. На Инфективната клиника во Скопје ноќеска биле примени двајца пациенти со ковид, од кои едниот во тешка состојба, но со друга основна болест. - Имаме вкупно четири пациенти на клиниката, рече Стевановиќ. Директорот на Институот за јавно здравје Шабан Мемети за МИА информира дека вкупно 72 случаи на Ковид-19 се регистрирани од 25 до 31 декември. Најмногу од нив, 39 се во Скопје, 12 во Прилеп, 10 во Охрид.
-Во текот на изминатата недела 25.12.2023 - 31.12.2023 преземени се засилени оперативни мерки и превентивни активности во функција на поголема безбедност на граѓаните, објави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на неговиот Фејсбук профил. -Приведени се околу 50 лица по разни основи, за недозволена трговија со дрога, нарушување јавен ред и мир, непријавен престој во државата, трговија со пиротехнички средства (запленети околу 44.000), фалсификуван зелен картон за возила, поседување оружје без дозвола. По преземени мерки на СВР низ државата како и мобилната единица за безбедност во сообраќајот на патиштата, издадени се 3598 прекршочни платни налози за сторени сообраќајни прекршоци, стои на фб статусот.
-Копаоник во Србија и Банско и Боровец во Бугарија остануваат најпривлечни за зимување меѓу македонските граѓани, но годинава има голем интерес и за Врњачка бања и Соко Бања во Србија. Туристичките агенции што ги контактираше МИА велат дека и оваа зима најпродавани се аранжманите за топлите бањи и хотелите со спа и базени. Поради добрата понуда годинава најбаран е Боровец во соседна Бугарија.
- Слепите и лицата со оштетен вид во Штип за првпат ги добија сметките за вода со Брајово писмо. Оваа вест беше една од попозитивните во 2023 година. Иницијатор за остварување на ова право е претседателот на Здружението на слепи лица за општините Штип, Пробиштип, Радовиш, Карбинци и Конче, Драги Витанов. Во Штип од 85 членови на ова Здружение само пет лица ги добиваат сметките за вода на Брајово писмо. Витанов, иако на почетокот работеше на својата стара машина, не му беше тешко да ги изготвува овие сметки за своите членови.
-Словенија бележи раст на работниците кои користат боледување. Минатата година во Словенија имало рекордни 56.128 вработени на боледување, што е за 84,8 отсто повеќе од 2014 година.Болничкиот систем во Словенија нема временско ограничување и затоа не може да се споредува со другите европски земји. Таков систем во Европа има само Бугарија. -Ситуацијата е загрижувачка во последните години, предупредува Ана Водичар, раководител на областа за одлучување за права и медицински производи во Словенечкиот завод за здравствено осигурување. Рекордер во Словенија е човек кој 12 години е на боледување.
-Чешката Република вчера објави дека ги продолжува привремените гранични контроли со Словачка до 2 февруари. Чешкиот министер за внатрешни работи, Вит Ракушан рече дека проверките ќе продолжат по состанокот на владата во Прага. Чешката Република сака да се бори против нерегуларната миграција и шверцот на луѓе. Двете земји припаѓаат на Шенген зоната, во која се претпоставува дека е можно патување без пасоши. -Повеќе од 680 илјади луѓе се веќе проверени од проверките на почетокот на октомври, рече Ракушан. Повеќе од 1.100 луѓе беа вратени назад на границата. Уште 120 лица беа префрлени во Словачка како дел од договорот за реадмисија.
- Членовите на Советот за безбедност на ОН вчеравечер ги повикаа јеменските Хути да престанат со нападите врз бродовите во Црвеното Море и Аденскиот Залив и предупредија дека овие напади ја загрозуваат регионалната стабилност, глобалната слобода на навигација и снабдувањето со храна.Членовите на Советот за безбедност на ОН, за време на првиот официјален состанок на Советот за безбедност на ОН во 2024 година, побараа Хутите да го ослободат „Галакси Лидер“ („Galaxy Leader“) и неговиот екипаж, јапонски товарен брод поврзан со израелска компанија, кој беше киднапиран на 19 ноември. Американскиот претставник во ОН, Крис Лу рече дека Вашингтон верува оти ситуацијата достигнала „пресвртна точка“.
-Поранешниот американски претседател Доналд Трамп поднесе жалба до Врховниот суд на Соединетите Држави да го спроведе неговото учество на првичните избори во државата Колорадо, објави вчера предизборниот тим на Трамп, јави ДПА. Со овој потег, Трамп се обидува да ја поништи одлуката на највисокиот суд во Колорадо со која беше дисквалификуван од првичните избори во државата поради неговата улога во упадот на американскиот Капитол во Вашингтон на 6 јануари 2021 година. На 20 декември, Врховниот суд во Колорадо пресуди дека Трамп не е подобен за државните прелиминарни избори на 5 март.
-САД не забележаа дела што би претставувале геноцид во Газа, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер во врска со барањето на Јужна Африка до Меѓународниот суд на правдата (МСП) акциите на Израел во Појасот Газа да ги прогласи за геноцид. -Ова не се обвинувања што треба така лесно да се изнесуваат. Не гледаме никакви акти што претставуваат геноцид, рече Милер. Портпаролот на Стејт департментот, исто така, кажа дека не е во позиција да процени дали во палестинската енклава биле извршени воени злосторства или злосторства против човештвото, пренесуваат британските медиуми.
-Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска ќе го посети Блискиот Исток, вклучувајќи го и Израел, во време на засилени дипломатски консултации фокусирани на конфликтот меѓу израелската армија и Хамас во Појасот Газа, изјави неименуван американски извор.Според истиот извор, што синоќа даде изјава во Вашингтон, заедно со Блинкен во посетата на Блискиот Исток ќе биде и американскиот дипломатски пратеник Амос Хохштајн, пренесуваат британските медиуми.
-Голем број судски документи со кои се идентификуваат лицата поврзани со познатиот сексуален престапник Џефри Епстајн беа вчера објавени. Принцот Ендрју, војводата од Јорк, поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон, починатиот музичар, Мајкл Џексон и американскиот магионичар и илузионист Дејвид Коперфилд се само дел од луѓето споменати во документите кои беа објавени по наредба на федералниот судија, Лорета Преска. Многу од угледните личности во тие документи медиумите веќе ги идентификуваа, а некои имиња се појавија за време на судењето на партнерката на Епстајн, Гислајн Максвел, која беше осудена за трговија со луѓе за сексуални цели и отслужува 20-годишна затворска казна. Тоа што нечие име стои во споменатите судски списи не значи дека тие лица се обвинети за некакви кривични дела.
-Ако непријателот започне војна против Либан, нашата борба ќе биде без граници, ограничувања, правила и контроли... Кој ќе помисли на војна со нас ќе зажали затоа што војната со нас е многу, многу скапа, изјави генералниот секретар на Хезболах, Хасан Насрала.Тој вчера оцени дека израелското убиство на заменик-лидерот на Хамас во Бејрут е „големо, опасно злосторство за кое тие не можат да молчат“. Нападот на јужен Бејрут во вторникот вечерта, во кој беше убиен Салех ал-Арури, заменик-шефот на политичкиот комитет на Хамас, Насрала го опиша како „очигледна израелска агресија“. Тој му изрази сочувство на Хамас и порача дека ова убиство нема да остане неказнето. Насрала се закани дека нема да има „ограничувања“ или „правила“ во нивната борба доколку Израел започне војна против Либан.
-Поранешниот претседател на Сиера Леоне, Ернест Баи Корома, е обвинет за четири кривични дела, меѓу кои и за предавство. Тој е обвинет за неговата наводна улога во неуспешниот воен удар чија цел беше соборување на владата на оваа западноафриканска земја во ноември, соопшти денеска судот во главниот град Фритаун. Британските медиуми потсетуваат дека актуелниот претседател на земјата, Џулиус Мада Био, на изборите во јуни минатата година го освои вториот претседателски мандат, додека резултатите од тие избори беа доведени во прашање од САД и Европската унија.
-Научниците од фармацевтската компанија „Рош“, со седиште во Базел, Швајцарија, тврдат дека е развиен нов антибиотик - „Зосурабалпин“, што е делотворен против отпорноста на супербактеријата „Acinetobacter baumannii“. Оваа супербактерија е идентификувана од страна на Светската здравствена организација како итна закана за којашто се потребни нови антибиотици, бидејќи бактеријата брзо се шири во болниците и е отпорна на постоечките лекови. Тимот научници предводен од Мајкл Лобриц и Кенет Бредли, врз основа на проучување на околу 45.000 синтетички пептиди (молекули што досега не биле основа на повеќето антибиотици, а ги има во природата), идентификувале неколку молекули со антибактериска активност. Така е избрана една, што потоа е оптимизирана заради поголема безбедност и делотворност, пренесува порталот „Паис“ (Pais).
-Пет лица во кинески град во близина на Мјанмар се ранети вчера од залутани артилериски гранати преку границата, објавија кинеските медиуми. Властите во Женканг, град во провинцијата Јунан, потврдиле дека залутаното гранатирање од Лаукаи, област во регионот Коканг во Мјанмар, вчера попладне го погодило Нансан, град под негова јурисдикција. Во меѓувреме, како што се наведува, во болница се пренесени петмина повредени. Со години, Коканг во државата Шан во Мјанмар е нестабилен и проблематичен регион. Вооружениот конфликт меѓу армијата на Мјанмар и бунтовничките групи на северот на земјата ескалира на крајот на октомври.